Фото: Маја Јаневска-Илиева

Финансискиот систем и натаму е стабилен, а ризиците се на умерено ниво. Ова е општиот заклучок во Годишниот извештај на Комитетот за финансиска стабилност за 2024 година, којшто Kомитетот го усвои на последната седница.

– Во Годишниот извештaј се наведува дека домашниот финансиски систем покажува висока отпорност на шокови и успешно се справува со тековните предизвици. Во 2024 година, финансиските институции работеа во поповолно макроекономско опкружување, постигнаа солидни резултати и придонесоа кон продлабочено финансиско посредување – информираат од Народната банка.

Оттаму додаваат дека ризиците за финансиската стабилност што произлегуваат од различните сегменти на финансискиот систем се умерени, како и ризикот од „зараза“, односно прелевање на ризиците од еден во друг сегмент.

Сепак, нагласуваат од Народната банка, и натаму има одредени неизвесности, главно поврзани со надворешните фактори, како што се геополитичките тензии и економската фрагментација. Како мала и отворена економија, домашниот систем сѐ уште е изложен на надворешни шокови, поради што е потребна постојана претпазливост.

– Во тој контекст, финансиските институции и носителите на макропрудентните политики треба внимателно да ги следат состојбите, заради одржување на финансиската стабилност. Финансиските регулатори ќе продолжат со координирано следење на состојбите, навремена размена на информации и доколку е потребно, ќе преземат соодветни мерки во рамките на своите надлежности. Тие располагаат со доволно инструменти за зачувување на финансиската стабилност, обезбедувајќи нејзино одржување и во наредниот период – се вели во денешното соопштение од Народната банка.

Комитетот за финансиска стабилност е меѓуинституционално тело одговорно за спроведување на макропрудентната политика и координација при следење на системските ризици и финансиските кризи. Него го сочинуваат претставници од сите финансиски регулатори – гувернерот на Народната банка, министерот за финансии, претседателите на Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО), Агенцијата за супервизија на капитално финансираното пензиско осигурување (МАПАС) и Комисијата за хартии од вредност (КХВ), пет претставници од Народната банка и три од Министерството за финансии.