Анализа на Извештајот за глобална нееднаквост за 2026 година
- Извештајот за глобална нееднаквост за 2026 година изработен од истражувачи од повеќе универзитети, со поддршка на Обединетите нации, утврдува дека во сегашниот економски систем, 10-те отсто од најбогатите заработуваат повеќе од другите 90 проценти од светското население заедно, додека најсиромашната половина заработува помалку од една десеттина од глобалниот приход
- Истражувањата покажуваат дека поголемата социјална нееднаквост негативно влијае на многу аспекти на општеството: од повисоки стапки на криминал, пониски нивоа на доверба во општеството, послаб здравствен систем и намалена социјална мобилност. Општо земено, општествата со висока нееднаквост имаат послаби механизми за соработка, што го зголемува ризикот од конфликт и колапс, потенцираат истражувачите
Глобалната нееднаквост е на екстремни нивоа, со помалку од 60 илјади мултимилионери, а најбогатите 0,001 отсто во светот контролираат трипати поголемо богатство од најсиромашните 50 проценти од човештвото заедно. Ова е посочено во последниот Извештај за глобална нееднаквост за 2026 година изработен од истражувачи од повеќе универзитети, со поддршка на Обединетите нации.
Студијата, составена од повеќе од 200 истражувачи, вели дека нееднаквоста се одразува во сите категории, оставајќи најголем дел од луѓето во светот само со сламка од глобалните приходи и богатство. Истражувањето утврдило дека во сегашниот економски систем, 10-те отсто од најбогатите заработуваат повеќе од другите 90 проценти од светското население заедно, додека најсиромашната половина заработува помалку од една десеттина од глобалниот приход.
Според студијата, богатството, односно вредноста на средствата, е дури и поконцентрирано од приходите: најбогатите 10 проценти поседуваат 75 проценти од целото глобално богатство, додека најсиромашните 50 проценти поседуваат само два процента. Авторите, предводени од Рикардо Гомез-Карера од Париската школа за економија, опишуваат свет што се движи кон невидена нерамнотежа.
– Резултатот е свет во кој сосема мало малцинство командува со невидена финансиска моќ, додека милијарди луѓе остануваат исклучени дури и од основната економска стабилност – кажаа авторите за светските медиуми.
Родовиот јаз во платите опстојува во сите региони, при што жените заработуваат нешто повеќе од една четвртина од глобалните приходи од трудот, дел што едвај се променил од 1990 година.
Глобалниот јаз е очигледен долго пред луѓето да влезат на пазарот на трудот, се вели во извештајот. Просечните трошоци за јавно образование по ученик на училишна возраст се околу 230 долари годишно во супсахарска Африка, во споредба со 8.600 долари во Европа и 10.500 долари во Северна Америка и Океанија, што одразува сооднос од околу 40 спрема еден.
Нееднаквоста како проблем
Индикаторот што ја мери нееднаквоста во општеството се нарекува коефициент на џини. Се мери на скала од 0 до 1. Земја со коефициент на џини од 1 би била најнееднаква, додека земја со коефициент од 0 би била целосно егалитарно општество.
Глобалниот коефициент на џини е 0,62, според Светската банка. Коефициентот на џини во САД е 0,41, додека во Македонија, пак, според податоци за 2023 година, коефициентот на џини бил 30,3 проценти.
Истражувањата покажуваат дека поголемата социјална нееднаквост негативно влијае на многу аспекти на општеството: од повисоки стапки на криминал, пониски нивоа на доверба во општеството, послаб здравствен систем и намалена социјална мобилност. Општо земено, општествата со висока нееднаквост имаат послаби механизми за соработка, што го зголемува ризикот од конфликт и колапс, потенцираат истражувачите.
Глобализацијата е алатка на богатите, а нееднаквоста е дефинирачка карактеристика на глобалната економија
Студијата покажа дека посиромашните земји се притиснати од глобалниот финансиски систем, кој ги фаворизира богатите земји. Развиените економии можат да позајмуваат евтино и да остваруваат повисоки приноси во странство, што им овозможува да дејствуваат како „финансиски рентиери“. Околу еден процент од глобалниот БДП се движи од посиромашните кон побогатите земји годишно преку отплата на долг, репатријација на профитот и други финансиски текови, што е речиси трипати повеќе од глобалната помош за развој, заклучува извештајот.
Според студијата, уделот на глобалното богатство што го поседуваат најбогатите 0,001 проценти се зголемил од речиси 4 проценти во 1995 година на над 6 проценти денес. Богатството на мултимилионерите се зголемило за околу 8 проценти годишно од 1990-тите – речиси двојно повеќе од стапката на раст забележана кај најсиромашната половина од населението. Во извештајот, исто така, се забележува дека во речиси секој регион, најбогатите 1 процент сега поседуваат повеќе богатство од најсиромашните 90 проценти заедно.
Еден од авторите на извештајот, францускиот економист Томас Пикети, тврди дека нееднаквоста „долго време е дефинирачка карактеристика на глобалната економија“ и воопшто на глобализацијата, но до 2025 година „достигнала нивоа што бараат итно внимание“.
Ваквите екстремни нерамнотежи, тврдат авторите, повеќе не се компатибилни со стабилни економии, функционални демократии или климатски безбедна планета.
Извештајот се изработува на секои четири години со Програмата за развој на ОН и се потпира на најголемата база на податоци со отворен пристап во светот за глобалната нееднаквост и стана референтна точка во меѓународните дебати.
Алатки има – предизвик е политичката волја
Добитникот на Нобелова награда Џозеф Стиглиц го повтори својот повик за меѓународно тело слично на ИПЦЦ на ОН за „следење на нееднаквоста низ целиот свет и за обезбедување објективни препораки засновани на докази“.
Нееднаквоста е исто така поттикната од финансиски систем наклонет кон побогатите нации. Околу 1 процент од глобалниот БДП се прелева од посиромашните кон побогатите земји секоја година преку трансфери на нето-приход, што е речиси трипати повеќе од износот на глобалната помош за развој.
Разликата во платите меѓу половите „се одржува низ сите региони“, се вели во извештајот. Без неплатената работа, жените заработуваат само 61 процент од она што мажите го заработуваат по работен час; вклучувајќи ја неплатената работа, бројката паѓа на 32 проценти.
Извештајот заклучува дека намалувањето на нееднаквоста во крајна линија е политички избор.
– Ефективните стапки на данок на доход постојано се зголемуваат за поголемиот дел од населението, но нагло се намалуваат за милијардерите. Алатки постојат. Предизвикот е политичката волја – се потенцира во извештајот. Е.Р.
Податоци на Државниот завод за статистика за Македонија
Стапката на сиромаштија се намалува, нееднаквоста се зголемува
Стапката на сиромаштија во Македонија, според последните достапни податоците на Државниот завод за статистика за 2023 година, се намалила на 22,2 отсто, откако претходната година изнесувала 22,9 проценти. Убедливо најсиромашни меѓу нашите сограѓани се домаќинствата со двајца возрасни и три или повеќе издржувани деца. Во оваа категорија речиси педесет проценти од семејствата се соочуваат со сиромаштија, поточно 48,9 отсто. Следни се самохраните родители со повеќе издржувани деца, каде што стапката достигнува високи 45 проценти.
Таканаречениот коефициент на џини, односно мера за нееднаквост во распределбата на приходите, во текот на 2023 година достигнал 30,3 проценти. Оваа бројка се зголемила, што покажува уште поголема нееднаквост во распределбата на приходите. Имено, во текот на 2022 година џини-коефициентот достигнал 29,8 отсто. Е.Р.

































