Фото: Маја Јаневска-Илиева

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека Владата ги испорачува ветувањата кон граѓаните, посочувајќи дека вчера се донесени два важни закона за пензионерите и за студентите. Потенцираше дека барањето од пензионерите за линерано зголемување на пензиите е реализирано од страна на Владата.

-Тие бараа фер, правично, линеарно зголемување и со овие нови 2.000 денари линеарно зголемување, ако се додадат и оние 5.000 денари, претходните, тогаш за 18 месеци имаме линеарно зголемување на пензиите за 7.000 денари. Ако се спореди ова зголемување, со зголемувањето во минатото, тогаш доаѓаме до заклучок дека неколкукратно се зголемени пензиите за пензионерите. Дали е доволно? Не е. Но, дали е повеќе од тоа што било? Тогаш апсолутно е неколку пати, четири-пет пати повеќе од кој било просек да го земете во подолг период – изјави денеска Мицкоски, при посетата на Гевгелија.

Како што истакна,  вториот клучен Закон кој пратениците го донесоа е за студентите, кои без разлика дали се редовни и вонредни ќе добијат вредносни ваучери од 15.000 денари за набавка на електронски уреди.

– И да вториот Закон е законот за студентите од сите универзитети во државата, на сите универзитети повторувам и редовни и вонредни, буквално сите ќе се стекнат со право да добијат ваучер, вредносен бон, во вредност од 15.000 денари, којшто ќе го искористат за набавка на електронски уреди, коишто понатаму ќе им послужат на нив во текот на студирањето – рече Мицкоски.