Фото: МИА

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер на Македонија, Христијан Мицкоски, во изјава за медиумите се осврна на актуелните случувања на Блискиот Исток, оценувајќи дека глобалната ситуација влијае врз енергетските пазари и врз економската стабилност на многу држави.

Тој посочи дека во вакви околности државите мора да бидат внимателни и одговорни, а Владата, како што рече, внимателно ја следи состојбата.

 – Енергетските пазари се чувствителни, динамични и се менуваат од час во час. Економиите се под жесток притисок. Стабилноста на многу држави е на тест. Во вакви времиња државите мора да бидат внимателни. Мора да бидат сериозни. И мора да бидат одговорни – истакна Мицкоски.

Мицкоски воедно оцени дека во вакви услови на државата не ѝ е потребна политичка паника, обвинувајќи ја СДСМ дека во јавноста создава, како што рече, политичка хистерија и шири дезинформации.

 – Но во вакви времиња, најмалку што и треба на Македонија е политичката паника. И токму тоа го гледаме од СДСМ, ширење страв, фабрикување со лажни приказни, создавање политичка хистерија. Однесување кое се повеќе наликува на затворен круг што постојано ги повторува истите конструкции. Тоа е истото однесување кое ги доведе до историски пад на околу 100 илјади гласови – рече Мицкоски и додаде:

 – Како Влада, кога од опозицијата манипулираат деноноќно сме посветени на две работи. Прво, анализа и чекори за кризата која доаѓа предизвикана од светските случувања на Блискиот Исток, но и пошироко. Владата нема да дозволи работите сериозно да се влошат и ќе реагираме. Мојата цел е да имаме најевтини енергенси коишто се точат во регионот, и покрај реалноста која кажува дека мора да има поскапување. Погледнете ги цените во соседните држави, за 40, 50, 60% се повисоки од тие коишто денеска ги имаат македонските граѓани. И тоа нема никогаш да излезе од опозицијата и да го признае никој од таму, а беа истите тие коишто не успеаја да обезбедат вакцини за македонските граѓани, па тогаш во време на најголемата криза, ковид кризата, македонските граѓани мораа да одат во соседството да се вакцинираат, или пак да правиме естрада и шоу на граница, кога добиваме донација од скромни пет илјади вакцини. А денеска, нема никој да каже дека споредено со тие земји од регионот, за 50-60 денари по литар имаме пониска цена на енергенсите. Но ќе се борам и понатаму, нашите граѓани да плаќаат помалку од сите останати во регионот. Токму и тоа беше целта на средбата со претставниците од нафтената индустрија – додаде Мицкоски