Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денеска одржа протест пред Собранието, Стопанската комора и Владата, на кој претседателот на ССМ Слободан Трендафилов, пред присутните членови и поддржувачи, упати критики кон институциите за, како што рече, игнорирање на барањата за зголемување на работничките плати.
На почетокот од својот говор тој им се извини на полициските службеници ангажирани околу обезбедувањето на протестот, истакнувајќи дека и тие се работници кои годинава не добиле зголемување на платите.
– Тие се исто така работници и заслужуваат почит – рече тој, повикувајќи ги присутните за аплауз.
Претседателот на ССМ оцени дека институциите „се исплашиле“ од протестите и дека носат одлуки со кои, како што истакна, се штитат само функционерските примања.
– Мнозинството пратеници се против усогласување на минималната плата и против зголемување на работничките плати најмалку за 6.000 денари – рече Трендафилов.
Според него, пратениците кои не ги поддржале измените на Законот за минимална плата „единствено гласале сложно“ за зачувување на сопствените примања.
Тој истакна дека граѓаните не ги финансираат само избраните функционери, туку и политичките партии кои „држат прес-конференции против работниците“.
Претседателот на Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање (СГИП), Иван Пешевски, пред Стопанската комора упати критика до работодавачите и институциите дека се повикуваат на поддршка на работниците, а од друга страна ги намалуваат платите.
– Тука сме да покажеме дека нема бегање од покачување на платите. Платите мора да пораснат за младите да останат. Тоа е мотото кое ќе не води додека не ја постигнеме целта – истакна Пешевски.
Тој повтори дека синдикатите бараат минимална плата од 600 евра веднаш, а не во 2028 година, како и целосно почитување на потпишаните колективни договори.
– Ако се фалите дека сте трета или четврта економија, покачете ги платите. Ако има за нас, ќе има и за вас – порача Пешевски.
Претседателот на НСОН Томислав Гиевски истакна дека нема откажување и дека нема да попуштат.
– Она што ни следува е наше и ќе го обезбедиме. Начинот е овој, борба до крај – порача Гиевски нагласувајќи дека работниците стануваат сè похрабри и сè подготвени да ги штитат своите права.
Тој наведе дека синдикатите имаат јасни и конкретни барања, а тоа е повисока и достоинствена минимална плата, линеарно зголемување на работничките примања, почитување на колективните договори во образованието, усогласување на минималната плата со растот на платите во секторот, подобро вреднување на трудот во детската заштита.
– Ако секој работник мора секој ден да внимава како работи и да ги почитува законите, мора и институциите да ги почитуваат законите и колективните договори. Платите треба да се исплаќаат онака како што е предвидено – нагласи тој.
Претседателот на НСОН упати и порака до оние вработени кои сè уште не се приклучиле на протесните активности дека веќе нема простор за тактизирање и криење и дека и тие имаат одговорност да се борат за нивните права.
Синдикатите најавија дека протестите ќе продолжат пред сите релевантни институции сè додека не се исполнат барањата за зголемување на платите и подобрување на работничкиот стандард, пренесува МИА.































