Фото: Архива

Програмата за енергетска поддршка на Македонија и на регионот лично ја соопшти шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, од Скопје, на турнејата низ регионот. Како гледаат експертите и аналитичарите на оваа најнова помош

КОЛКУ ТЕЖИ ЕВРОПСКИОТ ЕНЕРГЕТСКИ ПАКЕТ ЗА ПОМОШ НА МАКЕДОНИЈА И НА РЕГИОНОТ

Европската Унија ќе ѝ даде финансиска поддршка на Македонија за справување со енергетската криза. Првата транша е во износ од 80 милиони евра, која ќе биде искористена за буџетска поддршка во државата до крајот на годината. Оваа финансиска инјекција за македонскиот буџет претставува дел од поголемиот пакет од 500 милиони евра, кој Европската Унија го вети за земјите од Западен Балкан и за подобрување на енергетската инфраструктура во регионот. Програмата за енергетска поддршка лично ја соопшти шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, од Скопје, кое беше првата станица од турнејата низ регионот. Објавата доаѓа откако зголемените цени на енергијата предизвикани од војната во Украина и почетокот на зимата предизвикаа потреси во националните економии во Европа, кои веќе се борат со зголемената инфлација.
– Секако дека ќе дојде повеќе. Има 500 милиони евра грантови за целиот регион да инвестира во енергетски врски, енергетска ефикасност и, секако, обновлива енергија – рече Фон дер Лејен, која ја најави поддршката за Македонија и преку заедничко купување гас на светскиот пазар.
Официјални претставници на ЕУ постојано изјавуваат дека земјите од Западен Балкан се дел од европското семејство и покрај долгиот процес на пристапување. Експертите предупредија дека закочениот процес на интеграција предизвика растечки евроскептицизам, оставајќи простор за зголемување на руското влијание во регионот, пишува „Еуроактив“, по објавата за енергетска помош на регионот. Во домашната политичка јавност вчера можеа да се слушнат и коментари дека делот наменет за Македонија е премал во однос на досегашната доследност на надворешната политика на Европската Унија, во однос на случувањата во Украина и глобалната економска криза.

– Овој потег на Европската комисија го гледам како геополитички чекор, а сумата што се предвидува можам да ја прокоментирам како, како што велат Англичаните, фрлање кикиритки или трошки. Тоа се направи за да се сврти вниманието на јавноста од земјите дека Европската Унија се грижи за земјите од Западен Балкан или повеќе да се оттргнат од влијанието на Русија. Не верувам дека овие 80 милиони евра ќе можат да влијаат на подобрување на енергетската стабилност во нашата земја. Од претставниците на Унијата беше соопштено дека овие средства ќе можеме да ги очекуваме од јануари следната година, откако ќе навлеземе во зимата, кога потребите за енергија се највисоки! Оваа помош претставува симболичен чин на ЕУ и е задоцнета во секој случај. Конечно, солидарноста што сакаат да ја искажат кон земјите од Западен Балкан е лицемерна, ако се има предвид поделеноста меѓу земјите од Унијата за постигнувањето заедничка енергетска политика. Во ЕУ недостига таа меѓусебна солидарност. Германија ги субвенционира фирмите и граѓаните во снабдувањето со енергија, што е спротивно на декларираните европски заложби за слободен енергетски пазар, а тоа наидува на незадоволство од другите земји. Овде се гледа себичноста во ЕУ, а претседателката на Европската комисија прво солидарноста нека си ја покаже дома во Европската Унија – ни изјави Биљана Ванковска, професорка по мировни студии на УКИМ.
Според политичкиот аналитичар Ивица Боцевски најавената помош од Европската Унија е добредојдена за нашата земја.
– Како Македонија треба посилно и појасно да ги искажуваме нашите потреби за финансиска помош, посебно во услови на криза. Истото тоа треба да се направи и во рамките на регионалната соработка меѓу земјите од Западен Балкан. Наспроти висината на понудената финансиска помош, повеќе имам забелешки на начинот на кој претставниците на македонската влада ги информираа граѓаните. Нашата влада имаа сигурни информации за тоа колкава помош се предвидува за Македонија и некоректно беше да се подгреваат нашите очекувања, во услови кога се соочуваме со енергетска неизвесност во наредниот период – ни изјави Боцевски.
Од македонската влада напоменуваат дека 80 милиони евра од ЕУ нема да бидат единствената помош, а како што соопшти и претседателката на Европската комисија, Фон дер Лејен, веќе се размислува и за нова помош не само во грантови туку и во регионална помош за финансирање капитални проекти за поврзување со гас и за обезбедување нови извори на снабдување со електрична енергија. Тука, пред сè мисли на големи проекти што се планирани во регионот за изградба на гасни централи и на други енергетски постројки за стабилизирање на производството на електрична енергија во целиот регион на Западен Балкан.
Европската Унија веќе инвестираше за да помогне во енергетската транзиција во земјата, што веќе придонесе да се подготви земјата подобро да се справи со кризата, како и да работи на постигнување на нејзините климатски цели. Поголемиот дел од тие пари се заеми од повеќе банки, а 42,3 милиони евра се грантови на Европската Унија преку повеќе фондови. Меѓу поголемите проекти што беа поддржани од ЕУ се за „Осломеј 2“ и Сончевите фотоволтаични централи – Битола, во вкупна вредност од 30 милиони евра, од кои пет милиони евра се грант од ЕУ (преку ИРЗБ), а 25 милиони евра заем од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). Ветерниот парк „Богданци“ е со вкупна вредност од 76 милиони евра, од кои 0,4 милиони евра грант се обезбедени од ЕУ (преку ИРЗБ) и 65,9 милиони евра се заем од КФВ развојна банка. М.Ј.