Фото: Маја Јаневска-Илиева

Постои ли едноставен рецепт за развој на една економија? Има ли светски искуства што можеме да ги искористиме или да научиме од нивните проекти како до побрз економски развој?

Некои искуства во насока на динамизирање на економскиот развој

Растот на бруто-домашниот производ (БДП) е нужен за подобар стопански и животен стандард, а во светот има голем број примери на земји што успеале да се издигнат и од слабо или ниско развиени земји да станат економски лидери.

Да се потсетиме на примерот на Ирска

Ирска е еден од поновите примери, примери што особено ја интригираат јавноста, но и економистите. Не толку одамна земјата важеше за заостаната земја на периферијата на Западна Европа, која првенствено тргуваше со соседното Обединето Кралство. Само за краток период таа прерасна во светските индустриски, научен и економски центар. Земјата успеа да привлече многу инвестиции од технолошките гиганти, како „Гугл“, „Епл“, „Фејсбук“, „Икс“ (поранешен „Твитер“), „Асенчр“ и други мултинационални корпорации имаат свои седишта во Ирска. Иако, економистите укажуваат дека таквите компании „создадоа проблеми“, особено при мерењето на БДП, бидејќи профитот на овие корпорации вештачки ги подига економските показатели. Сепак, неспорен е фактот дека бенефиции има за сите граѓани и за целата земја.

Азиските економски тигри

Економистите сѐ почесто го посочуваат примерот и на групата азиски економски тигри, меѓу кои се Јапонија, Јужна Кореја, Република Кина (Тајван), Малезија и Сингапур. Спомнатите земји во втората половина од минатиот век остварија импресивни резултати во развојот на нивните економии, така што многу економски и финансиски експерти внимателно ги проучуваат нивните искуства и нивниот развоен модел им го препорачуваат на многу неразвиени земји.
Економистите укажуваат дека азиските економски тигри остваруваат импресивни резултати во услови на мошне неповолни природни, географски и климатски услови. Сите овие земји располагаат со релативно мали територии и се пренаселени, што и во минатото, но и сега е причина за територијални спорови, па и војни. Земјите од овој регион се сиромашни со минерални и енергетски ресурси, а се изложени на чести природни катастрофи, како што се земјотреси, временски непогоди, цунами и слични појави. Сепак, успехот што го направија на економски план не може да се занемари.

Може ли Македонија да преземе од туѓите искуства

Последните податоци за растот на домашната економија во четвртиот квартал од 3,2 проценти, а за што веќе објавивме дека според економистите се очекува да има и потрајна основа, ја подгреваат надежта за подобри времиња.
Но што е тоа што треба да ги придвижи економијата, капиталните инвестиции, инвестиции во реалниот сектор, во човечките ресурси, странските инвестиции, или потребен е детален и добро осмислен план со подобрување на состојбите на повеќе полиња. Според универзитетскиот професор Абил Бауш, за подобри економски перформанси потребно е Владата да го насочи својот фокус кон капитални инвестиции што носат долгорочни придобивки.
– Вложувањата во инфраструктура, зелена енергија и дигитална трансформација ќе генерираат нови работни места и ќе ја подобрат конкурентноста на нашата економија. Капиталните проекти треба да бидат внимателно планирани и реализирани, за да обезбедат трајна основа за економски развој. Истовремено поддршка за иновации и претприемаштво е клучна за стимулирање на приватниот сектор. Секако, реформи во образованието и на пазарот на трудот за усогласување со потребите на модерната економија. Инвестициите во стручна обука, дигиталните вештини и енергетската транзиција, со премин кон обновливи извори на енергија, ќе ја намалат зависноста од увоз на енергенти и ќе отворат потенцијали за извоз – вели Бауш.
Притоа професорот додава дека мерките ќе имаат ефект заедно со фискална дисциплина и внимателно управување со јавниот долг. Според него, ако Владата успее да ги премости краткорочните економски слабости и да обезбеди стратегиски насоки кон одржлив раст, годинава може да биде пресвртна за економијата.

Силна посветеност на градење силна, стабилна и просперитетна економија

Од Владата, пак, посочуваат дека се посветени на градење силна, стабилна и просперитетна економија. И тоа е еден од фундаменталните, поттикнувачки и мотивирачки фактори. Според нив, главни фактори за растот на економијата во четвртиот квартал е секторот градежништво, според нив, благодарение на зголемените инвестиции во инфраструктурата. Секако, тие не заборавија и на растот во секторот стручни и научни дејности, како и на растот на странските директни инвестиции, кои достигнаа 1 милијарда и 255 милиони евра, што, како што истакнаа од Владата, е најголема инвестирана сума во Македонија.
– Овој извонреден прилив на инвестиции е јасен доказ за довербата што ја имаат меѓународните инвеститори во нашата економија и нејзиниот иден потенцијал. Мораме да потенцираме дека како влада сме подготвени да ги видиме резултатите што ќе се однесуваат од првиот до последниот квартал 2025 година, а ќе бидат резултат на политиките на оваа влада. Тие резултати потврдуваат дека Македонија е на вистинскиот пат – истакна неодамна портпаролката на Владата, Марија Митева. Е.Р.


Како одредени држави и нации поттикнаа силен економски раст?

Да се навратиме повторно на земјите што успееја да направат пресврт. За потсетување, Ирска до почетокот на 90-тите години на минатиот век имаше слаб раст на платите, практично незабележлив. Невработеноста се зголеми, од 6 проценти во 1973 година на повеќе од 16 проценти до крајот на 1980-тите.
Веќе во 1990-тите задолжувањето беше прекинато, даноците беа намалени за да се поттикнат странските инвестиции и децениски високите инвестиции во образованието конечно се исплатеа. Меѓународните корпорации ја искористија Ирска како отскочна штица кон Европа, а многумина го преселија производството таму за да ги искористат предностите на високообразованата работна сила. Годишниот раст на БДП во втората половина на 1990-тите беше близу 10 проценти. Ирска почна да извезува во целиот свет, не само во Обединетото Кралство како порано. Големиот економски раст доведе до имиграција, главно висококвалификувана работна сила, која одеше да работи во голем број меѓународни компании од САД што отидоа во Ирска.
Пример за успешен пресврт е и Јужна Кореја, која беше една од најсиромашните земји во светот, посиромашна од многу земји колонии во Африка. Политиките што ги нагласуваа образованието, извозот и технолошкиот развој доведоа до голем раст во 1970-тите и 1980-тите години, со ниски даноци, минимална социјална држава, но и големо мешање на владата во економијата, особено преку субвенции. Овој модел е опишан и како државен капитализам или корпоративизам. Јужна Кореја стана еден од азиските тигри. Во 1997 година започна азиската финансиска криза, но земјата закрепна за неколку години. Дотогаш веќе достигна ниво од 50 отсто од БДП по жител на САД. Растот продолжи и по закрепнувањето од азиската финансиска криза во доцните 1990-ти, а денес Јужна Кореја е на приближно 70 проценти од американскиот БДП по жител, со голем број параметри (образование, здравје, животен век…) во кои води.
Не толку сиромашна како Јужна Кореја во првата половина на минатиот век, Шпанија не е ништо помалку импресивна. Денес е заборавено, но 1960-тите беа периодот на шпанското економско чудо. Во тоа време нејзиниот економски раст беше втор највисок во светот, по оној на Јапонија. Планот за стабилизација од 1959 година, донесен од новата технократска влада, ги отстрани бариерите за меѓународната трговија (увозот), ги намали владините трошоци и ја укина контролата на цените. Имајќи предвид дека државата сè уште имаше силна контрола врз клучните индустриски компании, овој пристап може да се опише и како мешавина на економски либерални политики со некаква државна интервенција, форма на корпоративизам или државен капитализам.
Покрај наведените земји, успешен пример на земји што од слабо развиени успеале да изградат силни економии се Кина, Сингапур, Тајван, Норвешка, Швајцарија итн. Недостигот од природни ресурси е лош изговор затоа што некои од најбогатите земји се сиромашни со нив. Изобилството на природни ресурси не е секогаш доволно за економски раст, но има и земји што се економски развиени, а кои економскиот раст не го темелат само на природните ресурси. Е.Р.