АД ЕСМ основа претпријатие за производство, дистрибуција и снабдување на Битола со топлинска енергија „ЕСМ Топлификација Битола Дооел од Новаци”. За директор на претпријатието е поставен Драган Силјаноски. Ова претпријатие ќе треба со топлинска енергија да ги загрева домовите и институциите во Битола, Новаци и Могила.
Топлинската енергија ќе се создава од производството на електрична енергија во РЕК „Битола“ и ќе се спроведува во системот за парно греење на трите општини.
– Проектот е во вредност од 46 милиони евра, од кои 39 милиони се кредит од германската КфВ банка, а 7 милиони се средства на АД ЕСМ. Согласно планот, на почетокот на топлификацијата ќе се приклучат 35 општински и државни институции во Битола кои ќе искористат една третина од капацитетот на системот. Со другите две третини ќе се задоволат потребите на големите станбени и деловни згради и на индивидуалните куќи во Битола, Новаци и Могила. Со проектот за топлификација на Битола, Новаци и Могила, покрај што во голема мера ќе се намалат трошоците за загревање на домовите и институциите, топлификацијата ќе има големо влијание и врз зачувување на животната средина – се наведува во соопштението од ЕСМ. М.М.