Германија ќе преземе повеќе од 30 мерки за отстранување на бирократските пречки во однос на издавањето дозволи за масовно да увезе квалификувана работна сила од Индија, но и од други земји. Министерство за надворешни работи до крајот на годинава ќе го дигитализира издавањето визи за Индија, а нешто подоцна и за другите земји. Со ова сакаат да го забрзаат вработувањето странци во Германија
Недостигот од работна сила ја принудува Германија и натаму да ги отстранува бирократско-административните пречки
Германија планира да го реши недостигот од квалификувана работна сила со масовно ангажирање работници од Индија, објави неодамна во Берлин германскиот министер за труд Хубертус Хејл. За таа цел државата ќе преземе повеќе од 30 мерки за отстранување законски и подзаконски пречки во однос на издавањето дозволи, како што истакна германскиот министер.
Тој предупреди дека Германија се соочува со голем недостиг од работна сила, што ги кочи растот и напредокот на земјата. Министерот стравува дека ситуацијата ќе се влоши со стареењето на општеството и без имиграција.
– Во Индија ситуацијата е токму спротивна. Во ова светло, Германија ја гледа Индија како особено важен партнер – истакна Хејл, објаснувајќи дека тамошниот пазар на трудот тешко ги апсорбира дури и високообразованите луѓе.
Според Хејл, милион луѓе се приклучуваат на пазарот на трудот во Индија секој месец, па индиските власти ја поттикнуваат миграцијата. Како што најави, германското министерство за надворешни работи до крајот на годинава ќе го дигитализира издавањето визи за Индија, а нешто подоцна и за другите земји. Со ова сакаат да го забрзаат вработувањето странци во Германија. Германските власти планираат и поширока промоција на германскиот јазик, а наедно и подобра помош за Индијците што веќе се во Германија, за да најдат работа.
Како што најави Хејл, Германија ќе ја претстави својата индиска стратегија за вработување при претстојна посета на германски претставници на Индија, пренесуваат медиумите.
Недостигот од квалификувани работници сериозно го загрозува економскиот раст на Германија
Недостигот од квалификувани работници, како што велат официјални лица, бизнисмени и економисти од Германија, ги загрозува германските иновации и економскиот раст. Познато е дека има недостиг од персонал, делумно поради промената на демографијата во стареењето на општеството, па Германија долго време гледа во странство, барајќи начини за да го зачува напредокот на својата економија.
Германија се надева дека мерките ќе ѝ овозможат да ги пополни празнините во здравствената индустрија, на пример во домовите за стари лица и болниците, како и во ИТ и во градежниот сектор. Пред сè, ИТ-секторот бара повеќе квалификувана работна сила, предупредувајќи дека едноставно не може да пополни позиции.
Иако Индија е петта по големина економија во светот, индискиот пазар на трудот едноставно не може да држи чекор со огромниот број потенцијални работници. Ситуацијата ја поттикна Индија, најнаселената земја на планетата, да се заложи за поголема миграција на работна сила.
– Затоа Германија ја гледа Индија како особено важен партнер кога станува збор за миграцијата на квалификувана работна сила – се наведува во стратегискиот документ на Берлин за ова прашање. Е.Р.
Берлин планира да организира саеми за вработување во Индија, како и да нуди часови по германски јазик за оние што имаат намера да се преселат. Федералната канцеларија за труд исто така рече дека ќе биде поактивна во советувањето на индиските студенти што се во Германија. Оваа стратегија се усогласува со пристапот наречен фокус на Индија на Министерството за надворешни работи
Како германските власти подготвуваат терен за мобилизација и за регрутирање на работна сила од Индија
Предвидено е неделава германскиот министер за труд Хејл да им се придружи на канцеларот Шолц и други високи владини претставници во Индија. Се очекува таму да разговараат за традиционалните работни места, за време на посетата на пекарница специјализирана за германски леб, како и при посета на училиште, каде што ќе имаат можност да дискутираат и со учениците за можната иднина во европската држава.
Германија е позната по својата комплицирана и нефлексибилна бирократија, што често ги попречува странците, како што наведува „Дојче веле“, но кабинетот на германскиот канцелар Олаф Шолц веќе усвои пакет од 30 мерки – предложени главно од министерствата за труд и надворешни работи – дизајнирани да ја поттикнат имиграцијата од Индија, во обид да привлечат квалификувани работници за да ги пополнат празнините на германскиот пазар на трудот. Со цел да се насочи миграцијата на квалификувани работници од Индија, владата во Берлин соопшти дека ќе воведе и нова дигитална виза до крајот на годинава.
Покрај тоа, Берлин планира да организира саеми за вработување во Индија, како и да нуди часови по германски јазик за оние што имаат намера да се преселат. Федералната канцеларија за труд исто така рече дека ќе биде поактивна во советувањето на индиските студенти што се во Германија. Оваа стратегија се усогласува со пристапот на кабинетот, како и со таканаречениот фокус на Индија на Министерството за надворешни работи.
– Приливот на квалификувани индиски работници веќе е успешна приказна за нашата земја – рече министерот за труд Хејл, истакнувајќи дека чекорите наведени во владината стратегија за квалификувана работна сила ќе ја постават основата за понатамошен успех.
Според статистичките податоци на федералното министерство за труд, околу 137.000 Индијци биле вработени на позиции за квалификувана работна сила во февруари годинава, што е приближно 23.000 повеќе од претходната година. Во 2015 година бројот на Индијци на такви работни места беше околу 23.000. Сегашната статистика исто така покажува дека невработеноста кај Индијците што живеат во Германија е само 3,7 отсто, далеку под вкупната стапка на невработеност од 7,1 отсто. Е.Р.