Фото: Маја Јаневска-Илиева

Најавите за поддршка за купување нов стан како повод

Градежниците сметаат дека има простор за поголем раст на градежниот сектор, и тоа не само во изградба на станбени објекти, при што истакнуваат дека градежниот сектор може да придонесе за развивање на сите региони преку отворање нови работни места, но со истовремен развој и на другите економски гранки

Градежништвото повторно во подем, нови градби постојано никнуваат низ државата, а расте и бројот на одобренија за градба, што покажува дека сѐ уште има интерес за градење. Сепак, и покрај големиот број нови објекти за живеење, цените на станбениот простор исто така постојано растат, до ниво што дури зачудува, дури и збунува. Граѓаните забележуваат дека цените се превисоки, но сепак, градежниците и агенциите за препродажба велат дека „нема стан што останува непродаден во текот на долг период“.

Доминантно во нашата земја се градат станбени објекти, било да станува збор за згради со станови или, пак, за куќи, кои ги градат најчесто граѓани, секако со помош на градежни компании. Што се однесува, пак, до деловните објекти, интересот за изградба на деловни објекти е помал, можни се проекти каде што има станбени и деловни објекти заедно, како што се дел од новите трговски центри, но начелно инвестициите во деловни објекти се послаби.

Инвестициите во станови одамна станаа примамливи за македонските граѓани, кои преферираат да купуваат станови и за резерви, не секогаш само за живот, наместо да инвестираат во други модели. Сепак растот на цените на недвижностите станува проблем за дел од граѓаните, особено за оние со пониски примања, кои дури се соочуваат со тешкотии да стигнат до свој дом.

Полесно до прв стан

Ова беше причина гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, да најави нови мерки што ќе го „зауздат“ растот на цените на недвижностите. Поточно ќе им помогнат на лицата што сакаат да си обезбедат покрив над главата, но нема да ги вклучуваат сопствениците на повеќе станови.

Имено, гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, ни посочи дека новите мерки предвидуваат дека лицата што за првпат купуваат стан за живеење ќе можат да поднесат барање за кредит со значително намалено сопствено учество од проценетата вредност на станот.
– Целта е да се поддржат граѓаните што купуваат свој дом, додека кај оние што купуваат стан како инвестиција, учеството ќе се зголеми, заради намалување на притисокот врз цените и за зголемување на финансиската одговорност – појаснува за јавноста гувернерот.
Тој нагласува дека банките веќе ги препознаваат граѓаните што купуваат прв стан како помал ризик, бидејќи тие се поодговорни и кредитот го користат за сопствено живеалиште. Се очекува дека банките ќе понудат подобри услови и пониски каматни стапки за оваа категорија.

Во однос на сегашните каматни стапки, гувернерот истакнува дека тие се релативно ниски во споредба со другите пазари и дека со стабилизирањето на инфлацијата под три отсто, кредитирањето ќе стане уште поедноставно и поодржливо.

Градежниците, пак, велат дека ваквата мерка е добра мерка и дека таа ќе има навистина позитивен ефект за младите купувачи, но потенцираат дека ваква идеја бара добра стратегија.
– Инвеститорите во станбени објекти не ги интересира краткорочна добивка, туку повеќе сакаат профит од објектите што ги градат. За да успеат надлежните да обезбедат подобри услови за граѓани со пониски примања ќе треба добар план, кој веројатно ќе вклучи и изградба на државно земјиште, за да се намалат трошоците за градба – објаснува Никола Велковски, искусен градежник.

Измени на правилата на Народната банка во однос на утврдување на
кредитоспособноста на граѓаните што земаат станбен кредит

Токму вчера гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, за јавноста ги прецизираше измените на правилата на Народната банка во однос на утврдување на кредитоспособноста на граѓаните што земаат станбен кредит. А од 1 декември банките ќе можат да даваат станбени кредити за прв стан или за изградба на куќа со учество од 10 отсто од вредноста на станот, но под одредени услови. Гувернерот очекува дека постоечките каматни стапки за прв стан ќе се намалат за 0,5 до 0,75 процентни поени. Гувернерот изјави дека со новите правила се одвојуваат кредитите за прв стан, кои стануваат поповолни, од кредитите за купување стан што се смета за инвестиција, односно станови што не се наменети за живеење на сопствениците. За нив условите стануваат построги.
– За корисниците на станбени кредити наменети за купување или градење прво живеалиште, ќе останат во важност досегашните лимити на показателот ДСТИ, коишто изнесуваат 55 отсто за изложеноста во денари и 50 отсто за изложеноста со валутна компонента – рече Славески.

Гувернерот објасни дека граѓаните што ќе купуваат стан или ќе градат куќа во кои нема да живеат – инвестиции, ќе треба да дадат повисоко учество за добивање станбен кредит и ќе плаќаат повисоки каматни стапки.
– Минималното сопствено учество за овие кредити се зголемува од постојните 15 отсто на 25 отсто од вредноста на станот. За овие баратели на кредити се предвидуваат пониски лимити на показателот ДСТИ, и тоа од 50 отсто за изложеноста во денари и 45 отсто за изложеноста со валутна компонента – рече Славески.
Новите правила ќе важат од 1 декември.

Гувернерот исто така издвои дека граѓаните што ќе бараат станбен кредит под поволни услови за прв стан или за изградба на куќа ќе треба да исполнат неколку услови со кои ќе докажат дека кредитот е за стан или куќа во која ќе се живеат. Славески појасни дека последните промени имаат превентивен карактер.
– Нивната цел е да нѐ заштитат сите нас од прекумерна задолженост, што може да се одрази понатаму на способноста за редовно отплаќање на обврските, како и на вкупната стабилност на финансискиот систем. Истовремено, со овие промени внимаваме да не ги погодиме оние лица што имаат потреба да го решат своето животно, станбено прашање, овозможувајќи им поповолни критериуми и полесен пристап до кредити, во однос на преостанатите корисници на кредити – рече Славески.
Тој додаде дека со ваквиот пристап, Народната банка се усогласува со практиката на голем број други централни банки во светот. Е.Р.


Во Скопје одамна е вклучен алармот поради преоптоварена линиска инфраструктура

Никола Велковски, искусен градежник со кого се консултиравме во врска со инфраструктурата и динамиката на градба во главниот гран, ни истакна дека токму Скопје има сериозен проблем со инфраструктурата.
– На постојната инфраструктура се градат многу нови згради, што е причина за оптоварување на инфраструктурата, како на сообраќајната така и на водоводната, ниту за снабдување со вода не е доволна, ниту пак за одводнување. Нужна е инвестиција во инфраструктурата, не само патишта туку и соодветни школи, добар јавен превоз и не само во центарот туку и во сите периферни населби, како што е Петровец на пример, сите населби што се подалеку од центарот. Потребно е живеењето во центарот да се дислоцира кон периферијата, за да имаат луѓето удобен живот. Денес на пример во центарот на градот нема децата каде да играат, но, за жал, се нема концепт за развој на градот – вели нашиот соговорник.

Тој додава дека е неопходно да се развиваат сите региони и токму тука може да помогне градежништвото, но со развој и на другите економски гранки, со цел да има работа за луѓето насекаде, а не само во неколку града од земјава.

Велковски појаснува дека има простор за поголем раст на градежниот сектор, и тоа не само во изградба на станбени објекти, но потенцира дека најмногу се градат станови бидејќи приватните инвеститори целат кон тоа да ги свртат парите, да направат профит и затоа ќе продолжат со истиот концепт.
– Државата е таа што треба да насочува, да укажува и да создава предуслови за порамномерен и похуман развој на средината. Мора да се бараат различни решенија, не да се окупира секоја зелена површина. Треба да се прави инфраструктура во интерес на граѓаните, да се бараат модерни решенија, не сѐ да се бетонизира. Има што да се гради, треба да се градат градинки, школи, но паралелно да се развива и јавниот превоз за да не зависат сите од своите автомобили – заклучува Велковски.
Ова нека биде апел во пресрет на локалните избори и обврските што треба сериозно да ги земат предвид кандидатите за градоначалници. Е.Р.