Фото: Пиксабеј

Со овие олеснувања направени од Германија, нашите граѓани можат да склучат договор за вработување, најпрвин без верификација на нивните дипломи, а потоа и се остава време да ги средат дозволите за престој. За разлика од кај нив, кај нас работниците од странство најпрво е потребно да добијат дозвола за престој во Македонија, а потоа да чекаат месец или два за да добијат дозвола за вработување

Од 1 јуни двојно се зголемува квотата за неопходна работна сила од Западен Балкан во Германија

Наместо 25.000 како досега, 50.000 граѓани од Западен Балкан ќе имаат полесен пристап до германскиот пазар на трудот. Со имплементацијата на овие законски измени во Германија се очекува да се намали дефицитот на работна сила со кој се соочува земјата. Претседателот на бордот на директори на факултетот „Хајделберг“, Улрих Цајтел, го истакнува недостигот од квалификуван кадар, најмногу во ИТ-секторот.
– Нашата економија има потреба од развој на вештачка интелигенција, поточно од областите на ИТ и комуникација. Ќе имаме полесен пристап до германскиот пазар за работна сила. Тоа значи дека луѓето ќе можат веднаш да почнат со работа и дека нема да мора да чекаат целиот процес на емиграција или преселување да биде завршен и ќе значи дека ќе можат веднаш да работат во претпријатијата – Улрих Цајтел.
Од друга страна, за регулирање на прекумерниот одлив на квалификуван карар од државата, според Цајтел, потребни се реформи во образованието. Деновиве во Скопје е присутна германска делегација со цел имплементација и промоција на дуално високо образование во земјава.
– Ние во Германија имаме специјален систем на дуално образование каде што комбинираме стручно образование во соработка со компаниите. Студентите поминуваат од два до три дена во компанија со стекнување практично знаење, а два дена поминуваат на факултет или универзитет – велат од универзитетот „Провадис“ – Франкфурт.
Според Ангел Димитров, претседател на Собранието на Организацијата на работодавци на Македонија, информацијата дека Германија ја зголемува квотата за увоз на работници од Балканот и олеснувањето на процедурите, сигурно ќе значи зголемување на работниците што ќе заминат на работа во странство.
– Интересно е да се констатира дека со овие олеснувања направени од Германија, нашите граѓани можат да склучат договор за вработување, најпрвин без верификација на нивните дипломи, а потоа и се остава време да ги средат дозволите за престој. За разлика од кај нив, кај нас работниците од странство најпрво е потребно да добијат дозвола за престој во Македонија, а потоа да чекаат месец или два за да добијат дозвола за вработување. Во овој период тие престојуваат во земјата на товар на македонскиот работодавач, а немаат право да работат – истакнува Димитров.
Разликата во стопанската структура и остварената продуктивност, додава тој, а со тоа и стандардот на вработените е очигледна и ова е главна причина за селење на работниците во поразвиените држави.
– Ние не можеме прекуноќ да ја промениме стопанската структура и наместо извоз на непреработени лимови, земјоделски производи или ЛОН-производство на текстил, да почнеме да извезуваме автомобили, електронски уреди или, пак, лиценци и патенти.
Затоа треба да ги следиме земјите што се слични на нас и да се обидеме недостигот од работна сила да го обезбедиме од земјите што имаат понизок стандард од кај нас. А за ова итно е потребно да ги олесниме бирократските процедури за увоз на работна сила и да го расчистиме нашиот список на невработени. Да видиме каде се тие луѓе, дали работат на црно, зошто не се јавуваат на огласите за вработување, зошто не прифаќаат преквалификации и обуки – потенцира Димитров.
Тој укажува дека втората цел треба да ни биде реформи во образованието, какви кадри произведуваме, каде ќе се вработат тие, дали имаат доволно знаење и вештини и како кариерно да ги насочуваме младите.


Сезонска работа во странство, најпопуларни се Англија, Хрватска и Германија

Во последните години младите сѐ почесто за летните месеци бараат одговор на прашањето каде на работа, а не каде на одмор. Во Англија месечната плата за сезонска работа е меѓу 1.500 и 2.500 евра. Работата главно е врзана за земјоделство, сточарство, полјоделство, угостителство. Може да се работи од три до шест месеци во зависност од договорот со агенцијата, од работодавецот, од визата.
И Хрватска последниве години е најпопуларна дестинација за сезонска работа. Таму најмногу се бараат келнери, готвачи, шанкери, собарки. Предноста на Хрватска се близината и јазикот. Месечната заработувачка се движи од 800 до 2.000 евра, најчесто со вклучено сместување или храна.
За разлика од Англија, каде што е потребно познавање на англискиот јазик, и Хрватска, каде што лесно може човек да се приспособи со балканските јазици, Германија е еден степен потешка за приспособување бидејќи јазикот е еден од најспецифичните за учење и користење. Но и тоа лесно се надминува, со оглед на тоа што многу млади заминуваат. Таму нудат месечна плата од 1.000 до 2.500 евра, осумчасовно работно време, а дозволена е и прекувремена работа, двосменска, ако работникот е способен и желен за работа.
Голем дел од работодавачите обезбедуваат и сместување, а некои и еден оброк дневно, во зависност од агенцијата што посредува и од тоа каков договор имате со неа.
Има огласи за работни места од угостителство до сточарство и градежништво.


Колосален недостиг од сезонски работници во нашиот регион
Во Црна Гора се бараат работници за сезонава „под дрво и под камен“

Недостиг од сезонски работници има во многу земји во светот и во регионот, особено пред летната сезона. Таков е случајот во Црна Гора, каде што недостиг од работна сила има во сите ресторани, а социјалните мрежи се преполни со огласи за работа. Конкретно за собарка за работа во хотел на крајбрежјето во близината на Будва се нуди почетна плата 750 евра, со обезбедено сместување и храна во рамките на објектот, 40 часа неделно, два дена одмор.
Недостигот од сезонски работници во Црна Гора стана хроничен проблем. Иако платите и дневниците се повисоки од претходните сезони, работниците од Црна Гора одат на поатрактивни дестинации каде што можат да заработат повеќе пари и да имаат подобри услови за работа. Од Агенцијата за вработување во Црна Гора тврдат дека лани имало недостиг од околу 20.000 сезонски работници, а, за жал, слични бројки очекуваат и годинава.


Најголем дел од договорените градежни работи се во Германија

Ќе успеат ли расцепканите македонски градежни компании да креираат конзорциум или, пак, да се окрупнат со цел да можат да освојат повеќе странски пазари каде што би работеле? Дали сѐ уште имаaт капацитети да освојуваат на странските пазари како во минатото?
Позитивни сигнали пристигнаа по информациите дека во првите три месеци од годината се договорени градежни работи во странство во износ од над 150 милиони денари, при што има раст од 10,8 проценти во споредба со истиот период во 2023 година. Исто така е нотирано дека градежниот сектор од земјава во истиот период завршил градежни зафати чија вредност достигнала речиси 50 милиони денари, и притоа се зголемила за 16,4 проценти во споредба со првите три месеци од годината.
Овие податоци, според упатените во градежниот сектор, се позитивен сигнал. Истакнуваат дека зголемениот интензитет на градежните активности на нашите компании во странство може да се гледа само како поволна промена. Но посочуваат дека една „пречка“ во напредокот може да биде само екипираноста и можноста на компаниите да одговорат на барањата.
Градежните експерти велат дека веста за раст на извршените и договорените градежни работи во странство може да се гледа само позитивно и дека тоа ќе влијае позитивно врз работниците.
Податоците на ДЗС покажуваат дека најголем дел од договорените градежни работи се во Германија, каде што и претходно се вршеле најмногу градежни работи. Потоа следуваат Црна Гора и Бугарија, каде што исто така има раст на градежните работи што ќе се извршуваат, но сепак, тоа е далеку помалку од Германија.
Градежниците велат дека е многу важно државата да посвети поголемо внимание на секторот и да направи напори да се променат навиките кај младите, да не се поттикнуваат младите да студираат науки што не се бараат толку на пазарот на трудот, туку да се посочува дека и како градежен занаетчија може да се заработат големи суми. Е.Р.