Државниот завод за ревизија го објави конечниот ревизорски извештај на Буџетот на Република Македонија.
Буџетскиот дефицит на ниво на Централен Буџет, според макроекономските индикатори објавени од страна на МФ за 2024 година изнесува 4,4 проценти од БДП и е понизок во однос на 2023 година кога изнесуваше 4,8 проценти од БДП.
Државниот завод за ревизија изврши ревизија на усогласеност на Основен буџет на Република Северна Македонија за 2024 година во однос на планирањето, подготовката, донесувањето и извршувањето на Буџетот за 2024 година.
Приходите и расходите на Основниот буџет за 2024 година се проектирани во износ од 260.113.617 илјади денари и бележат намалување од 0,5 проценти во однос на 2023 година, но во однос на максималните износи на одобрени средства/расходи, истите се повисоки. Дополнително, со ребалансот на Буџетот од Август и одлуката за прераспределба на средства меѓу буџетските корисници на централната власт и фондовите од Декември 2024 година, Основниот буџет за 2024 година изнесува 265.418.639 илјади денари и во однос на 2023 година е зголемен за 1 процент.
Со извршената ревизија, ревизорите утврдиле дека со ребалансот на Буџетот:
– најголемо зголемување во однос на донесениот буџет за 2024 година има кај:
– расходите за субвенции и трансфери од 38 проценти и
– тековните трансфери до вонбуџетските фондови од 17 проценти,
– најголемо намалување е извршено кај капиталните расходи за 27 проценти. Средствата се алоцирани/распределени за субвенции и трансфери – 3.330.018 илјади денари и за тековни трансфери до вонбуџетските фондови – 3.284.720 илјади денари.
При тоа не е земена во предвид дадената препорака од Фискалниот совет да се прекине со праксата за пренамена на капиталните средства во тековни расходи доколку истите не се реализираат на предвиденото ниво. Ова од причина што за износот на нереализираните капитални расходи би се намалил буџетскиот дефицит и би се зголемил фискалниот простор за капитални инвестиции во наредниот период.
Во однос на комплетноста на буџетските барања што буџетските корисници ги доставуваат до Министерството за финансии (МФ) при планирањето на Буџетот, утврдивме дека од анализираните буџетски барања од 31 корисник, за 16% од нив Министерството за финансии (МФ) изготвило предлог буџет поради недоставување на потребните стратешки планови.
Разликите меѓу максимално утврдените расходи од Владата, побараните средства од буџетските корисници и одобрените средства со Буџетот укажуваат на ризикот дека донесениот буџет од МФ може да не ги одразува реалните потреби на буџетските корисници за реализација на поставените цели.
Максимални износи на утврдени расходи, барани, одобрени и реализирани средства на буџетските корисници од Основен буџет за 2024 година
Најголемо отстапување меѓу максимално утврдениот износ на расходи и одобрените средства е утврдено во разделот за Владата и Бирото за регионален развој.
Како и претходните години, МФ нема доставено Извештај за причините за неусогласените буџетски барања до Владата.
Ревизорите укажуваат на потребата од зајакнување на постапката за усогласување на предлозите на буџетските барања помеѓу МФ и буџетските корисници заради минимизирање на ризикот планираните средства да не ги отсликуваат реалните потреби на буџетските корисници, но и поради потребата Владата да биде информирана за причините за неусогласеност на бараните и одобрените средства на буџетските корисници.
Со Основниот буџет за 2024 година не се обезбедени законски предвидените средства за Судската власт, Јавното обвинителство и рамномерен регионален развој предвидени со Законот за судскиот буџет, Законот за јавното обвинителство и Законот за рамномерен регионален развој. Со анализата за 2024 година утврдивме дека:
со Ребалансот на Буџетот и со Одлуката за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници на централната власт и помеѓу фондовите, одобрениот буџет за Судска власт е намален за 42.639 илјади денари, иако со член 4 од Законот за судскиот буџет е уредено дека во случај на ребаланс на буџетот средствата наменети за финансирање на Судската власт не може да се намалуваат.
За реализација на потпрограмата за рамномерен регионален развој треба да се обезбеди најмалку 1 проценти од БДП.
Одобрените средства преку Министерството за локална самоуправа и Бирото за регионален развој изнесуваат само 0,08 проценти од БДП, или 0,01 проценти помалку во однос на 2023 година.
Податоците од Секторот за буџет и фондови упатуваат дека преку програмите кои се реализираат од повеќе институции, овие средства достигнуваат до 1 проценти од БДП за 2023 година и се значајно помали во однос на реализираните во 2023 година кога биле реализирани 3,15 проценти од БДП за 2022 година.
Согласно Законот за вработување на инвалидни лица, во АВРСМ формиран е Посебен фонд за подобрување на условите за вработување и работење на инвалидните лица со цел финансирање на работите за подобрување на условите за вработување и работење на инвалидни лица, адаптација на работно место, придонес за пензиско и инвалидско осигурување, придонес за здравствено осигурување и придонес за вработување за вработеното инвалидно лице, придонес за пензиско и инвалидско осигурување за сите вработени во заштитното друштво и набавка на опрема. МФ ги дозначува средствата во Посебниот фонд во рокови и износи утврдени со член 15 и 17 од Законот за вработување на инвалидни лица. Утврдивме дека МФ не врши трансфер на средства на сметката на Посебниот фонд, а истото е констатирани и во Конечните извештаи за извршените ревизии на регуларност на Агенцијата за вработување на РСМ во минати години.
Новите фискални правила согласно член 10 од новиот Закон за буџети, почнувајќи од 1 јануари 2023 година предвидуваат:
– дефицитот на општата власт (институциите кои се класифицирани во Сектор Држава (С.13), согласно Националната класификација на институционални сектори на Државниот завод за статистика) за соодветната година, не смее да надмине ниво од 3% од номиналниот БДП,
– вкупниот долг на општата власт не смее да надмине ниво од 60 проценти од номиналниот БДП и
– гарантираниот јавен долг не смее да надмине 15 проценти од номиналниот БДП.
Буџетскиот дефицит на ниво на Централен Буџет, според макроекономските индикатори објавени од страна на МФ за 2024 година изнесува 4,4 проценти од БДП и е понизок во однос на 2023 година кога изнесуваше 4,8 проценти од БДП. Истиот е повисок од законски утврденото ниво со Фискалната стратегија на Република Северна Македонија за 2024-2028 каде е проектиран на 3,4 проценти од БДП.
Процентуално учество на буџетскиот дефицит во БДП за период 2015-2024 година
Вкупните приходи и приливи во 2024 година се остварени во износ од 294.025.256 илјади денари, 13 проценти повеќе во однос на 2023 година.
Структурата на Буџетот за 2024 година упатува дека даночните приходи и во 2024 година имаат големо учество во структурата на приходите на основниот буџет, што укажува на подобрување на финансиската структура.
Подобрувањето е резултат на ефикасната реализација на приходите од страна на Управата за јавни приходи и Царинска Управа и континуираната тенденција на зголемување на реализацијата на приходите од ДДВ, данок на добивка, данок на личен доход и акцизи.
Реализација на даночните приходи во период 2020-2024 година
Во 2024 година, кај сите видови даночни приходи забележан e пораст во однос на 2023 година, освен кај Данокот на солидарност каде имаме намалување поради тоа што најголемиот дел од обврските за овој вид данок беше уплатен во 2023 година како и кај еднократните посебни такси.
Во 2024 година, приходите од наплата на ДДВ учествуваат со значителни 46,7 проценти од вкупните приходи, во нето износ од 81.464.958 илјади денари, што е зголемување од 16 проценти во однос на 2023 година. Од вкупно наплатениот ДДВ во бруто износ од 117.172.184 илјади денари, 65 проценти се од увоз на добра, додека 34 проценти потекнуваат од промет во земјата. Повратот на ДДВ кон даночните обврзници во износ од 35.707.227 илјади денари е 30 проценти од вкупниот бруто износ на наплатениот ДДВ.
Данокот на личен доход учествува со 18,26% од вкупните даночни приходи и е остварен во износ од 31.852.096 илјади денари, што е зголемување од 17 проценти од претходната година. Од 1 јануари 2023 година, оданочувањето на остварениот доход се врши по единствена стапка од 10 проценти, освен за доходот од добивките од игрите на среќа, кој се оданочува по стапка од 15 проценти.
Данокот на добивка учествува со 11,57 проценти од вкупните даночни приходи и изнесува 20.185.748 илјади денари, што е зголемување од 19 проценти од претходната година што се должи на зголемениот износ на остварена добивка од работењето на правните лица.
Од данокот на солидарност во текот на 2024 година наплатени се приходи во износ 88.858 илјади денари, односно 97 проценти помалку во однос на 2023 година. Ова се должи на фактот што приходите од овој данок воведен како еднократна обврска во септември 2023 година со цел справување со Ковид-19 кризата и други антикризни мерки, во најголем дел се наплатени од правните лица во текот на 2023 година.
Истакнавме дека во февруари 2025 година, Уставниот суд на Република Северна Македонија со Одлука го поништи Законот за данок за солидарност, поради повратното дејство на Законот, односно повреда на владеењето на правото, правната предвидливост и правната сигурност како фундаментални принципи, а како резултат на оваа одлука, МФ треба да изврши поврат до компаниите кои извршиле уплати по основ на данок на солидарност, во вкупен износ од 3.031.838 илјади денари или 49.138.000 евра.
Нотиран е тренд на зголемување на наплата на давачките кои ги администрира Царинската управа и во 2024 година и наплата на 121.462.158 илјади денари или зголемување за 62,5 проценти во однос на 2020 година кога се наплатени 74.745.721 илјади денари
Вкупните приливи од Задолжување во земјата и странство во 2024 година учествуваат со 33,5 проценти во вкупните приходи на Основниот буџет и бележат зголемување за 2,5 проценти и во однос на нивното учество во вкупните приходи на Основниот буџет за 2023 година
Приливите од задолжување во земјата учествуваат со 56 проценти во вкупните приливи по основ за задолжување на државата и бележи зголемување на нивното учество во структурата на задолжувањето во однос на 2023 година кога истото изнесувало 45 проценти, додека остварените приливи по основ на задолжување во странство во износ од 42.975.791 илјади денари се за 4 проценти помалку во однос на 2023 година.
Вкупните расходи и одливи на Основен буџет за 2024 година се во износ од 261.716.782 илјади денари и се за 5 проценти поголеми во однос на 2023 година. Соодносот на извршените и планираните одделни видови на расходи и одливи за 2024 година во однос на 2023 година се прикажани во следната табела:
Расходите за плати, наемнини и надоместоци во 2024 година во износ од 40.542.869 илјади денари се поголеми за 17 проценти во однос на 2023 година.
Расходите за Стоки и услуги во 2024 година во износ од 15.644.120 илјади денари, што претставуваат 5,98 проценти од вкупните расходи на Основниот буџет за 2024 година и бележат зголемување од 4,95 проценти во однос на 2023 година. Извршувањето на расходите за Стоки и услуги за 2024 и 2023 година е прикажано на следниот графикон:
Структурата на изворите на средства од каде Фондот за ПИОСМ ги обезбедува потребните износи за исплата на пензии и во 2024 година не бележи подобрување во однос на 2023 и 2022 година. За покривање на дефицитот на пензискиот фонд од Основниот буџет исплатени се 23.119.600 илјади денари, односно 26% од вкупните средства на Фондот за исплата на пензии што укажува на потреба од финансиска поддршка на Фондот за ПИОСМ за исплата на пензиите во државата.
Вкупните расходи за исплата на пензии во 2024 година во однос на 2023 година бележат зголемување за 16,27 проценти, како резултат на извршеното усогласување на пензиите на 01.03.2024 година од 5,3 проценти, на линеарното зголемување на пензиите од 2.500 денари почнувајќи од 01.09.2024 година, како и на приливот на нови корисници на пензија.
Кон ЕЛС како Тековни трансфери во текот на 2024 година исплатени се 30.781.183 илјади денари или 12 проценти од вкупните расходи на Основниот буџет кои во однос на 2022 година бележат зголемување од 12 проценти. Најголемо учество во трансферите имаат блок дотациите – 84 проценти, дотациите од ДДВ – 14 проценти, и наменските дотации- 2 проценти.
Иако согласно член 47 од Законот за извршување на буџетот на Република Северна Македонија општините биле должни заклучно со 31 декември да извршат поврат на неискористените средства од блок дотациите во Буџетот на РСМ, утврдивме дека 14 општини заклучно до 04.04.2025 година извршиле поврат на 46.097 илјади денари неискористени средства, а 16 општини не извршиле поврат на средства во износ од 11.585 илјади денари. МФ во текот на 2024 година има доставено дописи/укажувања до општините да извршат поврат на неискористените средства од блок дотациите во Буџетот, а доколку во тековната година општините достават барање за проширување на буџетот на дотации, истото не се одобрува за износот на неискористените средства од дотацијата кој не е вратен во Буџетот на државата.
Капиталните расходи во Основниот буџет за 2024 година се реализирани во износ од 21.435.177 илјади денари, што претставува 8,19 проценти од вкупните расходи на Основен буџет. Капиталните расходи почнувајќи од 2020 година до 2023 година имаат значителен тренд на зголемување од година во година, но во 2024 година во однос на 2023 година капиталните расходи значително се намалени за 43 проценти.
Најголемо учество имаат расходите за Купување на опрема и машини со 28,09 проценти, додека најмало учество имаат расходите за купување на мебел со 0,04 проценти и купување на возила со 0,28 проценти.
Расходите за Вложувања и нефинансиски средства во 2024 година изнесуваат 5.980.715 илјади денари и во однос на 2023 година се намалени за 34,59 проценти. Најголем дел од овие средствата во износ од 4.826.295 илјади денари или 81% се однесуваат на исплатени гаранции за јавни претпријатија за неисплатен надворешен долг кон странски кредитори и тоа:
– 90 проценти за ЈПДП за Проект за изградба на автопат делница Кичево Охрид, Проект за изградба на автопат делница Миладиновци-Штип и за Програма за национални патишта – за 1 и 2 транша,
– 8 проценти за ЖРСМ Транспорт за Проект за набавка на нови влечни средства и
– 2 проценти за ЈСП Скопје за реализација на Проект за набавка на автобуси за Град Скопје.
Капиталните субвенции за претпријатија и невладини организации во вкупните Капитални расходи учествуваат во износ од 5.310.133 илјади денари или 24,77 проценти, од кои за Капиталните субвенции за други јавни нефинансиски претпријатија исплатени се средства во износ од 4.669.891 илјади денари, и тоа 99 проценти од средствата се трансферирани преку разделот 13001 – Министерство за транспорт. 4.100.000 илјади денари од овие средства или 88 проценти, МТ ги реализирало преку потпрограма 2М – Инвестиции преку патна инфраструктура, за Проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница Тетово – Гостивар – Букојчани и Проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10Д (делница на автопатот Прилеп – Битола).
Државниот долг како збир на финансиски обврски создадени со задолжување на државата, јавните установи основани од државата и општините, не вклучувајќи го долгот на јавните претпријатија и трговските друштва кои се во целосна или во доминантна сопственост на државата, општините и на Народната банка, на ден 31.12.2024 година изнесува 8.298 милиони евра и во однос на државниот долг од 31.12.2023 година (7.256,2 милиони евра) истиот е зголемен во износ од 1.041,8 милиони евра. Состојбата на државниот долг на 31.12.2024 година изнесува 53,8 проценти од БДП и е зголемен во однос на 2023 година кога истиот изнесуваше 49,8 проценти од БДП.
Јавниот долг како збир на државниот долг и долгот на јавните претпријатија основани од државата или од општините, општините во градот Скопје и градот Скопје, како и трговските
друштва кои се во целосна или во доминантна сопственост на државата или на општините, општините во градот Скопје и градот Скопје на 31.12.2024 година според податоците на МФ изнесува 9.619 милиони евра и во однос на јавниот долг од 31.12.2023 година (8.477 милиони евра) истиот е зголемен во износ од 1.142 милиони евра или 13,5 проценти. Состојбата на јавниот долг во однос на БДП на 31.12.2024 година изнесува 62,4 проценти зголемен е во однос на 2023 година кога истиот изнесуваше 58,1 проценти.
Во однос на Задолжувањето на субјектите од јавниот сектор, динамика на реализација на проектите, искористеност на кредитите и заемите, платени и создадени трошоци од страна на државните органи, институции, АД и ЈП, утврдивме дека праксата за неефикасно управување со финансирањето на проектите преку заеми и грантови продолжува.
Од вкупно одобрени проекти во вредност од 230.848.666 илјади денари (3.753.942.000 евра), само 37 проценти или 84.661.063 илјади денари (1.376.715.000 евра) се повлечени и искористени. Неповлечените средства изнесуваат 146.187.603 илјади денари (2.377.227.000 евра), а трошоците за провизии за нив се 1.411.889 илјади денари (22.959.000 евра), што претставува помалку од 1 процент од нивната вредност. Најголем дел, односно 36 проценти од износот на заемите и грантовите се реализираат преку Јавното претпријатие за државни патишта-ЈПДП и Јавното претпријатие за железнички и сообраќајна инфраструктура – 2 проценти, но со бавна динамика и реализација на проектите.
Во однос на финансиска нестабилност на ЕЛС состојбата со задолженоста на општините покажува дека во декември 2024 година, од вкупно 81 општина, 10 општини се со блокирана сметка. Вкупниот износ на доставени налози за извршување во МФ изнесува 1.843.400 илјади денари или 49 проценти од вкупно пријавените обврски на општините, од кои во 2024 година платени се обврски во износ од 229.823 илјади денари. Од преостанатиот износ за извршување, 1.123.398 илјади денари или 69,6 проценти се по основ на главнина/долг, 351.609 илјади денари, односно 21,8 проценти се по основ на камата и 138.570 илјади денари односно 8,6 проценти се за останати трошоци, што укажува на висок процент на задолженост на општините. До периодот на ревизијата не е прогласена финансиска нестабилност на ниту една општина.
Програмата за реформа на управувањето со јавни финансии 2022-2025 година е стратешки документ на Владата за развој на системот за управување со јавните финансии согласно реформите во јавните финансии започнати од 2018 чија цел е подобрување на фискалната рамка, зајакнување на процесот на планирање, извршување и известување за јавните финансии
зголемување на наплатата на приходите, подобрување на системот на јавни набавки и зајакнување на внатрешната и надворешната контрола преку зголемување на транспарентноста и отчетноста во работењето.
Имајќи во предвид дека примената на новиот Закон за буџети кој стапи на сила од 27.02.2022 година е одложена до 01.01.2026 година, обезбеден е доволен временски период за донесување на сите подзаконски акти како и за воспоставување на Интегрираниот финансиски менаџмент и информациски систем (ИФМИС). Обелоденивме за забавено темпо на воспоставување и имплементација на ИФМИС кој треба да ги обедини активностите за управување со јавните финансии, кој проект е поддржан од Светска банка.
































