Големите компании се носители на растот, а малите компании можат да бидат нивни кооперанти и соработници (доставувачи и испорачатели) и со тоа да вработуваат голем број луѓе. Во челичната индустрија, на пример, позната е релацијата на вработените во големите компании наспроти вработените во малите и средните претпријатија, кои работат како доставувачи или испорачатели на големото претпријатие. Имено, со други зборови, „на секој еден вработен во челичната индустрија се вработени седум луѓе во придружните мали и средни бизниси што непосредно се поврзани со својата работа за големиот бизнис“. Според соговорниците, големите компании располагаат со многу поголем капитал по вработен во однос на малите компании. Тие имаат можности за поголеми инвестиции и развој, што е услов за остварување поголема дополнителна вредност…
Евростат: Големите компании остварија половина од нето-прометот на ЕУ
Во 2022 година ЕУ имаше 32 милиони претпријатија, вработувајќи 160 милиони луѓе со нето-обрт од 38 трилиони евра. Огромното мнозинство, 99 отсто (31,7 милион претпријатија), биле микро и мали претпријатија што вработувале до 49 лица. Заедно, микро и малите претпријатија вработиле речиси половина од сите вработени во претпријатијата (49 отсто – 78,8 милиони луѓе). Тие оствариле 12,2 трилиони евра нето-промет, што претставува 32 отсто од вкупниот нето- промет, покажуваат податоците на Евростат.
Средните претпријатија (со вработени од 50 до 249 лица) претставувале мал дел од вкупниот број претпријатија (0,8 отсто – 247.000 претпријатија) и вработувале 15 отсто од луѓето (24,6 милиони луѓе). Овие претпријатија регистрирале приближно една петтина од нето-прометот (6,8 трилиони евра – 18 отсто). Иако големите претпријатија (повеќе од 249 вработени) претставуваа само 0,2 отсто од вкупниот број претпријатија (53.000 претпријатија), тие вработуваа повеќе од една третина од работната сила (56,5 милиони луѓе – 35 отсто) и генерираа половина (50 отсто) од нето-прометот (19,2 трилиони евра).
Оваа информација доаѓа од прелиминарните податоци за структурна деловна статистика за 2022 година објавени од Евростат.
Индустријата имала најголем промет!
Индустријата имала најголем промет, генерирајќи една третина од прометот во 2022 година (13,5 трилиони евра, 35 отсто од вкупниот нето промет). Со само 8 отсто од вкупниот број на претпријатија (2,4 милиони), таа вработувала околу една петтина од деловната работна сила (33,1 милиони луѓе, 21 отсто од вкупниот број вработени лица).
Трговијата претставувала 18 отсто од сите претпријатија (5,8 милиони). Вработила 19 отсто од луѓето (29,8 милиони) и остварила 29 отсто (11,2 трилиони евра) од вкупниот промет. Градежништвото претставувало 12 отсто (3,8 милиони) од вкупниот број претпријатија, но само 6 отсто (2,1 трилиони евра) од вкупниот промет. Овој сектор имал 13,7 милиони вработени (9 отсто).
Другите услуги, вклучувајќи ги и компаниите што работат во различни услуги, од транспорт и складирање до сместување и услуги за храна, образование, човеково здравје и социјална работа и уметност, забава и рекреација, се највисоки во бројки. Тие сочинуваат 62 отсто од вкупниот број претпријатија (19,9 милиони претпријатија), повеќе од половина од вкупните вработувања (83,3 милиони, 52 отсто) и речиси една третина од нето-прометот (11,4 трилиони евра, 30 отсто).
Како и за многу други работи, и овде ние имаме малку искривена слика за состојбите…
Ангел Димитров, претседател на собранието на Организацијата на работодавци на Македонија, вели дека како и за многу други работи, и овде ние имаме малку искривена слика за состојбите.
– Ако се земе само според бројот на компании, микро и малите компании и кај нас имаат големо учество. Така, според последните објавени податоци, бројот на активните претпријатија со 0, од 1 до 9 вработени и од 10 до 19 вработени изнесува 66.563 субјекти или 94,5 отсто од сите активни претпријатија во Македонија. Тие исто така имаат големо влијание врз вработеноста бидејќи вработуваат повеќе од 40 отсто од вкупниот број на вработени, но се разбира дека нивното учество во БДП е многу помало во однос на учеството на поголемите компании – потенцира Димитров.
Тој вели дека само стоте најголеми компании во Македонија остваруваат околу 33 отсто од вкупно остварениот промет на сите претпријатија во Македонија. Димитров појаснува дека тоа значи дека големите компании се носители на растот, а малите компании можат да бидат нивни кооперанти и соработници и да вработуваат поголем број луѓе.
– Зошто е тоа така? Затоа што големите компании располагаат со многу поголем капитал по вработен во однос на малите компании. Тие имаат можности за поголеми инвестиции и развој, што е услов за остварување поголема дополнителна вредност – истакнува Димитров.
Факт е дека мерките за помагање од страна на Владата досега најмногу се насочени кон помалите компании, а од системот се исклучени големите компании, кои се всушност носители на развој
– За нас е неповолно што голем процент од најуспешните компании се со странски капитал, кои голем дел од добивката изнесуваат надвор од државата. Така, од десетте најголеми компании во Македонија, шест се со странски капитал. Факт е дека досега мерките за помагање од страна на Владата најмногу се насочени кон помалите компании, со одредени исклучоци. Голем број мерки содржат критериум – бројот на вработени да е помал од 250 вработени – појаснува Димитров.
Како што вели тој, Македонија е сиромашна држава и не може да ги помага сите линеарно и како држава мора да се научиме сите мерки добро да ги насочуваме за да може помошта да дојде до оние на кои им е најмногу потребна.
– На пример, да спомнеме помош за субвенционирање на цената на електричната енергија, таа не може да се заснова на еден критериум – големината на компанијата, туку многу поважно е со колкав процент учествуваат трошоците за електрична енергија во вкупните трошоци. Не е исто дали топиме руда, вршиме трговија на големо и мало или, пак, вршиме дејности на коцкање и обложување. Слично нешто требаше да направиме и со „солидарниот данок“. Не можеме да креираме мерки со еден или два критериума. Така се случува покрај сувото, да гори и суровото. Сите се чудат како индустриските големи комплекси се исклучени од државниот систем на интервенција… А во врска со споменатиот данок, банките се извлекоа од овој данок, а имаат огромни профити, додека некои компании што претходно инвестирале во развој сега ќе плаќаат дополнителен данок за истото тоа. Законите за такви видови помош мора да се донесуваат со опсежни консултации со заинтересираните страни, а не само да се соопштуваат откако ќе бидат донесени – укажува Димитров.