Како санкциите врз руските нафтени гиганти ќе се одразат врз домашниот пазар
- Продажбата на подружниците на „Лукоил“ и санкциите објавени претходно од САД всушност не се прва закана за руските нафтени гиганти и нивното опстојување на овие простори, каде што „Лукоил“ е сопственик на бугарската рафинерија „Лукоил-Нефтехим“, додека „Лукоил Македонија“ ДОО, кој располага со синџир бензински пумпи во Македонија, е во сопственост на „Литаско“
- За македонските креатори на енергетската политика значаен аспект, кој меѓу другото е елемент во браникот на заштита од големи потреси, е диверзификацијата на изворите. Министерката за енергетика Сања Божиновска на Меѓународниот форум за енергија за одржлив развој (ИФЕСД-14) укажа дека енергетската отпорност денес значи „способност системот да се приспособи и да продолжи да функционира дури и во услови на глобална неизвесност“. Самото дијагностицирање на предизвикот и опасноста од страна на носителите на енергетската политика значат уште еден чекор поблиску до повисоко функционално решение за нашиот енергетски систем, што навистина е охрабрувачки
Наметнатите финансиски рестрикции од САД врз руските нафтени компании „Лукоил“ и „Роснефт“ го разбрануваа целиот енергетски сектор и ги загрижија сите економии. „Лукоил“ е еден од најголемите руски производители на нафта, а компанијата, по најавените санкции, соопшти дека планира да ги продаде своите странски подружници.
„Роснефт“ и „Лукоил“ се столбови на руската економија. Заедно сочинуваат речиси половина од извозот на сурова нафта, околу 3,1 милиони барели дневно, според руските процени. Како најголема приватна енергетска компанија во земјата, „Лукоил“ учествува со околу 15 отсто во националното производство и два процента во глобалното производство.
Продажбата на подружниците и санкциите објавени претходно од САД всушност не се прва закана за руските нафтени гиганти и нивното опстојување на овие простори, каде што „Лукоил“ е сопственик на бугарската рафинерија „Лукоил-Нефтехим“, додека „Лукоил Македонија“ ДОО, кој располага со синџир бензински пумпи во Македонија, е во сопственост на „Литаско“. Постои загриженост дека, доколку синџирот на бензински пумпи на „Лукоил“ се затвори, без ангажман ќе останат сите вработени во компанијата во Македонија.
– Во однос на тоа какви последици би имало, сметаме дека е повеќе од јасно, доколку компанијата престане со работа, во Македонија ќе останат околу 550 лица без работа, буџетот ќе биде пократок за сериозна сума на средства што се плаќаат од страна на „Лукоил Македонија“ по основ на даноци и други давачки (досега платени повеќе од 850 милиони евра). На потрошувачите ќе им биде скратена можноста за точење висококвалитетни горива, кои секако влијаат и на екологијата во нашата земја. А секако ќе се изгуби сериозен партнер во областа на енергентите, партнер што е докажан пријател на сите граѓани и потрошувачи во Македонија – посочуваат од Македонско-руската стопанска комора.
Македонија како увозник мора да има повеќе снабдувачи
За македонските креатори на енергетската политика значаен аспект, кој меѓу другото е елемент во браникот на заштита од големи потреси, е диверзификацијата на изворите. Министерката за енергетика Сања Божиновска на Меѓународниот форум за енергија за одржлив развој (ИФЕСД-14) укажа дека енергетската отпорност денес значи „способност системот да се приспособи и да продолжи да функционира дури и во услови на глобална неизвесност“. Самото дијагностицирање на предизвикот и опасноста од страна на носителите на енергетската политика значат уште еден чекор поблиску до повисоко функционално решение за нашиот енергетски систем, што навистина е охрабрувачки.
– Зависноста од еден извор или снабдувач денес е минато, иднината им припаѓа на диверзифицираните, одржливи, сигурни енергетски решенија – напомена министерката.
Енергетската отпорност денес, според неа, значи способност на системот да издржи, да се приспособи и да продолжи да функционира дури и во услови на глобална неизвесност и да функционира стабилно и приспособливо и во услови на глобална неизвесност и геополитички потреси. Таа забележа дека зависноста од еден извор или снабдувач е ризик од минатото.
– Во оваа нова ера, технологијата и вештачката интелигенција се наш сојузник, а не закана. Тие можат да помогнат да ја предвидиме побарувачката, да ја оптимизираме потрошувачката и да ја подобриме достапноста на енергијата. Но енергијата мора да ја користиме паметно, со фокус на луѓето, не само на машините – рече Божиновска.
Таа потсети дека Владата го гради интерконекторот со Грција и со Србија, инвестиција што ќе обезбеди директно снабдување за илјадници домаќинства и индустрии, но ќе ѝ помогне и на Европа за подобра поврзаност и сигурност при снабдувањето со гас. Божиновска подвлече дека работат и на модернизирање на преносната мрежа, инвестираат во дигитализација и складирање енергија.
За обновливите извори на енергија
Премиерот Христијан Мицкоски, пак, подвлече дека енергетиката е поставена високо на државната агенда, не како техничко прашање, туку како национален приоритет и државна стратегија.
– Енергетската транзиција изгледаше недостижно, скапо, бавно. Но ние ја правиме возможна. Секој соларен панел, секоја ветерница, секоја нова електроцентрала што работи на чиста енергија, тоа е дел од нашата современа борба за независност. Енергетската стабилност не е веќе само економско туку и безбедносно прашање. Глобалните турбуленции нѐ потсетуваат дека енергетската независност е услов за економска слобода. А без слобода, нема развој, нема стабилност, нема ниту достоинство – рече Мицкоски.
Тој нагласи дека Владата стои цврсто зад реформите што ги спроведува Министерството за енергетика и ја гради врската помеѓу политиката и визијата, а додаде и дека се прават големи инвестиции во обновливи извори на енергија.
– Воспоставивме јасни регулаторни рамки. Изградивме енергетски интерконектори со соседните земји. Започнавме програми за енергетска ефикасност во јавниот и приватниот сектор. Се постројуваат соларни и ветерни паркови, кои пред само една деценија беа визија на хартија. Сега тие се реалност, дел од мрежата што ја храни иднината. Паралелно инвестираме во човечки капитал, затоа што знаеме дека енергијата не доаѓа само од природата, туку и од луѓето, кои ја создаваат, иновираат и сонуваат – посочи Мицкоски.
Бараат санкции, но и исклучување за домашните фирми
Берлин и Париз предлагаат да ја стават на црната листа приватната нафтена компанија „Лукоил“ и нејзината трговска подружница „Литаско“, објавија дипломати што побараа анонимност. Двете страни исто така се залагаат за санкции врз рафинериите од трети земји вклучени во извозот на руска нафта во ЕУ и врз трговските фирми што се занимаваат со руска нафта, според дипломатите.
Но, и покрај воведувањето санкции за „Лукоил“, светските медиуми пренесуваат дека во групата нема да биде опфатен и „Роснефт“ во Германија. Германската министерка за економија и енергетика Катерина Рајхе изјави дека американската влада дала писмени гаранции дека германските капацитети на руската компанија „Роснефт“ ќе бидат ослободени од нови енергетски санкции, бидејќи сопственоста повеќе не е под руска контрола.
Рајхе изјави дека САД синоќа доставиле „писмо за утеха“ со кое се потврдува дека „Роснефт“ во Германија е целосно одвоен од својата руска матична компанија. Американскиот претседател Доналд Трамп воведе санкции врз Русија на 23 октомври поради војната во Украина, за првпат во својот втор мандат, насочени кон нафтените компании „Лукоил“ и „Роснефт“.
Ова не е првпат руската нафта да биде во фокусот на светската јавност од почетокот на војната туку, напротив, уште со почнувањето на нападите беа воведени рестрикции. Тогашните владини претставници посочија дека со руска нафта во Македонија се покриваат грубо 15-20 отсто од потребите во земјава, кои може да се покријат и од други извори.
Сепак, никој точно не може да го проектира влијанието врз цените од санкциите, поради што допрва се очекува да се види како овие мерки ќе влијаат на цените на нафтата, која е берзански продукт. Е.Р.
„Лукоил“ прифати понуда за продажба на целокупниот свој имот во странство, се чека дозвола од САД
„Лукоил“ официјално соопшти дека постигнал договор со кипарската компанија „Гунвор груп“ за продажба на сите имоти на компанијата во странство, а клучните услови на трансакцијата веќе биле договорени. Имено, во соопштението се наведува дека понудата е дадена од „Гунвор груп“ за купување на „Лукоил интернешнл ГМБХ“, со седиште во Австрија. Истата таа е прифатена, а „Лукоил“ се обврза да не преговара со други потенцијални понудувачи. За издвојување е дека сега е потребно понудувачот, имено „Гунвор груп“, да добие дозвола од агенцијата на Министерството за финансии на САД што воведе санкции врз „Лукоил“.
За потсетување, „Лукоил интернешнл ГМБХ“ е основач и содружник заедно со „Литаско Са“ на „Лукоил Македонија“, што значи дека мрежата од 40 бензински пумпи и нафтениот склад одат во рацете на новиот сопственик „Гунвор груп“ доколку успешно се заврши целата сложена процедура за продажбата на имотот на „Лукоил“ во странство, за што е потребна и дозвола од агенцијата на Министерството за финансии на САД. Е.Р.
 
             
		

































