Фото: Влада

Формализацијата на сивата економија е една од највисоките стратешки определби на Владата и клучен сегмент од реформската агенда, зашто директно влијае врз економскиот раст, стабилноста на јавните финансии и заштитата на работниците. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во 2024 година во земјава имало околу 694 илјади вработени, од кои приближно 85 илјади биле неформално ангажирани. Тоа е сериозен предизвик кој бара системски решенија, рече денеска министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши на настанот во Владата по повод презентација на Законот за работно ангажирање лица.

Со Законот, напомена Дурмиши, се воведува пофлексибилен и поедноставен модел за легално ангажирање, со јасна правна рамка и електронски процедури за пријавување, одјавување и уплата на придонеси. Законот овозможува ангажирање на вработени, невработени, студенти, ученици и пензионери, без губење на нивните веќе стекнати права. Корисниците на гарантирана минимална помош не ги губат социјалните и детските права, невработените не се бришат од евиденцијата и не го губат паричниот надоместок, пензионерите го задржуваат правото на пензија, а студентите и учениците ги задржуваат правата од образовниот систем.

-Со овој Закон испраќаме јасна порака дека државата е решена системски да ја сузбива сивата економија и активно да ја поддржува формалната економија. Тоа значи повеќе формални работни места, поголема сигурност за работниците и стабилна, предвидлива и фер деловна клима за компаниите кои инвестираат и придонесуваат за растот на македонската економија – подвлече Дурмиши.

Министерството, како што беше најавено на настанот, ќе почне кампања за промоција на Законот под мотото „Фер ангажман”.

Со овој Закон, посочија учесниците, Владата испраќа и недвосмислена порака дека реформите во областа на трудот не се декларативни, туку реални и применливи. Формалната економија, заштитата на работниците, фер конкуренцијата и дигиталната трансформација се заедничка одговорност и заеднички интерес за сите, особено за државата.

-Во првата фаза, Законот ги опфаќа дејностите каде што сивата економија е најизразена – земјоделството, шумарството, рибарството, објектите за сместување, сервисните дејности за храна и дејностите во домаќинствата. Според анализите, се очекува формализација на до 12.000 сезонски работници во земјоделството и околу 5.400 непријавени работници во туризмот, угостителството и услугите, односно вкупно опфаќање на околу 17.400 лица – подвлече министерот.

Според него, оваа реформа носи конкретни придобивки и за работниците и за работодавачите – работодавачите добиваат флексибилност и поедноставени административни постапки, а работниците исплата по час, придонеси за пензиско и инвалидско осигурување, дополнителен придонес за задолжително здравствено осигурување во случај на повреда при работа или професионално заболување, како и јасна правна заштита на нивните права.

– Денес зборуваме за Закон што веќе е во употреба и претставува значаен исчекор во уредувањето на пазарот на трудот. Законот за работно ангажирање лица почна да се применува од 1 јануари 2026 година, а тековниот период беше наменет за техничка и институционална адаптација, со цел неговата имплементација да биде ефикасна, усогласена и функционална во пракса. Министерството за економија и труд и досега спроведуваше активни политики преку Оперативниот план за вработување, но анализите покажаа дека дел од лицата и понатаму остануваат надвор од формалните текови. Токму затоа беше донесен овој закон, кој претставува суштинска реформа во начинот на повремено и сезонско ангажирање на работна сила – рече Дурмиши.

Тој упати посебна благодарност до Германско друштво за меѓународна соработка(ГИЗ) за експертската и техничката поддршка во процесот на подготовка и имплементација на законот, до Агенцијата за вработување, Министерството за финансии и Управата за јавни приходи, како и до сите институции кои беа директно вклучени во воспоставувањето на функционален и ефикасен систем.