Фото: Маја Јаневска-Илиева

Проректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, проф. д-р Дарко Лазаров, заедно со претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, во заедничката книга „Нов договор за економски развој“ (која ќе биде јавно промовирана утре, на 29 март), ќе потврди дека економскиот развој и одржливиот економски напредок се резултат на многу комплексни процеси и системски реформи, кои подразбираат координирано и заедничко дејствување на сите чинители, тргнувајќи од креаторите на политики, бизнис-секторот, академијата и граѓанскиот сектор

ВО ПРЕСРЕТ НА „НОВ ДОГОВОР ЗА ЕКОНОМСКИ РАЗВОЈ“

Во 2010 година Стопанската комора како најголема бизнис-асоцијација направи обид да ја промени ситуацијата во македонската економија преку изработка на конкретен план за економски развој, кој беше понуден од наша страна. За жал, политичките елити во овие 14 години од 2010 година наваму наместо да го прифатат тој план на бизнисот со цел поголем економски прогрес, тотално ја партизираа државата.
Комората во овие 14 години работеше на дополнително надградување и засилување на својата институционална инфраструктура, објаснување на својата намера и дополнителна аргументација на своите развојни концепти, со цел да создаде атмосфера за прифаќање на еден нов голем договор за економски развој во кој нема место за партизација, за етничка фрагментација, ниту за политички популизам. На тој начин правиме уште еден обид да им укажеме на сите чинители во државата дека ова е последната шанса за фаќање приклучок со развиениот свет.
За таа цел, комората на 100-годишнината од своето постоење на 14.7.2022 година донесе декларација преку која на јавноста ѝ понуди платформа за постигнување широк општествен консензус за клучните економски реформи, политики и мерки. Оваа декларација беше потпишана од повеќе од 350 големи, средни и мали компании, МАНУ, речиси сите државни универзитети, голем број бизнис-асоцијации, здруженија и граѓански организации и политички партии.
Денес во медиумите ќе сретнеме многу написи што на различни начини ја толкуваат оваа голема идеја. Дали тоа треба да биде нов рамковен договор, дали тоа треба да биде договор за нов економски развој или, пак, сеопфатна платформа за промена на нашиот менталитет?
Како иницијатори на овој концепт за општествено обединување со цел економски напредок на земјата можеме да кажеме само едно. Ние ја гледаме големата слика и за нас е важно во неа да преовладуваат државните, а не партиските интереси.
Потврда за тоа се сите разговори што ги направивме со голем број наши интелектуалци, истакнати бизнисмени и членки на комората, кои јасно посочуваат дека бизнисот треба да биде главен кохезивен фактор за економскиот развој на земјата и дека политичките елити конечно треба да се насочат кон економијата како главен приоритет.

Но да одиме по ред.

• Поранешниот премиер Хари Костов на 14.8.2021 година на денот на одбележувањето на 20-годишнината од рамковниот договор во Охрид го скрши мразот и јавно обзнани дека на земја ѝ е потребен нов договор за економски реформи, политики и мерки, кои треба да се спроведуваат во наредните најмалку десетина години и тоа да биде остварено во соработка со бизнисот и со науката.

• Јас лично во сите мои настапи го повторувам истото тоа, укажувајќи дека е време да ги обединиме нашите сили и да работиме заедно, било како компании, универзитети, академска заедница или како политички партии. И не само што го потенцирам и јавно укажувам на тоа туку, многу поважно, како претседател на комората активно и посветено работам на тој процес на обединување.

• Проректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, проф. д-р Дарко Лазаров, во нашата заедничка книга „Нов договор за економски развој“ (која ќе биде јавно промовирана неделава), потврдува дека економскиот развој и одржливиот економски напредок се резултат на многу комплексни процеси и системски реформи, кои подразбираат координирано и заедничко дејствување на сите чинители, тргнувајќи од креаторите на политики, бизнис-секторот, академијата и граѓанскиот сектор.

Економијата да биде врвен приоритет во наредните 10 години! Да се намали бројот на сегашните 1.354 институции! Да се прогласи мораториум за нови вработувања во јавниот сектор! Да се сведат на минимум непродуктивните буџетски трошења!…

На крајот сакам да порачам дека не треба да се доведеме во ситуација „од гранките да не можеме да ја видиме шумата“, што значи дека треба да се издигнеме над ситуацијата и да не играме игри или криенка со зборови.
Напротив, потребно е да се зафатиме со суштината и со реалноста, која подразбира враќање на правната држава и владеење на правото; почитување на темелните вредности и принципи на пазарната економија; запирање на непродуктивните и популистички трошења на буџетските пари; зголемување на продуктивноста, конкурентноста и додадената вредност во економијата; како и завршување на процесот на гасификација како клучен инфраструктурен приоритет во интерес на граѓаните и бизнисот.
Сите ме прашуваат која е гаранцијата дека ова ќе биде остварено? Јас велам доста ни беа популизам, лажно партнерство и партизација. Сега најчестите зборови ќе бидат градење платформа со сите субјекти што ѝ сакаат добро на оваа држава, партнерски и фер односи со Владата и јасно прокламираната алтернатива дека ако не дојде до реализација на овие цели ќе се повика меѓународниот фактор да се вклучи активно во решавање на застојот во нашиот развој и ќе се принуди компаниите и бизнисот да бараат сопствени решенија што ќе бидат во нивен интерес.
Оваа значајна порака ќе им биде соопштена на главните политички партии при нивната посета на Стопанската комора, а утре, во пет минути до дванаесет часот, во тајминг со исклучително висока симболика, во Стопанската комора на Македонија ќе биде промовирана книгата „Нов договор за економски развој“.


Просечна стапка на економски раст помала од 2 отсто во периодот од 1992 година до денес! Стапка на раст што е убедливо најниска споредено со сите земји од поширокиот регион. Разочарување! Континуиран раст на задолжувањето на државата во целиот изминат период. Јавниот долг во 2023 година достигна 58 отсто од БДП, со тенденција тој да продолжи да расте во наредниот период. Уште едно разочарување!
…И уште многу други разочарувања во економијата што можеме да ги констатираме во изминативе триесет и две години од нашата независност!

Бранко Азески, претседател на Стопанската комора