Фото: Маја Јаневска-Илиева

Експертите во повеќе наврати укажуваат дека врз условите во нашата земја значително влијание има кризата во Германија, како земја што е најголем трговски партнер на Македонија. Бидејќи извозот е важна компонента за стабилен економски развој на земјата и води до поголемо домашно производство, но и ангажира поголема работна сила, упатените укажуваат дека ќе бидат потребни мерки ако продолжат истите тенденции

Може ли македонскиот извоз да стане поотпорен на надворешни влијанија?

Падот на извозот, иако забави, сепак е причина за загриженост меѓу економистите. Последните податоци покажуваат дека за период од 11 месеци нашиот извоз во споредба со претходната година се намалил за 3,8 проценти. Бидејќи извозот е важна компонента за стабилен економски развој на земјата и води до поголемо домашно производство, но и ангажира поголема работна сила, упатените укажуваат дека ќе бидат потребни мерки ако продолжат истите тенденции. Сепак, надлежните смируваат и посочуваат дека падот кај извозот последниве месеци се намалува.
Загрижува и податокот дека има пад и на бројот на работници ангажирани во индустријата. Но да одиме по ред.
Во текот на изминатава година, најголем пад во индустриското производство има во секторот производство на тутун од високи 32,5 проценти. По него следува секторот производство на кожа со пад од 31,1 отсто. Висока стапка на намалено производство има и во секторот производство на компјутерски, електронски и оптички производи од дури 24,7 проценти. Веднаш зад него е секторот производство на облека каде што има пад од 21,4 отсто.

Светските случувања влијаат на домашната економија

– Врз перформансите на домашната економија влијаат и случувањата во околината и светот. Неизвесноста што се наметна со војната во Украина и зголемувањето на цените на енергентите влијаат на падот на побарувачката во Германија и луѓето сѐ потешко купуваат текстилни производи. Ова директно значи намалување на нашите нарачки, и тоа во услови кога ние и така имавме слободен пад на побарувачката, особено во бројот на работници во текстилната индустрија – вели Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи на Македонија.
Наедно, тој објаснува дека намалувањето на извозот на текстилниот сектор кон Германија за 23 проценти во однос на минатата година се одразува и на падот на бројот на работници.
– Ние работиме лон-работа, па бројот или процентот на падот на извозот е еднаков со процентот на падот на работниците. Овој период имаме историски најнизок број на работници во оваа гранка во Македонија. Некаде на околу 28.000 работници останавме. Во најдобрите времиња во 2009/2010 година бевме 63.000 работници – нагласува Димитров.
Тој напоменува дека не може да се прават прогнози, особено имајќи ги предвид состојбата и превирањата во Германија, најавените избори и сѐ почесто споменуваната промена на власта.
– Сега никој не може со сигурност да каже што би значело тоа, каква влада би се формирала, кој би влегол во таа коалиција. Но очигледно сите проблеми почнаа со влезот на Зелената партија во германскиот парламент и со нејзините барања за зелена енергија, за затворање на нуклеарните електроцентрали, за купување поскапа струја произведена од нуклеарните централи во Франција, за престанување со продажба на моторите со внатрешно согорување – бензин и дизел, потоа конкуренцијата од Далечниот Исток итн., сето тоа доведе до опаѓање на економската моќ на Германија што ја имаше порано – објаснува Димитров, но додава дека доколку престане војната во Украина, во тој случај ситуацијата може и да се подобри или брзо да се врати оптимизмот кај купувачите.
Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат исто така какви се состојбите и со бројот на работници во индустријата, кои сектори бележат најголемо намалување, а кои најмало. Бројките покажуваат дека најголем пад има секторот производство на тутунски производи, каде што за периодот од јануари до ноември минатата година, во споредба со истиот период 2023 година, бројот на работници се намалил за 16,4 отсто. Веднаш зад него е секторот производство на облека каде што падот на бројот на работници достигнува 12,3 проценти.

Германија е најголем трговски партнер на Македонија

Експертите во повеќе наврати укажуваат дека врз условите во нашата земја значително влијание има кризата во Германија, како земја што е најголем трговски партнер на Македонија.
– Една од причините што економскиот раст во Македонија во последните две години е меѓу најслабите во регионот е токму рецесијата во Германија. Македонија најмногу е изложена кон германската економија од сите земји од Источна Европа – дури 40 проценти од македонскиот извоз завршува таму. Затоа и извозот паѓа веќе две години по ред, поради слабата побарувачка од Германија. Затоа, мислам дека следната година нема да биде нешто многу различна од претходните две во овој поглед. Германија веќе две години има пад на БДП и следната година всушност се очекува земјата конечно да забележи раст, иако само мал, од околу 0,5 проценти. Тоа, секако, не е доволно за да ја извлече македонската економија од летаргијата во која е навлезена, но не е ни толку лошо за да ја турне економијата во депресија – вели нашиот соговорник, познат на редакцијата. Е.Р.