Повод: Експликацијата на министерката Сања Божиновска, од името на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини
Исклучително визионерски настап на министерката Божиновска како прв човек на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и во името на Владата, каде што таа ги најави и образложи размислувањата, иницијативите, ставовите, конкретните чекори и проектите од областа на енергетиката во насока на енергетска независност на нашата земја. За министерката, „енергетиката е национален приоритет, а целта на Министерството е да се инвестира во чиста, стабилна и паметна енергија, да се модернизира системот и да се врати енергетската моќ во рацете на државата и домашните инвеститори“! Според мислењето на многу експерти, енергетичари, професори, а и од нашата мини-анкета за ставот на јавноста по ова прашање, во врска со експликациите на министерката, „македонската јавност одамна нема чуено ваков визионерски и холистички пристап кон прашањето на енергетиката како национален приоритет“
Нов закон за енергетика, десетгодишен план за развој на преносната мрежа, наплатени 247 милиони денари од концесии, што е двојно повеќе од лани, договори за нови соларни централи, втора фаза на ветерниот парк Богданци и почеток на изградба на интерконекторот со Грција се меѓу најголемите проекти што во првата година од формирањето изминатата година ги започна Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, информира вчера министерката Сања Божиновска. Таа посочи дека и долгонајавуваниот енергетски мегапроект „Чебрен“ еден ден ќе стане факт и дека токму тој ќе биде чекор кон енергетската независност на земјата. За Божиновска енергетиката е национален приоритет, а целта на Министерството е да се инвестира во чиста, стабилна и паметна енергија, да се модернизира системот и да се врати енергетската моќ во рацете на државата и домашните инвеститори.
Изминатата година Министерството започна и нови инвестиции во чиста енергија, како што се договорите за три соларни централи „Битола 1“, „Битола 2“, „Осломеј 2“, кои ќе обезбедат струја за над 7.000 домаќинства, и втората фаза на ветерниот парк Богданци, со инвестиција од 37,6 милиони евра. Интерконекторот со Грција веќе се гради, со заштеда од 12 милиони евра и со домашна компанија како изведувач, за првпат е издадена зелена гаранција за потекло на струја, стартувано е и тргување со електрична енергија во евра на берзата МЕМО.
– Граѓаните не ги интересираат закони на хартија, туку реални ефекти. Стабилна цена на струјата значи светло во училниците и топлина во домовите. „Чебрен“ ќе стане факт, зборувам за обврска, не за ветување, обврска дека секој мегават од таа брана ќе биде чекор кон нашата независност -, рече Божиновска.
Владата и проектот „Вардарска Долина“
Проектот „Вардарска Долина“,, со кој е предвидена изградба на 12 хидроелектрични централи по текот на Вардар заради енергетско искористување на водата во реката со сите најзначајни притоки, останува во игра како проект што може да ѝ донесе бенефиции на државата. Министерката за енергетика Сања Божиновска на вчерашната презентација на сработеното на Министерството, со кое раководи една година, рече дека Владата не се откажала од проектот „Вардарска Долина“ во замена за изградба на брзата железница на коридорот 10.
– Не сме се откажале од ништо, разговараме со министерот за транспорт, можно е трасата на брзата пруга да ја качиме погоре, ќе видиме, но инженерите треба да го кажат последниот збор. Не сме се откажале од ништо што е бенефиција – посочи министерката Божиновска.
Изместување на делови од пругата за да бидат над нивото на планираните ХЕЦ „Велес“ во должина од 23 километри, ХЕЦ „Градец“ и дел од десетте проточни ХЕЦ помеѓу Велес и Градец, кои се составен дел на проектот „Вардарска Долина“, е предложено уште во 1989 година, од работна група составена од стручни лица од тогашните надлежни министерства и институции. Дури се изработени и идејни решенија за изместување на пругата заради акумулациите на ХЕЦ „Велес“ и ХЕЦ „Градец“.
Побарано е да се изработи студија за техноекономската оправданост и испитување на можноста за заедничко вложување со странска компанија за реализација на проектот. Тоа е направено во 1994 година, со формирањето на македонскиот конзорциум „Вардарска Долина“, при што се искористени искуствата од францускиот модел на уредување на реката Рона, како и истражувањето на експертите од ЦНР и ЕДФ од Франција. Студијата беше завршена во 1999 година. Македонскиот конзорциум што ја водеше и координираше студијата требаше да продолжи да ја води оваа проблематика, меѓутоа беше расформиран на почетокот од 2000 година.
Идејата за овој проект е возобновена во 2016 година, кога кинеските експерти со делегацијата на кинеската компанија „Бон проџект“ и со претставниците на институтот „Чајна дизајн груп“ започнаа да анализираат и потврдија дека е исплатливо да се направи пловен канал Белград-Скопје-Солун, се разбира преку Вардарска Долина. Тие пресметаа дека изградбата на овој мегапроект на векот би чинела околу 17 милијарди долари. Предвидено е каналот да се протега со должина од 1.000 километри, а за неговата реализација ќе бидат потребни повеќе од десет години.
Македонската влада веќе ја започна процедурата за обезбедување поволни кредити за изградба на брзата пруга по текот на Вардар, која би била двоколосечна, со цел да се овозможи движење на карговозовите до 120 километри на час. Премиерот Христијан Мицкоски очекува дека со модернизацијата на постојниот колосек и новата пруга и со проширениот капацитет на пристаништето во Грција, ќе се зголеми и бројот на композиции што ќе транзитираат дневно.
– Сето тоа во одредена мера ќе доведе до десеткратно зголемување на приходите. Ова не е калкулација што ја правевме затоа што така ни текнало, седнавме со експерти со кои го сработивме делот на транспортот и превозот. Ова е таа економска оправданост зошто така размислувавме и ова е стратегија – истакна премиерот Мицкоски.
Токму за развојот на железницата во нашата земја, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во Париз разговараше со својот француски колега Филип Табаро и му ги презентираше плановите за двата коридора – 10 и 8.
– Македонија има уникатна позиција, каде што двата коридора се пресекуваат источно од Скопје и двата треба да ги развиваме. Во однос на коридорот 8, кој е од стратешко значење за НАТО, зборувавме што можеме да направиме за да се доврши источниот дел од пругата, но исто така да се развие и западниот дел од пругата, секако да се поврземе и со Италија, Албанија и со Бугарија и да ги поврземе Јонско и Јадранско Море со Црно Море – истакна Николоски.
Во однос на коридорот 10, тоа е најзначајниот трговски коридор на Балканот и зборувавме за тоа што можеме да направиме да изградиме брза пруга и на тој начин јужните пристаништа од Европа да ги споиме со Средна и со Централна Европа.
– Има големи искуства што ќе ги искористиме од Франција, Франција е лидер особено во железничкиот сообраќај и ќе работиме многу заедно – истакна Николоски.
За проектот „Чебрен и Галиште“
За реализација на проектот „Чебрен и Галиште“ се разговарало при потпишувањето на договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство, дел од планираните 6 милиони евра да се употребат за овој важен енергетски проект за идните генерации.
– Ова се стратешки проекти за идните генерации, два резервоара за вода, но не само за пиење туку и за наводнување за Тиквешкиот Регион, кој произведува прекрасно грозје и вино, што е одлична можност за добра туризам-промоција на македонската кујна и вино. Морате да размислувате стратешки ако сакате да правите големи чекори. Размислувавме стратешки и имаме 21,1 отсто раст на туризмот во овие четири месеци споредено со тие четири месеци лани – изјави премиерот Мицкоски.
Според министерката за енергетика Сања Божиновска, хидроцентралата „Чебрен“ ќе стане реалност.
– ХЕЦ „Чебрен“ ќе стане реалност, што е потврда дека секој мегават од браната што ќе биде изградена ќе претставува чекор напред кон нашата енергетска самостојност – изјави Божиновска и најави дека набрзо ќе се дознае на кој начин ќе се реализира проектот за хидроцентралата, за која досега имаше 14 неуспешни тендери, целосно од страна на државата или преку јавно-приватно партнерство.
Вкупниот износ на инвестицијата е минимум милијарда евра, а се проценува дека би можел да достигне до милијарда и 300 милиони евра.
– Препораката на експертите од работната група за „Чебрен“ и „Галиште“ беше дека проектот треба да биде наш, во државна сопственост. Сега проверуваме колку би чинело тоа, минимумот е милијарда евра, бројката достигнува до милијарда и триста милиони евра. Буџетот знаете каков ни е, имаме повеќе опции, ќе видиме што е најисплатливо за нас како држава, бидејќи милијарда и 300 милиони не е мала бројка – истакна Божиновска, додавајќи дека треба да се договориме колку финансии ни се потребни веднаш, бидејќи тоа е проект што ќе се гради осум години.
Ја враќаме енергетската моќ во наши раце!
Презентирајќи ги постигнувањата, министерката за енергетика истакна дека една година по формирањето на Министерството за енергетика е изградена институција што ја движи енергетиката.
– Ја враќаме енергетската моќ во македонски раце – нагласи Божиновска, потенцирајќи дека цената на електричната енергија останува иста, односно дека цела година ќе остане непроменета.
Министерката истакна дека на тендерот за интерконекторот со Грција е постигната пониска цена за 12 милиони евра и дека е вклучена македонска компанија, а, исто така, најави дека до 10 јули ќе има свеченост за почеток на работите на гасниот конектор.
– Лани поделивме 6.000 ваучери за инвертер-клими, се надеваме дека до крајот на годината ќе имаме уште една таква акција, 60 милиони денари за ранливите потрошувачи, 7.000 домаќинства ќе добиваат струја од фотоволтаиците што се поставени на некогашните рудници – истакна Божиновска.
Од Министерството најавуваат дека до крајот на годинава ќе се донесат закони за обновливи извори, за енергетска ефикасност, за јавно-приватно партнерство, за геологија и рударство, со што првпат се заштитува македонскиот рубин како национално богатство.
Како најзначаен чекор на новата институција во првата година од работата, Божиновска го смета донесувањето на новиот Закон за енергетика, кој е подготвен од домашни експерти, а е усогласен со европските, а со кој се воспоставуваат либерализација на пазарот, дигитализација, воведување паметни броила и обврска за складирање енергија со батериски системи. Законот ги дефинира и граѓанските енергетски заедници и можноста граѓаните да произведуваат и продаваат струја.
– За првпат се воведе методологија за енергетска сиромаштија и законска забрана за исклучување струја на ранливи категории во зима. Обезбедени се 60 милиони денари директна поддршка за ранливите категории, со најави за нови субвенции до крајот на годината – изјави за јавноста министерката Божиновска, која со својата елаборација за енергетските предизвици на Македонија, според мислењата на соговорниците, остави силен впечаток во јавноста дека „мошне сигурно го држи кормилото на националната енергетика низ немирните води на меѓународниот немирен енергетски океан“. Е.Р.