Фото: Официјален фејсбук профил

Есенските економски проекции на Европската комисија, кои што се објавени вчера, се јасен сигнал дека се движиме во позитивна насока, оценува министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

Во објава на Фејсбук таа наведува дека проекцијата за раст на македонската економија е зголемена за 2025 и 2026 година, што, како што вели, е потврда за стабилноста, издржливоста и довербата во нашите економски политики.

Таа нагласува оти во Извештајот е нотирано дека во првата половина од годината растот на БДП бил повисок од очекуваното, поддржан од инвестиции, приватна потрошувачка и подобрени извозни перформанси.

 

– Инвестициите во инфраструктурата и приватниот сектор се позиционираат како двигатели на растот во следните години, а стабилизирањето на инфлацијата дополнително ја зајакнува економската предвидливост. Дополнително, реализацијата на големите инфраструктурни проекти и спроведувањето на реформите од Планот за раст на ЕУ ќе имаат поголем придонес за уште побрз развој – пишува министерката.

Според неа, ова се позитивни сигнали од ЕК коишто се силен поттик да продолжиме со одговорни политики што ја зајакнуваат економијата и го подобруваат животниот стандард на граѓаните.

– Како Влада и како Министерство за финансии, остануваме посветени на стабилни јавни финансии, фокусирани инвестиции и реформи што го забрзуваат економскиот развој – истакнува министерката во објавата.

Имено, во Есенскиот извештај на Европска комисија (ЕК) проекцијата за економски раст за 2025 година изнесува 3,2 проценти и истата е зголемена за 0,2 процентни поени во однос на претходниот извештај. Исто така, проекцијата за 2026 година ЕК ја ревидираше нагоре, односно истата е зголемена на 3,3 проценти и  за 2027 година предвиден е раст од 3,3 проценти.