Фото: „Нова Македонија“

Технолошките промени, геоекономската фрагментација, економската несигурност, демографските промени и зелената транзиција – поединечно и во заемна комбинација, се меѓу главните двигатели (фактори) што се очекува да го обликуваат и да го трансформираат глобалниот пазар на трудот до 2030 година. Тоа се тврди во Извештајот за иднината на работните места во 2025 на СЕФ. Во него е поместено резимето на мислењата на над 1.000 водечки светски работодавци, кои заеднички претставуваат повеќе од 14 милиони работници во 22 индустриски кластери и 55 економии од целиот свет. СЕФ преку тие клучни и крупни работодавци истражува како одредени фактори (макротрендови) влијаат на работните места и бараните вештини на кандидатите за вработување, како и на стратегиите за трансформација на работната сила што работодавците планираат да ги започнат како одговор на современите барања на пазарот на трудот, во временската рамка од 2025 до 2030 година

Од извештајот на Светскиот економски форум (СЕФ) – Швајцарија

Проширувањето на дигиталниот пристап се очекува да биде највлијателниот фактор на трансформирање на пазарот на трудот, а 60 отсто од работодавците очекуваат тој фактор исклучително силно да го трансформира нивниот бизнис до 2030 година. Унапредувањето на технологиите, особено вештачката интелигенција и обработката на информации – 86 отсто; роботиката и автоматизацијата – 58 отсто; и производството, складирањето и дистрибуцијата на енергија – 41 отсто, исто така, се очекува да бидат силно влијателни и трансформирачки фактор на пазарот на трудот и на бизнисите. Се очекува овие трендови да имаат дивергентен ефект врз работните места, придвижувајќи ги и најбрзорастечките и најбрзоопаѓачките улоги и поттикнувајќи ја побарувачката за вештини поврзани со технологијата, вклучувајќи вештачка интелигенција и големи податоци, мрежи и сајбер-безбедност и технолошка писменост, кои се очекува да бидат првите три најбрзорастечки вештини што ќе се бараат.
Но, од друга страна, во извештајот на СЕФ, факторот „зголемување на трошоците за живот“ е рангиран како втор импакт-фактор на влијание за трансформација на бизнисите. Имено, половина од работодавците очекуваат дека тоа силно ќе го трансформира нивниот бизнис до 2030 година, и покрај очекуваното намалување на глобалната инфлација. Општото економско забавување, во помала мера, исто така останува на врвот на табелата и се очекува истото тоа да трансформира 42 отсто од бизнисите. Се предвидува дека инфлацијата ќе има мешани изгледи за нето-отворање работни места до 2030 година, додека побавниот раст се очекува да помести 1,6 милион работни места на глобално ниво. Овие две влијанија врз создавањето работни места се очекува да ја зголемат побарувачката за креативно размислување и еластичност, флексибилност и вештини за агилност.

И климатските и демографските промени во светот ќе имаат силен импакт-фактор на пазарот на трудот и на бизнисите

Климатските промени се фактор што котира високо во извештајот, кој значително ќе влијае на пазарот на трудот. Адаптацијата кон климатските промени е фактор што, според работодавците, ќе влијае со високи 47 отсто и 41 отсто, при што тие очекуваат овие трендови да го трансформираат нивниот бизнис во следните пет години. Ова ќе ја поттикнува побарувачката на работни места на пазарот на трудот, како што се инженери за обновлива енергија, инженери за животна средина и специјалисти за електрични и автономни возила, сите овие ќе се најдат (според извештајот на СЕФ) меѓу 15-те најбрзорастечки барани работни места.
Натаму, две демографски промени сѐ повеќе ги трансформираат глобалните економии и пазари на трудот: „стареење и опаѓање на работоспособното население“, претежно во економиите со повисоки приходи, како и „зголемување на работоспособното население“, претежно во економиите со пониски приходи. Овие трендови предизвикуваат зголемување на побарувачката за вештини за управување со таленти (барање соодветни човечки ресурси), настава и менторство, како и мотивација и самосвест. Стареењето на населението го поттикнува растот на работните места во здравството, како што се медицинските работници, додека растечката работоспособна популација поттикнува раст на професиите поврзани со образованието, како што се наставниците во високото образование.

Геоекономската фрагментација и геополитичките судири како импакт-фактори на пазарот на трудот и на бизнисите

Во извештајот на СЕФ се издвојуваат факторите на импакт на пазарот на трудот како што се геоекономската фрагментација и геополитичките тензии. Во документот се проценува дека овие споменати фактори ќе влијаат на трансформацијата на пазарот на трудот со 34 отсто во следните пет години. Над една петтина (23 отсто) од глобалните работодавци идентификуваат зголемени ограничувања на трговијата и инвестициите, како и субвенциите и индустриските политики (21 отсто), како фактори што го обликуваат нивното работење. Речиси сите економии за кои испитаниците (работодавците) очекуваат овие трендови да бидат најтрансформативни имаат значителна трговија со САД и/или Кина. Работодавците што очекуваат геоекономските трендови да го трансформираат нивниот бизнис, исто така, имаат поголема веројатност да работат со офшор-компании! Овие трендови ја поттикнуваат побарувачката за работни улоги поврзани со безбедноста и ја зголемуваат побарувачката за поседување вештини на пазарот на трудот, поврзани со мрежна и сајбер-безбедност. Тие, исто така, ја зголемуваат побарувачката за други вештини што треба да ги поседува оној што е на пазарот на трудот: флексибилност и агилност, како и лидерство и социјално влијание.
Според истражувањето на СЕФ за иднината на работните места, за периодот од 2025 до 2030 година, создавањето и затворањето работни места поради структурна трансформација, ќе изнесува 22 отсто од вкупните работни места што постојат денес. Тоа се очекува да доведе до отворање нови работни места еквивалентни на 14 отсто од вкупните денешни вработувања, што изнесува 170 милиони работни места. Сепак, овој раст се очекува да се компензира со поместување на еквивалент од 8 отсто (или 92 милиони) од тековните работни места, што ќе резултира со нето-раст од 7 отсто од вкупната вработеност, или 78 милиони работни места.
Се предвидува дека работните места на т.н. „прва линија“ се и: земјоделски работници, возачи за испорака, градежни работници, продавачи и работници за преработка на храна. Работните места во „сферата на грижата за граѓани“ (како што се медицински сестри, социјална работа итн.), исто така, се очекува значително да пораснат во следните пет години, заедно со образовните улоги како што се наставниците во високото и средното образование.

Кои ќе бидат најбарани, а кои најмалку барани работни места на глобалниот пазар на трудот

Работните места поврзани со технологијата се, секако, најбрзорастечките работни места што би биле барани, според извештајот на СЕФ: специјалисти за големи мрежи и податоци, инженери и специјалисти за вештачка интелигенција, машинско учење и развивачи на софтвер-апликации. Работните места поврзани со т.н. зелена и енергетска транзиција, вклучувајќи и специјалисти за автономни и електрични возила, инженери за животна средина и инженери за обновливи извори на енергија, исто така котираат во врвот на работни места што ќе бидат најбарани во наредниот петгодишен период.
Од друга страна, најмалку барани работни места или голем пад на побарувачка за ангажирање човечки ресурси има за: административните службеници, секретарските ангажмани, административните асистенти и извршните секретари, банкарски и шалтерски работници, поштенските служби…, односно се очекува да забележат најголем пад во апсолутни бројки. Во просек, според извештајот, може да очекуваат дека две петтини (39 отсто) од нивните постојни сет вештини ќе бидат трансформирани или застарени во периодот 2025-2030 година.
За издвојување е дека, сепак, оваа мерка за „нестабилност на вештините“ (мала побарувачка на пазарот на трудот) е забавена во споредба со претходните изданија на извештајот (44 отсто во 2023 година и, на пример, 57 отсто во 2020 година, во екот на пандемијата). Овој наод потенцијално би можел да се должи на зголемениот удел на работници (50 отсто) што завршиле обука, преквалификување или мерки за надградба, во споредба со 41 отсто во изданието на извештајот за 2023 година.
Што се однесува до персоналните вештини кај кандидатите за вработување, „аналитичките вештини (анализа и синтеза на одредена проблематика)“ стануваат најбарана основна вештина кај работодавците, при што седум од 10 компании ја сметаат за суштинска во 2025 година, која ќе биде главен фактор при вработувањата! Потоа следуваат вештините како што се флексибилност и агилност, заедно со лидерство и општествено влијание. Вештачката интелигенција и менаџирањето со големи податоци се на врвот на листата на најбрзорастечки вештини, проследени со знаења за вмрежување и одржување на тие мрежи, сајбер-безбедност, како и технолошка писменост. Дополнувањето на овие вештини поврзани со технологијата, креативното размислување, еластичноста, флексибилноста и агилноста, заедно со љубопитноста и доживотното учење, исто така се очекува да продолжат да растат и да добиваат на значење и да бидат барани на пазарот на трудот во периодот 2025-2030 година. Спротивно на тоа, мануелните вештини се издвојуваат со забележителен нето-пад на побарувачката за вештини, при што 24 отсто од испитаниците предвидуваат намалување на нивната важност. Имајќи ги предвид овие барања за вештини што се развиваат, обемот на надградба и преквалификување на работната сила остануваат значајни: ако работната сила во светот се состои од 100 луѓе, на 59 ќе им треба обука до 2030 година. Од нив, анкетираните работодавци (во извештајот на СЕФ) предвидуваат дека 29 би можеле да се усовршат во нивните сегашните улоги и 19 би можеле да се усовршат и да се прераспоредат на друго место во рамките на нивната организација. Сепак, 11 веројатно нема да ги добијат потребните доусовршувања или усовршувања, со што нивните можности за вработување сѐ повеќе се изложени на ризик. Празнините во вештините категорично се сметаат за најголема бариера за трансформација на бизнисот од страна на испитаниците. Притоа 63 отсто од работодавците ги идентификувале „празнините во знаењата и вештините“ како главна бариера во периодот 2025-2030 година. Соодветно на тоа, 85 отсто од анкетираните работодавци планираат да дадат приоритет за надградба на својата работна сила, при што 70 отсто од работодавците очекуваат да вработат персонал со нови вештини, 40 отсто планираат да го намалат персоналот бидејќи нивните вештини стануваат сѐ помалку релевантни.

Привлекување талентирани млади човечки ресурси за работна сила

Работодавците што даваат безрезервна „поддршка за здравјето и благосостојбата на своите вработени“ се очекува да бидат главен фактор за привлекување таленти (и работна сила), при што 64 отсто од анкетираните работодавци ја идентификувале како клучна стратегија за зголемување на достапноста на талентите. Ефективните иницијативи за обновување и усовршување на вештините, заедно со подобрувањето на прогресијата и промоцијата на талентите, исто така се сметаат за висок потенцијал за привлекување работна сила и таленти. Финансирањето – и обезбедувањето – преквалификација и надградба се сметаат за двете најдобредојдени јавни политики за зајакнување на достапноста на талентите. Потенцијалот за проширување на достапноста на таленти преку користење различни т.н. „базени на таленти“ е четири пати понагласен како потребен од работодавци (47 отсто) отколку пред две години (10 отсто). Иницијативите за разновидност, правичност и вклучување станаа поприсутни, при што 83 отсто од работодавците пријавиле таква иницијатива, во споредба со 67 отсто во 2023 година. До 2030 година, нешто повеќе од половина од работодавците (52 отсто) предвидуваат да издвојат поголем дел од нивниот приход на платите, при што само 7 отсто очекуваат овој удел да се намали. Стратегиите за плати се водени првенствено од целите за усогласување на платите со продуктивноста и перформансите на работниците и натпреварување за задржување на талентот и вештините.
И конечно, во извештајот на СЕФ се подвлекува дека половина од работодавците планираат да го преориентираат својот бизнис како одговор на вештачката интелигенција (ВИ), две третини планираат да ангажираат таленти со специфични вештини за вештачка интелигенција, додека 40 отсто предвидуваат намалување на нивната работна сила каде што вештачката интелигенција може да ги автоматизира задачите. Е.Р.


Што претставува Светскиот економски форум?

Светскиот економски форум (СЕФ) е меѓународна непрофитна фондација со седиште во Швајцарија. СЕФ има четири канцеларии во: Њујорк, Пекинг, Токио и Сан Франциско. Канцеларијата во Сан Франциско била отворена во 2016 година, со цел да ги покрива прашањата поврзани со т.н. четврта индустриска револуција. Секоја година СЕФ го одржува познатиот самит во градот Давос, Швајцарија. СЕФ е основан во 1971 година од Клаус Шваб, професор по бизнис на Универзитетот во Женева. Првобитното име на СЕФ-фондацијата било Европски менаџмент форум (ЕМФ), а во 1987 година била наречена со денешното име. Во 2015 година, СЕФ бил промовиран како меѓународна организација со јавно-приватно партнерство. Според основачките документи на СЕФ, мисијата е „посветеност кон подобрување на состојбите во светот преку ангажман на бизнис-водачите, политичките, академските и другите водачи во општеството за обликување на глобалните, регионалните и индустриските агенди“. Со СЕФ управува Одбор составен од истакнати светски претставници од бизнисот, политиката, академскиот свет и граѓанското општество. Светскиот економски форум има 1.000 членки, големи светски компании со годишен обрт над пет милијарди долари. Фондацијата се финансира од своите членки, а годишната членарина е поставена скалесто според степенот на активност на членките. На пример, членките што имаат статус „стратегиски партнер“ плаќаат членарина од 600.000 швајцарски франци. Е.Р.