Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) го одбележа успешното завршување на два проекта за развој на работната сила во рамки на праведната енергетска транзиција во Македонија, со завршен настан и доделување сертификати во Битола.
Проектите беа реализирани во соработка со Владата, АД „Електрани на Македонија“ (ЕСМ) и Инвестициската платформа за праведна транзиција, со цел поддршка на работниците и заедниците погодени од постепеното напуштање на јагленот и преминот кон обновливи извори на енергија.
Во рамки на двата проекта, повеќе од 600 вработени во ЕСМ поминаа низ структурирани обуки што опфатија технички, менаџерски и меки вештини, меѓу кои продуктивност, управување со енергија, лидерство, комуникација и инсталација на соларни панели. Иницијативите беа поддржани од Јапонскиот фонд за соработка и „Блумберг филантропис“, преку ЕБОР.
На настанот се обрати претставникот на ЕБОР за Македонија, Фатих Туркменоглу, кој ја нагласи важноста од вложување во луѓето како предуслов за успешна транзиција.
– Технологиите може да се сменат, но успехот на било која транзиција зависи од луѓето – истакна Туркменоглу, честитајќи им на учесниците кои добија сертификати за завршената обука.
Тој посочи дека регионите како Битола и Осломеј со децении имале клучна улога во обезбедувањето на енергетската стабилност на државата и дека работниците и локалните заедници мора да добијат соодветна поддршка во процесот на трансформација.
Паралелно со унапредувањето на вештините, ЕБОР инвестира и во развој на обновливи извори на енергија, вклучително и изградба на големи фотоволтаични централи на поранешните руднички површини во Осломеј и Битола.
Банката најави и промовирање на Транзициската платформа за жени во транзиција од јаглен, вредна 150.000 американски долари, наменета за поддршка на жените во енергетскиот сектор кои се погодени од процесот на енергетска трансформација.
Македонија како земја акционер во ЕБОР е посветена на целосна транзиција од јаглен до 2030 година, во рамки на Инвестициската платформа за праведна енергетска транзиција (JETIP), со усогласување на националните енергетски и климатски политики со долгорочните климатски цели. ЕБОР останува партнер во градењето конкурентен, одржлив и инклузивен енергетски систем што ги вклучува работниците и заедниците во процесот на промени.

































