Фото: Сања Божиновска/Фејсбук

Гасниот интерконектор меѓу Србија и Македонија треба да биде изграден до крајот на 2027 година, а гасот низ него да протече на почетокот на 2028 година, најавија министерките за енергетика и рударство на двете земји Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ и Сања Божиновска по средбата во Белград и состанокот на заедничката работна група на за реализација на гасниот интерконектор.

Овој проект, како што нагласи Ѓедовиќ Хандановиќ, е уште еден доказ за силната билатерална соработка меѓу двете земји, заснована на доверба, заеднички интереси и јасна визија за регионална енергетска стабилност.

Таа посочи дека е планирано интерконекторот да биде долг 144 километри, неговата проценета вредност е 153 милиони евра и дека парите за него се обезбедени.

– При крај сме со идејните проекти, кои ќе бидат готови во следните неколку месеци. Исто така, со помош на Европската Унија, ја завршивме студијата за изводливост и студијата за проценка на влијанието врз животната средина и продолжуваме понатаму. Планот е да добиеме дозвола за градба кон средината на 2026 година и веднаш потоа да започне изградбата. Капацитетот на гасоводот е 1,5 милијарди кубни метри гас – изјави Ѓедовиќ Хандановиќ за новинарите по разговорите со македонската делегација.

 

Министерката Божиновски, пак, нагласи дека Македонија има помалку километри во делот кон Србија, околу 23, и дека очекува конекторот да биде готов до крајот на 2027 година и оперативен од почетокот на 2028 година.

Кажа дека министерството што го води има добра соработка со сите соседи и дека од темите што се дискутираа денеска, гасното поврзување е најважно.

– Во моментов имаме само една врска, кон Бугарија, но почнавме да градиме интерконектор кон Грција, а со тоа нашата земја ќе стане и земја за транзит на гас, а преку нас, од Република Грција, ќе бидеме дел од транзитот кон Источна Европа. Што се однесува до временските рамки, на техничко ниво што веќе ги договоривме, се надевам дека ќе ги спроведеме и дека ќе изградиме интерконектор со Грција до крајот на 2027 година – рече Божиновска.

Таа, исто така, ја истакна добрата соработка со Србија во рамките на Енергетската заедница и оцени дека помагањето на соседите е најважно.

На денешната средба со Белград е договорено состаноците на работните групи да се одржуваат на секои два месеца, дека динамиката ќе се следи и оти е многу важно навремено да се координираат активностите околу завршувањето на интерконекциите.