Општествениот мир во Германија е доведен во прашање, порача германскиот вицеканцелар Роберт Хабек минатата недела. А непријателот се цените на природниот гас, пишува „Економист“. Во Германија која се потпира на Русија за околу една третина од увезениот гас, се очекува сметките значително да пораснат. Цените на гасот можат да доведат до големи загуби за компаниите, а како што стравува Хабек, и да предизвикаат финансиска криза. Германскиот парламент усвои и закон за енергетска безбедност што ѝ овозможува на владата да им помогне на компаниите погодени од енергетскиот шок. Но, најстрашната закана, што ја претставува потполното секнување на рускиот гас, делува се поверојатна.
Рускиот државен енергетски гигант „Газпром“ ги „притиска“ Европејците со месеци, наведува британскиот магазин. Истражувачката компанија „Ес енд Пи Глобал“ проценува дека Русија во јуни извезла само 4,7 милијарди кубни метри гас во Европа, што е едвај една третина од нивото на почетокот на минатата година. Најголемото количество гас доаѓа преку гасоводот „Северен тек 1“ што ги поврзува Русија и Германија преку Балтичкото Море, додека новиот гасовод на истата рута, „Северен тек 2“, не доби одобрување од Германија, во рамки на санкциите врз Русија поради војната во Украина.
Европските цени за природен гас уште се под рекордната вредност забележана во март. Но, ако се погледне подобро состојбата, тие сигнализираат подолгорочно нарушување на пазарите, што се очекува како последица од војната во Украина, тврди „Блумберг“.
Пазарот за природен гас тогаш ги одредуваше цените според очекувањата за краткорочна криза, која ќе трае можеби неколку месеци, но сега се соочува со голема опасност за наредната зима во текот на 2023 година, како и во 2024 година.
Менувањето на европските цени за гасот во изминатите неколку дена е највпечатливата скорешна промена на пазарот, што привлекува големо внимание во европските престолнини. Индустријата е запознаена и ги чувствува трошоците, но компаниите не се единствените што трпат последици.
Консултантската компанија „Корнвол инсајтс“ проценува дека британските домаќинства годишно ќе плаќаат до 3.244 фунти за нивните сметки за гас и електричната енергија, почнувајќи од октомври, што е зголемување за околу 65 отсто, во однос на досегашните 1.971 фунта. Пред менувањето на цените, консултантските компании во Британија предвидуваа помало поскапување.
Русија сега притиска уште посилно. На 16 јуни го намали извозот преку „Северен тек 1“ на 40 отсто од капацитетот, како што наведе, поради технички проблеми. Големите европски снабдувачи беа погодени силно, со што сега треба да го надоместат недостигот преку купување скап гас. Русија денеска го прекина сиот извоз на гас преку „Северен тек 1“ на околу 10 дена поради редовното годишно одржување. Потребна е поправка на важна турбина која е испратена во Канада, но поради воведените санкции, Канада се двоумеше дали да ја врати назад во Русија. Токму Хабек упати апел до Канада да ја прати турбината во Германија, по што Канаѓаните попуштија. Се очекува Германија потоа да ја достави турбината до „Газпром“.
Џонатан Стерн од тинк-тенкот „Оксфордски институт за енергетски студии“ смета дека Русија ќе продолжи со делумна испорака на гас преку „Северен тек 1“, откако Западот попуштил за прашањето за турбината. Но, предупредува дека Русија би можела да го користи гасот за да стекне корист како што времето ќе заладува.
Европската комисија затоа сака да ја организира ЕУ за одговор во случај на такво сценарио. Капацитетите на ЕУ се на исполнетост од околу 60 отсто, но сите земји-членки не се подеднакво снабдени, при што Бугарија, Романија и Унгарија моментно се на под 50 отсто, според „Економист“.