АД ЕСМ, Подружница РЕК „Битола“ ја информира јавноста дека во моментов работи со два блока – Блок 1 и Блок 2. Од компанијата потсетуваат дека трансформаторот на Блок 3, беше оштетен во пожар кој се случи вечерта на 5 ноември минатата година и дека од тогаш во континуитет се преземаат активности за негова санација.
Дали и кога постројката ќе биде во можност да произведува електрична енергија зависи од мислењето на стручни лица од РЕК „Битола“, од Електротехничките факултети во Битола и Скопје, експерти од Белград и стручни лица од енергетските компании во земјава. Дотогаш, контроли и обиди за ставање на трансформаторот во функција ќе се случуваат во континуитет, наведуваат од ЕСМ.
– Намерите на лица кои не се добро информирани и на никаков начин не се инволвирани во напорите за санација на трансформаторот на Блок 3 во РЕК „Битола“, да ги коментираат состојбите во комбинатот, цениме дека се несериозни и злонамерни – велат од компанијата.
Оттаму додаваат дека со техниката, особено во енергетиката, нема играње, заради што, како што нагласуваат, убедени се дека паушалните изјави и импровизации со сомнителни цели, конечно ќе запрат.