„Евростат“ објави задолженост во ЕУ и задолженост во еврозоната за првиот квартал во 2024-та, а направи и споредба со првиот и последниот квартал во 2023-та
На крајот на првиот квартал од 2024 година односот на бруто-долгот на владите во т.н. еврозона во однос на БДП во еврозоната (EA20) изнесуваше 88,7 отсто, во споредба со 88,2 на крајот на четвртиот квартал од 2023 година.
Исто така и во целата Европска Унија односот на бруто-долгот на ЕУ во однос на БДП на ЕУ споредбено за гореспоменатиот временски период (последниот квартал од 2023-та со првиот квартал во 2024-та) се зголемил од 81,5 на 82 отсто.
Но, ако се направи споредба со првиот квартал од 2023 година, бројките се пооптимистички, односно односот на долгот на државите кон БДП се намалил и во еврозоната (од 90,1 на 88,7 отсто) и во целата ЕУ (од 83 на 82 отсто).
На крајот на првиот квартал од 2024 година, генералниот (вкупниот) долг беше сочинет од 83,9 отсто должнички хартии од вредност во еврозоната и 83,4 отсто во ЕУ; потоа 13,6 отсто заеми во еврозоната и 14 отсто во ЕУ; како и 2,6 отсто валутите и депозитите и во еврозоната и во ЕУ.
Поради вклученоста на владите од земјите членки на ЕУ во кредитирањето на одредени земји членки, се објавуваат и квартални податоци за меѓувладините заеми (ИГЛ). ИГЛ како процент од БДП на крајот на првиот квартал од 2024 година изнесуваше 1,4 отсто во еврозоната и 1,2 во ЕУ. Сите овие податоци ги објави „Евростат“, заводот за статистика на Европската Унија.
Долгот расте во Франција, а Грција и натаму е најзадолжена земја во еврозоната
Коментирајќи ги анализите на „Евростат“, реномираниот медиум „Политико“ пишува дека „долгот на еврозоната се зголеми во првите три месеци од годината, бидејќи Франција се бореше да ги задржи своите финансии под контрола по неколкунеделни политички превирања“.
Политико пренесува дека 20-те земји од валутната зона забележаа долг од 88,7 отсто од БДП во споредба со 88,2 отсто во претходниот квартал, коментирајќи ја „нешто попозитивна вест дека дефицитот на еврозоната – разликата помеѓу трошењето и наплатата на владите – се намали во првиот квартал на 3,2 отсто од БДП од 4 отсто“.
Натаму, медиумите коментираат дека долгот расте во Франција, но и дека Грција и натаму е најзадолжената земја во еврозоната.
Имено, Франција, чиј статус на финансиски обврски внимателно се следи (по намалувањето на рејтингот и политичката стабилност предизвикани од најавата за предвремени избори на претседателот Емануел Макрон), сега забележа раст на нејзиниот долг за 0,9 процентни поени од БДП во споредба со претходниот квартал. Потоа, Грција и натаму е најзадолжена земја во еврозоната, со вкупен долг од речиси 160 отсто од БДП. Сепак, таа е и земјата што го отплаќа најбрзо, со намалување од 2,1 процентни поена во однос на четвртиот квартал од 2023 година.
Во Западна Европа, Белгија забележа најбрз раст на долгот во однос на нејзината економија, со раст од 3,1 процентни поени на квартална основа. Е.Р.