Енергетската ефикасност беше во фокусот на денешната средба меѓу министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска и делегација на Европска банка за обнова и развој (ЕБОР), предводена од претставникот на банката во земјава Фатих Туркменоглу и директорката на Одделот за инфраструктура во Европа Елена Гордеева.
Како што информираат од Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини, главниот акцент на разговорите бил ставен на проектите за енергетска ефикасност во јавните објекти во Македонија, кои треба да придонесат за постабилен и поодржлив енергетски систем.

Министерката Божиновска ја истакнала посветеноста на Министерството за навремена реализација на обврските, според кои секоја година треба да се реконструираат најмалку три проценти од вкупната корисна подна површина на јавните згради, при што мерките за енергетска ефикасност се задолжителен дел од секоја реконструкција.
Таа нагласила дека Министерството, како носител на оваа стратешка реформа, активно работи на обезбедување финансиски средства за спроведување на обврските што произлегуваат од реформската агенда.
– Реализацијата на мерките за енергетска ефикасност претставува значаен чекор кон намалување на потрошувачката на енергија, подобрување на условите во институциите и намалување на емисиите на штетни гасови, со директни придобивки за граѓаните и државата – се наведува во соопштението од Министерството.
































