Фото: Архива на „Нова Македонија“

Во Македонија мора да се одржуваат постојните термоенергетски блокови колку што е можно тоа во актуелните услови. Нивното функционирање е од витално значење за енергетската безбедност и стабилното снабдување на земјата, тие треба да се исклучуваат постепено, во наредните години и децении, откако претходно ќе се создадат услови за нивна суштинска замена

Уште неколку аргументи при разгледувањето на феноменот за зелена енергетска транзиција

Транзицијата на производство на електрична енергија од фосилни кон зелени ресурси зема голем замав низ Европа последниов период. Голем е притисокот и кон Македонија што поскоро да ја укине употребата на фосилните горива и да се затворат електроцентралите што работат на јаглен. Предупредувањата на енергетичарите се дека Македонија не може да си дозволи брзо да се откаже од користењето јаглен за производство на електрична енергија, ако се има предвид високата зависност од увоз на енергија, која се одрази неповолно на економските активности за време на претходните кризи. Нам ни треба постепено вклучување обновливи извори на енергија, затоа што брзо и непланско преоѓање на извори што не ги задоволуваат стопанските и граѓанските потреби, како и скапото чинење на таквото производство, во пакет со вклучување на неподготвена мрежа и систем носат ризик, нестабилност, неконкурентност.

Ќе се откажеме од индустријата, затоа што ќе имаме скапа струја?!

Професорот на Институтот за термичко и енергетско инженерство при Машинскиот факултет, Ристо Филкоски, потенцира дека мора да се разбере дека ние не сме некоја богата европска земја, па да можеме да си дозволиме бесконечен увоз на скапа енергија во услови на намалено домашно производство.
– Освен тоа, не смееме да се откажеме од индустријата, односно од тоа малку што е останато од неа, а за тоа е потребно достапно и стабилно снабдување со релативно евтина енергија. Дури, еден дел од европските земји можеме да ги земеме како јасни негативни примери во околностите на енергетска криза во последниве неколку години. Всушност, корените на кризата се во избрзаната енергетска транзиција на ЕУ, предизвикана од недоволно образовани, незрели, арогантни политичари, кои презедоа драконски чекори без адекватни подготовки и консултации со експертите во енергетската проблематика. Во тој контекст, ние страдаме од сервилното, вазалско, прифаќање на сѐ што доаѓа или се налага од западните партнери и притоа често трпиме несогледливи последици – потенцира Филкоски.
Според него, кај нас, мора да се одржуваат постојните термоенергетски блокови колку што е можно тоа во актуелните услови. Нивното функционирање е од витално значење за енергетската безбедност и стабилното снабдување на земјата.
– Тие треба да се исклучуваат постепено, во наредните години и децении, откако претходно ќе се создадат услови за нивна суштинска замена. Секако, има категории новопечени бизнисмени во енергетскиот сектор – увозници на електрична енергија, кои би се веселеле на моментално затворање на термоенергетските блокови (затоа што „многу загадуваат“ и влијаат „негативно врз климатските промени“) и од тоа би влечеле огромни добивки. Затоа ургентно прашање е изградбата на комбинирани термоенергетски постројки на природен гас со гаснотурбински и парнотурбински циклус – укажува Филкоски.
Професорот вели дека нивните технички параметри се такви што со производството на електрична енергија реално ќе можат ефикасно да ги заменат блоковите на јаглен, а наедно, поради флексибилноста, успешно ќе се вклопат во енергетски систем со зголемено учество на постројки засновани врз обновливи извори на енергија.
– Во истиот контекст е и потребата за поврзување на гасната мрежа, односно изградба на интерконектори со Грција и Србија. Паралелно треба интензивно да се работи на планот на подобрување на техничките услови и развој на електродистрибутивната мрежа за прифаќање, пренос и дистрибуција на електрична енергија во околности на поголемо учество на обновливи енергетски ресурси – објаснува Филкоски
Тој додава дека многу е важно одговорните да креираат такви правни, регулаторни и технички услови за во процесот на енергетска транзиција граѓаните да бидат вклучени суштински, а не само декларативно и потоа во сметките за струја да констатираат покачувања како прилог за т.н. „зелена енергија“.
– Тоа значи дека треба да се овозможи поголем дел од населението да ги почувствува благодатите, на пример, од големиот број сончеви денови, преку разни форми на поддршка и поттикнување за инсталирање фотоволтаични системи и термички колектори. Така, во некои европски земји веќе успешно функционираат енергетски задруги и други форми на организирање во енергетскиот сектор – појаснува Филкоски.

Постепено и рационално да почнеме да инвестираме во гасни централи, хидроцентрали, ветерници и соларни системи, па дури и во модуларни нуклеарни мали централи

Според професорот во пензија по енергетика Константин Димитров, „ние како мала земја, која најмногу зависи од увоз на скапа електрична енергија, наместо да се ориентираме кон сопствено производство, тешко ќе можеме да ја направиме зелената транзиција за која сите зборуваат и се залагаат“.
– Секој си зборува што му одговара. ЕУ многу се насочи кон зелената енергија за да се ослободи од јагленот и течните горива, бидејќи тие загадуваат. Македонија никако не треба по секоја цена да го отфрли јагленот како енергент, што се покажа и од енергетска криза во земјава. Ние треба постепено и рационално да почнеме да инвестираме во гасни централи, хидроцентрали, ветерници и соларни системи, па дури и во модуларни нуклеарни мали централи. Со ваков начин единствено ќе можеме во скора иднина да го фатиме чекорот со зелените политики за кои се залагаат сите – оценува Димитров.
Професорот на Машинскиот факултет, Атанаско Тунески, се согласува со ставот дека не треба да се форсира брзата транзиција кон обновливи извори на енергија, напротив, земјите што стојат најлошо од економски аспект треба последни да влезат во таа енергетска транзиција, а не да се туркаат со сила, велејќи дека треба да ни се дозволи транзицијата да се одложи за одреден период во кој би можеле да достигнеме едно ниво на развој како побогатите земји.
– Една од опциите е некој да го плати тоа како дотации, грантови, субвенции, бидејќи ние со наши сили не можеме да ја спроведеме таа транзиција кон „зелена агенда“, не сме во добра финансиска кондиција. Сметам дека треба да ја направиме таа енергетска транзиција, но не со форсирање и по секоја цена, најпрво мора да постигнеме некое економски ниво како побогатите европски земји, па потоа кога ќе стекнеме некоја моќ, да влеземе во таа „зелена агенда“ – објаснува Тунески.