Превентивни совети на владите во ЕУ-членките до своите граѓани во време на тензии и финансиски ризици
- Данска е меѓу европските земји што препорачуваат поседување готовина и повеќе опции за плаќање од страна на граѓаните, за да бидат подготвени за кризни ситуации и можни сајбер или технички застои. На пример, Националната банка на Данска препорачува дека „готовината треба да се врати во паричникот“, а дава и низа препораки до бизнисите за да бидат што е можно подобро подготвени во случај на криза
По препораките на Европската централна банка жителите на Европската Унија секогаш да имаат готовина на располагање, деновиве со конкретни насоки излегоа и првите луѓе на Националната банка на Данска. Оваа институција децидно им препорачува на данските граѓани поседување готовина, а и повеќе опции за начини на плаќање, за да бидат подготвени за кризни ситуации и можни сајбер или технички застои.
„Готовината треба да се врати во вашиот паричник“, нагласува Националната банка на Данска, која сега дава препораки и до граѓаните и до бизнисите да бидат што е можно подобро подготвени во случај на криза. На пример, криза може да се случи поради хакерски напад врз т.н. „критична инфраструктура“ или поради голем технолошки дефект.
– Живееме во време кога населението мора да се подготви за можни дефекти од сите видови – вели Улрик Нодгард, директор на Националната банка на Данска.
Ова е очигледно и од претходните настани, како што е дефектот на системот на компанијата за плаќање „Нетс“ на почетокот на изминатото лето, што го парализираше целото Кралство Данска цели три часа. Доколку се случи вакво нешто повторно, Националната банка сега однапред дава совети за тоа како треба да се подготват граѓаните и бизнисите.
Секогаш на располагање пари во готовина!
Препораките не се ненадејни – неколку извори предупредуваат дека треба да се биде подготвен доколку земјата евентуално се соочи со голем предизвик.
За издвојување е дека и директорот на данската разузнавачка служба Томас Аренкиел додава масло на оганот во врска со стравувањата што ги истакнува данската влада.
– Се води хибридна војна против Данска – рече директорот на данската разузнавачка служба.
Тој, како и данската Влада, ја лоцира причината.
– Заканата од Исток врши притисок врз сè, од банки до водоводни системи, важноста на подготовката за непредвидени ситуации расте – рече директорот на данската разузнавачка служба Томас Аренкиел.
И Европската централна банка предупреди дека ниту еден систем, вклучувајќи ги и дигиталните плаќања, не е без слабости.
Поради зголемените тензии и сè почестите прелети на неидентификувани беспилотни летала во воздушниот простор на членките на Европската Унија и НАТО, централните банки ги забрзуваат подготовките за кризни ситуации.
Деновиве Европската централна банка (ЕЦБ) објави студија од своите аналитичари Франческо Фаело и Алехандро Замора-Перез, која привлече внимание со насловот „Останете смирени и носете готовина“. Аналитичкото истражување посочи дека и „обичен“ прекин на електричната енергија може да го парализира финансискиот систем на една земја и да ги остави граѓаните без пари.
Ширењето на гласините за „закана од воени конфликти“ го множи проблемот на незамисливи нивоа.
Нагло повлекување средства од банките
За централните банки, проблемот е да се обезбеди доволно количество готовина на краток рок. Војната во Украина е еден пример за нагло повлекување средства од банките. Имено, бројот на подигање готовина значително порасна во Естонија, Летонија, Литванија, Словачка и во Финска, а се проценува дека дополнителни 211 милиони евра се повлечени од банките по почетокот на војната – најмногу во првите три недели.
Брзањето на граѓаните кон банките за да подигнат готовина веднаш по почетокот на војната ги надмина сите предвидувања на банките за потребното количество готовина што мора да го обезбедат. За илустрација, само за еден ден на крајот на февруари 2022 година граѓаните во земјите најблиску до Украина и руската граница подигнаа 80 милиони евра од своите сметки.
Фаел и Замора-Перез истакнаа дека таков долгорочен раст на побарувачката за физички банкноти е особено изненадувачки со оглед на тоа што балтичките и северноевропските земји се инаку високодигитализирани и во голема мера зависни од системи за безготовинско плаќање. Сепак, зголемен број на подигнувања е забележан и во Германија и Австрија.
– Како и со секоја друга подготовка за непредвидени околности, така и во случај на недостапност на електронско плаќање, препорачливо е внимателно да се испланира одредено количество готовина што би било достапно за основните потреби, во согласност со индивидуалните околности, животните навики и дневните трошоци на поединецот или домаќинството – даде мислење на оваа тема Централната банка на американската сојузна држава Северна Каролина.
Граѓаните веќе интуитивно знаат дека во кризни ситуации секогаш е корисно да имаат готовина со себе, а владите, централните банки и деловните банки мора да најдат одговор на зголемената побарувачка на граѓаните и да ги одржат функционалните трансакции на плаќање.
Како граѓаните се однесуваат во кризни ситуации е испитувано во повеќе истражувања, но конкретно однесување точно не може да се предвиди.
Еден пример за нагли промени во однесувањето беше кога Пиринејскиот Полуостров (Шпанија, Португалија) речиси целосно остана без електрична енергија во април оваа година. Тогаш повеќе од 50 милиони луѓе беа убедени дека „готовината е финансиската кралица“, и покрај брзиот развој на различните форми на безготовинско плаќање. Само за еден ден во кој снема електрична енергија, на 22 април, и телекомуникациите и дигиталните системи за плаќање престанаа да работат низ целиот полуостров, трошењето со картички и онлајн купувањето од страна на Шпанците се преполови. Вкупната потрошувачка во таа земја на тој ден беше околу една третина послаба од вообичаеното.
Сајбер-ризици и дигитална безбедност
Како што споменавме погоре, готовината беше особено во функција годинава, кога големи делови од Шпанија и Португалија беа погодени од голем прекин на електричната енергија што траеше 20 часа.
– Продавниците треба да бидат добро подготвени и да знаат како да се справат со офлајн плаќањата – додава Улрик Нодгард.
Настани како овој се причината зошто Народната банка сега им советува на граѓаните повторно да чуваат готовина при рака, особено затоа што новата анализа покажува дека помалку од половина од данското население чува готовина во своите домаќинства.
– Искуствата од Пиринејскиот Полуостров покажуваат дека готовината и другите опции за плаќање можат да играат важна улога. Затоа сега обрнуваме поголемо внимание на готовината. Со физички картички, готовина и мобилни плаќања, граѓаните се добро подготвени – истакнува Нодгард.
Препораките доаѓаат во време кога непознати хакери ја презедоа контролата врз водоснабдувањето во Нов Зеланд, а банките регистрираат зголемен број обиди за сајбер-напади.
Затоа препораките за потребата од готовина (кеш) и некакви други дополнителни опции за плаќање доаѓаат во вистинско време.
– Живееме во време кога населението треба да биде подготвено за неуспеси од сите видови. Сè што се случи оваа година, вклучувајќи ги и сајбер-нападите и неуспесите како оној на „Нетс“, ја потврдува потребата од тоа – вели Нодгард.
Тој нагласува дека алатките што треба да се користат во случај на дефект се исти, без оглед на видот и причината, па затоа препораките се универзални. Е.Р.
Препораки до граѓаните во европските земји
Народната банка на Данска на своите граѓани и домаќинства им препорачува:
– Да имаат повеќе опции за плаќање – платежни картички, готовина и решение за плаќање преку телефон, како што е „Мобилпеј“ (MobilePay).
– Секое домаќинство да има најмалку две физички платежни картички од различни брендови, запомнете ги ПИН-кодовите, бидејќи повеќето офлајн плаќања со картички работат само со ПИН.
– Имајте со себе одредено количество готовина. Препораката е 250 круни (приближно 35 евра) по лице во домаќинството, но проценете сами дали е потребно повеќе. Предноста е да имате помали апоени на готовина и монети, што им олеснува на продавниците да враќаат кусур.
Претприемачите во ЕУ да се подготват за алтернативни методи на плаќање
Совет до сите продавници, ресторани и други бизниси да воведат алтернативи:
– Подгответе се за ситуации каде што плаќањата не можат да се обработуваат нормално поради прекини, немање интернет или криза.
– Подгответе се за офлајн плаќања со картички, доколку веќе прифаќате стандардни платежни картички, и размислете за имплементација на офлајн решенија за мобилно плаќање.
– Осигурете се дека персоналот знае што да прави и ги има сите потребни информации и упатства пред да се појави ситуацијата.
За споменување е дека анализата на Народната банка на Данска покажува дека многу продавници не се во можност да прифатат, особено Епл и Гугл пеј, кога има прекин и е потребно офлајн плаќање. Е.Р.