Поддршка за еколошките инвестиции во земјава со кредит во износ од ЕУР 1 милион за Комерцијална банка Скопје преку Програмата на ЕБОР за финансирање на зелена економија – GEFF, соопшти Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).
-Средствата ќе бидат достапни за физички лица за инвестиции во мерки за заштеда на енергија, како што се изолација, прозорци, топлотни пумпи, соларни панели и други решенија. По успешна имплементација на мерките, корисниците ќе имаат право на грант во износ дo 20 отсто од вредноста на кредитот. Средствата за грантовите се обезбедени од Европската Унија (ЕУ)-посочуваат од Канцеларијата на ЕБОР во Скопје.
Анди Аранитаси, претставник на земјава за ЕБОР вели дека им претставува задоволство што го градат успешното партнерство со Комерцијална банка Скопје и што ја зголемуваат поддршката на инвестиции во енергетска ефикасност во земјата.
-Инвестициите во енергетска ефикасност имаат повеќекратни бенефити. Тие придонесуваат во намалување на сметките за електрична енергија на граѓаните, но и во намалување на производството и потрошувачката на електрична енергија во земјата, и конечно до намалување на емисиите на јаглероден диоксид-изјави Аранитаси.
Заклучно со февруари 2022 година, Програмата за поддршка на инвестиции во зелена енергија GEFF, во Македонија е искористена од скоро 2,700 домаќинства во износ од скоро ЕУР 20 милиони. Најчесто финансирани технологии се прозорците и вратите, изолацијата и топлотните пумпи.
Комерцијална банка Скопје, се приклучи на оваа програма во 2020 година и веќе има поддржано инвестиции на приватни позајмувачи во енергетска ефикасност во износ од ЕУР 1 милион.
-Кредитите понудени од кредитната линија GEFF се одлично прифатени од нашите клиенти во малопродажба, и во краток период, бележиме значајна побарувачка за овој атрактивен еколошки производ. Ова е дополнителен доказ дека овој вид на поддршка на домаќинствата во имплементирање на зелените технологии е неопходен и важен-велат од Комерцијална банка.
Кредитната линија GEFF за Западен Балкан, поддржана од ЕУ Програмата за инвестиција на Западен Балкан и Австриското федерално министерство за финансии, е дел од Регионалната програма за енергетска ефикасност за Западен Балкан. Целта на програмата е да го поддржи регионот, познат по високиот интензитет на енергија, во насока на подобрување на енергетската ефикасност во секторот на домување, кој е еден од најголемите потрошувачи на енергија.
ЕБОР е главен институционален инвеститор во земјава и до денес има инвестирано над ЕУР 2.2 милијарди во 154 проекти во земјата. Поддршката на зелената енергија е приоритет за Банката, бидејќи се справува со еден од најважните предизвици во земјата, се вели во соопштението до медиумите.