Фото/Илустрација: Пиксабеј

Законски промени во Германија што ќе го сменат секојдневието
кај граѓаните

Од 1 април 2025 година, во Германија стапуваат во сила многубројни промени, кои ќе се одразат на секојдневниот живот. Анкетите покажуваат дека Германците, за дел од измените во законот и новонаметнатите обврски се чувствуваат задоволни, но со дел од обврските и не се толку среќни. Во продолжение, ги претставуваме некои од покарактеристичните законски измени и новите обврски за граѓаните во Германија.
1. Родителите со даночен годишен приход поголем од 175.000 евра од 1 април повеќе нема да имаат право на родителски додаток. Оваа промена се однесува на сите деца родени од 1 април 2025 година. Самохраните родители и семејствата со пониски примања сè уште имаат право на додаток.
2. Патниците од Германија ќе треба да имаат електронско патување овластување (ЕТА) за да влезат во Британија од 2 април 2025 година. ЕТА ќе чини 10 фунти (околу 12 евра) и ќе важи две години. Планирано е цената да се зголеми на 16 фунти (околу 19 евра). Системот е сличен на американскиот систем ЕСТА. Повеќето барања ќе бидат обработени во рок од три дена – често побрзо, освен во случаи на претходни кривични дела.
3. Кандидатите што планираат да полагаат возачки испит мора да бидат подготвени за нови прашања во делот за теорија. Од 1 април, базата на испитни прашања е ажурирана, вклучувајќи теми како што се свртувања надесно, правила за првенство на минување и сообраќајни знаци. Според јавно достапните информации, ќе бидат додадени десет нови прашања, додека некои стари ќе бидат отстранети.
Почнувајќи од април, возачите ќе можат своите документи, поточно возачката дозвола да ја имаат како апликација и да ја покажат на полицијата преку нивниот мобилен телефон. Апликацијата е развиена од Федералната канцеларија за моторни возила и Федералната канцеларија за печатење, а проектот започнува како пилот-фаза. Важно: апликацијата важи само во Германија.
4. Од април 2025 година, корисниците што имаат паметни броила и уреди со кои може да се управува од далечина (како што се топлински пумпи и полначи за електрични возила) ќе можат да користат електрична енергија по поповолни цени во одредени периоди од денот. Оваа промена може да донесе заштеда од 300 до 500 евра годишно.
5. Работниците во градежниот сектор можат да очекуваат повисоки плати: од април 2025 година, платите се зголемуваат за 4,2 отсто на запад и 5 проценти на исток од земјата. Во електроиндустријата минималната саатница се зголемува на 14,41 евра.
6. Од 1 април 2025 година во Германија ќе бидат официјално признаени три нови професионални заболувања. Заболените може да имаат право на финансиска помош, медицински третмани и рехабилитација. Е.Р.