Северот на Европа гладен за работници, на југот на Европа – висока невработеност
- „Евростат“ издвојува дека вработеноста во ЕУ во целина достигнува до „нов историски максимум од 75,8 отсто на ниво на Унијата“. Сепак, деталите откриваат дека има огромни разлики меѓу земјите
Европскиот статистички центар „Евростат“ ја објави најновата состојба на пазарот на трудот за 2024 година во Европската Унија. „Евростат“ издвојува дека вработеноста во ЕУ во целина достигнува до „нов историски максимум од 75,8 отсто на ниво на Унијата“. Сепак, деталите откриваат дека има огромни разлики меѓу земјите. Иако растот на вработеноста на жителите на Унијата е зголемен, сепак, како што пишува „Евростат“, остануваат уште 2,2 поени под целта од 78 проценти што е поставена со Акцискиот план за европскиот столб на социјални права за 2030 година.
Кој е т.н. „клуб со вработеност над 85 отсто“
Бројките откриваат дека сѐ поголем дел од работната сила во Унијата е опфатен на некое работно место, но, сепак, има разлики меѓу земјите, а дури се случува да има големи разлики и меѓу соседни региони. Кога ќе се погледне состојбата по региони, оваа еуфорија (на бројки и процени на вработеност) спласнува, бидејќи успехот не е рамномерно распределен. На север и во центарот на Европа бројките изгледаат ветувачки. Па така, на пример, податоците за Чешка и Шведска се натпросечни, сите нивни региони го минуваат прагот на вработеност. Добри постигнувања имаат и Холандија, Данска, Ирска, Германија и Словачка, а се издвојуваат и Естонија, Кипар и Малта, каде што државното ниво ја достигнува или надминува целта.
– Вкупно, речиси половина од ЕУ-регионите (113 од 243) веќе ја постигнале поставената или посакуваната цел за 2030 година – се посочува во објавата на „Евростат“.
Воедно, во неа се истакнува дека има неколку земји што се издвојуваат од преостанатите по добрите резултати. Тоа е „клубот над 85 отсто“, кој е редок, но значаен. Станува збор за Аландските Острови во Финска, каде што вработеноста на населението достигнува рекордни 86,4 проценти.
И Варшава бележи исто така високи 86,2 отсто, па следува Братислава со 85,4 проценти. Будимпешта исто така се истакнува со 85,3 проценти вработеност од популацијата, па следуваат Утрехт со 85,3 отсто и Прашкиот округ со 85,1 проценти.
– Ова се неколкуте региони каде што економијата влече напред, а пазарот на трудот брзо апсорбира работна сила. Тоа се главни градски или силно поврзани урбани јадра со густ сообраќај на инвестиции, знаење и услужни дејности – се нагласува во извештајот на „Евростат“.
Европа има и свои „црни дупки“
Сепак, спротивно на северните земји, каде што се бележат значително поголеми стапки на вработеност, состојбите во јужните делови од Европа не се толку оптимистички. Па, ако се погледнат податоците за јужна Шпанија и Италија, голем дел од Грција, поединечни области во Романија и најоддалечените територии на Франција, вработеноста останува ниска.
– Често станува збор за рурални, ретко населени или периферни региони, каде што патиштата до работните места се подолги, а индустриските јадра – далечни. Втората категорија заостанати области ја сочинуваат поранешни индустриски седишта што не успеале навреме да се приспособат на новата економија. Бројките тука се отрезнувачки: околу четвртина од регионите, или 65 од 243 региони во 2024 имале под 73,5 отсто вработеност – се потенцира во анализата на „Евростат“.
Од бројките може да се забележи дека најниски стапки на вработеност има во Калабрија, каде што само 48,5 проценти од населението работи. Потоа следуваат Кампања со 49,4 отсто и Сицилија со 50,7 проценти. Тоа се три јужни италијански региони каде што структурните слабости траат со децении.
Изненадувачки е што во таканаречената „жолтата зона“, на региони со не многу ниска стапка на вработеност што сепак се далеку од посакуваните проценти, се и големи градови. Меѓу нив е и Брисел, каде што вработеноста достигнува до 64,1 отсто, потоа во оваа група се и Лацио со 69 проценти, Виена со 70,6 отсто и Атика со 71 процент.
– Тоа се големи метрополи што, и покрај силните услуги, се соочуваат со специфични пазарни сегменти, демографија и миграции што ја спуштаат стапката на вработеност – се објаснува во анализата.
Приказна со две различни лица
Аналитичарите на европскиот статистички центар укажуваат дека иако Европа како целина напредува побрзо од очекуваното, истовремено се распарчува на успешни јадра и заостанати појаси. За да се стигне целта од 78 отсто, не е доволно да се слават рекордите: потребни се насочени политики – подобра поврзаност на периферијата, преквалификации за поранешните индустриски центри, стимули за женска и младинска вработеност – и паметни мерки за активирање на долготрајно невработените.
Европа се обидува да работи нешто – тоа е јасно. Но, дали Брисел преферира некого? Работењето е далеку од обезбедување т.н. рамномерен регионален раст. Резултатите идентификуваат „Европа во две брзини“. Аналитичарите го поставуваат прашањето што треба да се одговори до 2030 година: Дали сите региони ќе работат заедно? Само така рекордот ќе стане рамномерна нормала, а не статистика што блеска на север и избледува на југ. Е.Р.
Значителен пад на невработеноста во Македонија
Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2024 година активното население во Македонија изнесува 792.779 лица, од кои вработени се 694.506, а 98.273 лица се невработени. Стапката на активност во овој период е 52,3 отсто, а стапката на вработеност 45,8 проценти, додека стапката на невработеност изнесува 12,4 отсто.
Факт е дека во последните години невработеноста во Македонија значително се намали, но сепак и натаму има голем број предизвици. Ако направиме споредба каква била состојбата пред пет години, ќе видиме дека во 2019 година активното население изнесувало 964.014 лица, од кои вработени се 797.651, а 166.363 лица се невработени. Стапката на активност во овој период е 57,2 отсто, стапката на вработеност 47,3 проценти, додека стапката на невработеност изнесува 17,3 отсто. Е.Р.




































