Економски опсервации: Бугарија со продажбата на биткоини пропуштила шанса да го отплати јавниот долг
Со ставање на тежиштето кон интровертно билдање хегемонизам, исчекор кон шовинизам и суптилен експанзионизам со помош на европските либерални елити, како и опседнатоста со историски ревизионизам, Софија низ годиниве си направи толку длабока штета на внатрешните односи, економскиот раст и развој што, според повеќе наши соговорници, Бугарија сѐ уште не е свесна колку длабоки и далекосежни последици ќе претрпи низ годините што следуваат, само затоа што тежиштето на официјална софија во водењето политика беше ставено на бугарско-македонските односи, односно наоѓање начини за нихилирање на постоењето на македонскиот народ, јазик и историја.
И тоа е еден од пресудните фактори за пропустите на официјална Софија во делот од економско-финансиските политики за раст и развој на бугарската држава и нација, што, според соговорниците, историјата нема да им го прости.
Секако, според анализите, и недоволното познавање на модерните финансиски текови, кратковидоста или неволноста да се преземе ризик, ја чинеа Бугарија скапо, резултирајќи со пропуштање можност за решавање на националниот долг на земјата.
Експертите издвојуваат пример за невиден пропуст на Софија во делот од
финансиското работење
Токму на еден таков колосален пропуст на официјална Софија се осврнува и порталот специјализиран за криптовалути „Коинтелеграф“. Властите во Софија реагирале брзоплето со итна продажба на запленети критовалути во 2018 година, при што се покажува дека нивната вредност денес би го надминала/отплатила бугарскиот јавен долг.
Во споменатиот случај Бугарија запленила над 213.500 биткоини во 2017 година и ги продала веќе идната година. Кон крајот на 2017 година, запленетите биткоини вределе околу 3,5 милијарди долари – доволно за да се покрие една петтина од националниот долг на земјата. Сега истото количество биткоини би вредело околу 25,24 милијарди долари, што го надминува јавниот долг на земјата од 24 милијарди долари, според податоците на „Ворлд економикс“.
Овој случај повторно ја разгоре дебатата за тоа дали владите треба да ги третираат криптовалутите како резервна актива, но покажа и дека бугарските власти немале капацитет за носење важни стратешки одлуки.
Поделена јавност во однос на одлуката на Бугарија
Јавноста е поделена во однос на одлуката на Бугарија. Некои сметаат дека Бугарија не сакала да ризикува со задржувањето на криптовалутите како резерва, поради тогашната нестабилност на биткоинот, додека други посочуваат оти надлежните во Софија немале потребно познавање за дигиталните валути.
Основачот на „Обчакевич рисрч“, Алекс Обчакевич, за „Коинтелеграф“ изјави дека „нестабилноста на биткоинот го отежнува неговото користење како стабилна резерва“.
Роберт Знидар, директор на платформата за управување со криптосредства „Ајкономи“, пак, беше покритичен кон одлуката на Бугарија. Според него, продажбата била мотивирана од „непознавање на филозофијата, корисноста и мисијата на биткоинот“.
– Со оглед на признанието што биткоинот и криптовалутите го добија во последната година, сигурен сум дека ова нема да се случи повторно – нагласи Знидар.
Обчакевич додаде дека потенцијалните придобивки од задржувањето на биткоинот ќе бидат „засенети од ризиците од нагло опаѓање на вредноста“. Наместо да го чува како резерва, тој сугерира дека земјата требало да ги диверзифицира своите средства.
– Неопходни се ограничување на уделот на биткоинот на околу 10-15 отсто, фазна ликвидација, хеџирање преку деривати и јасна правна рамка за да се избегне макроекономска нестабилност – објасни Обчакевич.
Во бугарската јавност се појавија шпекулации дека владата можеби сепак ги задржала запленетите криптовалути во нејзин посед, и покрај тоа што властите ги негираа таквите тврдења.
Националните власти, преокупирани со анахрони нешта, сѐ уште немаат разбирање за криптовалутите
Бугаринот Валентин Михов, коизвршен директор на креаторот на пазарот „Веб3 енфлукс“, не е толку убеден дека бугарската влада правилно се фокусира на нештата и не е сигурен дека таа донела правилна одлука.
Според Михов, приказната „одразува како повеќето влади сè уште погрешно разбираат што може да претставуваат криптовалутите: не само шпекулативна актива туку и стратешка резервна можност“. Тој рече дека во тоа време „повеќето институции сè уште го сметале биткоинот за ’радиоактивен’, ако воопшто знаеле за него“, па тоа одиграло значајна улога во одлуката за продажба, но било далеку од единствената причина.
– Чувањето ќе беше незрело. Регулативата беше неизвесна. ЕУ ја затегнуваше фискалната дисциплина и имаше помал апетит за ризик. Од гледна точка на конзервативната влада, ликвидацијата на запленетиот биткоин бил најчистиот пат напред – истакна Михов.
Но тој додаде дека веројатно би препорачал делумна ликвидација ако во тоа време ја советувал бугарската влада.
– Јас би се залагал за долгорочна резервна структура. Дури и стратешко држење од 10 или 20 отсто би ја позиционирало Бугарија – посочи Михов.
Големите нации поседуваат биткоини
Според неодамнешен преглед, владите колективно поседуваат околу 463 илјади биткоини, односно околу 2,3 отсто од вкупната понуда на најпопуларната светска криптовалута. САД и Кина предничат, поседувајќи над 198 илјади, односно 190 илјади биткоини, според податоците за „Биткоин трежурис“.
Обединетото Кралство е трето, поседувајќи 61.245 биткоини, по што следува Украина, која ги вклучува и поседувањата на јавните службеници, со 46.351. Петтиот најголем сопственик е Северна Кореја, која во голема мера ги стекнала резервите преку активностите на хакерски групи спонзорирани од државата, моментално поседувајќи 13.562 биткоини.
Бутан е шестиот најголем сопственик на биткоини меѓу земјите, со своите 10.486 биткоини. Владата на азиската држава често привлекува внимание со своите криптотрансакции, а во извештајот од 14 јули се наведува дека префрлила 74 милиони долари во биткоини на „Бајнанс“ во текот на две недели. Е.Р.