Фото: Министерство за енергетика

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска учествуваше на еден од највлијателните глобални форуми „Берлин Глобал Дијалог“ (Berlin Global Dialogue 2025), што оваа година се одржува под мотото „Шифтинг пауер, Шејпинг Просперти“ (Shifting Power, Shaping Prosperity). Форумот е насочен кон тоа како новата мултиполарна реалност може да создаде стабилен и одржлив глобален развој, соопшти Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

Божиновска во своето обраќање нагласи дека концептот на енергетска безбедност денес суштински се менува – од фокус на количина и извор на енергија, кон отпорни и зелени системи што обезбедуваат долгорочна стабилност.

– Енергетската безбедност повеќе не значи само количина и извор на енергија. Денес тоа е прашање на отпорност, диверзификација и транзиција кон почисти, поодржливи извори. Геополитичките промени нѐ научија дека зависноста од еден снабдувач претставува сериозен ризик. Затоа нашата стратегија е јасна – поврзување со повеќе пазари, изградба на интерконектори и зајакнување на стабилноста, дури и во услови на глобална неизвесност – изјави министерката.

Таа се осврна и на конкретните активности што државата ги презема во насока на енергетска независност и одржливост – диверзификација на снабдувањето со гас преку интерконекторот со Грција, подготовка на инфраструктура за транспорт на водород, зголемување на производството од Сонце и ветер, модернизација на преносната мрежа и инвестиции во складирање и дигитализација.

– Нашата визија е едноставна, но амбициозна – енергетски систем што е доволно флексибилен за да ги апсорбира глобалните шокови, доволно зелен за да обезбеди одржливост и доволно стабилен за да гарантира достапна енергија за сите – вели Божиновска.

 

Во однос на рамнотежата меѓу безбедност, достапност и одржливост, министерката нагласи дека овие цели не се меѓусебно исклучени, туку меѓузависни.

– Не станува збор за избор меѓу безбедност, достапност или одржливост, туку за тоа како ги поврзуваме овие цели. Тоа бара стратегија, долгорочни инвестиции и пред сè – соработка. Ниту една земја не може сама да ги реши глобалните енергетски предизвици, но заедно можеме да изградиме посилни и поотпорни системи – рече Божиновска.

Го посочи и значењето на вештачката интелигенција во енергетиката оценувајќи дека таа претставува потенцијал за подобра ефикасност.

– Вештачката интелигенција може да ја зајакне отпорноста на системот – преку попрецизно предвидување на побарувачката, оптимизација на производството и подобра интеграција на обновливите извори. Ако се користи мудро, таа ќе ни овозможи да сме поефикасни и поподготвени за иднината – посочи министерката.

„Berlin Global Dialogue“ е глобална платформа основана со цел да поттикнува дијалог меѓу носителите на економски и политички одлуки, академската заедница и бизнис-секторот. Форумот е познат по своите учесници од највисоко ниво – меѓу кои и францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Олаф Шолц и извршниот директор на BlackRock, Лери Финк.

 

– Да ја претставуваме Македонија таму каде што се зборува за иднината на енергијата и глобалниот развој е чест и одговорност. Овие разговори не се само за иднината на енергијата – тие се за иднината на економијата, на стабилноста и на светот што го оставаме на следните генерации – нагласи Божиновска.