Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши повтори дека минималната плата ќе биде зголемена во март, кога ќе се спроведе редовното усогласување во согласност со утврдената методологија, пренесе МИА.
Одговарајќи на пратеничко прашање во врска со барањето минималната плата да изнесува 600 евра, Дурмиши оцени дека опозицијата ја користи темата за политички поени, обвинувајќи ја за политички маркетинг.
-Нема потреба од политички маркетинг. Не сме против зголемување на минималната плата, но тоа мора да се прави врз основа на реални економски показатели, како што се продуктивноста и економската моќ на трудот – изјави Дурмиши, одговарајќи на пратеничката Јована Тренчевска од СДСМ.
Тој нагласи дека Министерството никогаш не се повлекло од разговорите за платите и информираше дека околу 20.000 вработени во јавниот сектор ќе добијат зголемување на примањата.
Во однос на платите на избраните и именуваните функционери, кои беа зголемени за 78 проценти по одлука на Уставен суд, Дурмиши најави дека Владата во најкус можен рок ќе донесе одлука за нивно замрзнување.
-За разлика од вас, кои ги зголемивте платите на функционерите, ние постапуваме спротивно и нема да дозволиме нивно дополнително зголемување. Ова прашање ќе биде решено наскоро и платите ќе бидат замрзнати. Се обидувате да создадете впечаток дека економската состојба е резултат на сегашните политики, а не на погрешните политики од вашето владеење – истакна Дурмиши.
Осврнувајќи се на забелешката од координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, поради чие барање седницата започна со едночасовно доцнење, Дурмиши појасни дека доцнел бидејќи присуствувал на претходно закажана конференција.
































