Кон операционализација на рамковната Декларација за стратегиско партнерство со САД
Зголемените царински тарифи што ги објави американскиот претседател Доналд Трамп го разбрануваа светот, но и нашата земја. Иако директната трговска размена со САД не е голема, сепак САД ѝ се стратегиски партнер на нашата земја и соработката со нив е значајна од секој аспект.
Како земја со која имаме потпишано Декларација за стратегиско партнерство, очекувано е да има разни бенефити, па и привилегии меѓу земјите, вклучително и добра трговска соработка, која би била позитивна за двете страни. Со оглед на значењето на соработката со САД, но и придобивките што можеме да ги имаме како мала земја од трговската размена со нив, се наметнува едно прашање, како до договор за слободна трговска размена со Америка, што би бил еден од инструментите со кои би се стабилизирале давачките за увоз и извоз и не би доаѓало до ситуации како најновата.
Декларацијата за стратегиско партнерство како рамка за натамошни договори преку кои ќе се операционализира билатералната со работка во различни области
Нашата земја ја потпиша Декларацијата за стратегиско партнерство со САД уште на 7 мај 2008 година, односно тогашниот министер за надворешни работи на Македонија, Антонио Милошоски, и државната секретарка на САД, Кондолиза Рајс. Целта на декларацијата е гарантирање на безбедноста на Македонија, но и зајакнати трговски и економски односи.
– Соединетите Американски Држави и Република Македонија се решени да го прошират и продлабочат блиското партнерство помеѓу двете земји што се заснова на заеднички цели, интереси и вредности.
Двете земји сакаат да ги зацврстат своите стратегиски односи преку интензивирање на консултациите и соработка во областите на безбедноста, врски помеѓу граѓаните, како и во трговијата.
Соединетите Американски Држави и Македонија ја потврдуваат својата поддршка на принципите на суверенитет и територијален интегритет на државите, на целите и принципите на Повелбата на ОН, и на унитарна и мултиетничка Македонија во своите постојни граници – е посочено во декларацијата.
Но наедно договорот предвидуваше и клаузула за поголема економска соработка, која гласи: „Како одговор на заедничката желба за проширување на трговијата и инвестициите, Соединетите Американски Држави и Македонија ќе бараат начини за зајакнување на економските врски и ќе преземат дополнителни мерки да ја зајакнат конкурентноста на македонската економија и да ги прошират можностите за американските и македонските бизниси“.
Слободна трговија со САД
Токму овие ставки од декларацијата се повод да се запрашаме дали можат тие одредби од декларацијата да послужат за поголема и подетална соработка со САД.
Македонија како мала земја, со мал удел во светската економија и трговија, има многу мал удел и во извозот на стоки во САД, односно во нивниот увоз. Што е причина плус да се стремиме како земја да ги подобриме односите со САД и да успееме да направиме договор со САД за слободна трговска размена.
Идејата за слободна трговија со САД не е нова, но со воведувањето на тарифите повторно станува актуелна.
На темата тарифи, премиерот најавува скорешна разврска
Премиерот Христијан Мицкоски посочи дека очекува многу скоро да се коригира одлуката на САД за зголемувањето на царините кон земјава, додавајќи дека „станува збор за некаква грешка или погрешна информација“.
Според Мицкоски, од зголемените царини можеби поголеми ќе бидат секундарните ефекти, а не директните што Македонија ги има на билатерално ниво со САД. Укажа дека веќе се споредуваат податоците, а Владата е во контакт со Амбасадата на САД, Министерството за економија и со Кабинетот на Трамп.
– Работиме со нашите партнери, САД, очекувам многу скоро да се коригира ова што очигледно е резултат на некаква грешка или погрешна информација, имајќи предвид дека лани нашата трговската размена со САД беше во негатива, односно сме во дефицит, а тие држави што се во дефицит немаат ваков тип зголемување на давачките. Сега се споредуваат податоците, во контакт сме со амбасадата, со Министерството за економија и со Кабинетот на Трамп, а тоа беше дел од разговорите и на Муцунски и државниот секретар во Брисел, така што во периодот очекувам да се излезе од оваа состојба – посочи Мицкоски и дополни дека, доколку земјите од ЕУ не успеат да го надминат сето ова со САД, тогаш ефектите би биле многу поголеми отколку примарните што ние ги имаме сега директно на билатерално ниво со САД.
Трамп отворен за преговори
Иако првичните реакции на засегнатите земји беа поттикнати од шокот, сепак, изјавата на Трамп дека со царините сака да го реши проблемот со дефицитот што САД го имаат со Кина, Европската Унија и со други земји, но и поради подготвеност да разговара со трговските партнери за ублажување на царините, многу земји веќе бараат преговарачи рамки.
Главен услов што го поставува претседателот на САД е дека мора да има рамнотежа или суфицит од нивна страна. Тој истакна дека не е подготвен да прифати нерамнотежа во обемот на трговија, односно земјата повеќе да извезува одошто увезува од САД. Според него, мора да постои или суфицит на страната на Вашингтон или рамнотежа.
Повеќе од 50 земји директно контактирале со Белата куќа за да започнат трговски преговори по воведувањето широки казнени тарифи од страна на претседателот на САД, Доналд Трамп, како што изјавија официјални лица на администрацијата. Е.Р.
Директни и индиректни ефекти на царинските тарифи за Македонија воведени од САД
Економистите укажуваат дека директните ефекти од воведените царини од САД кон Македонија ќе бидат многу мали, но додаваат дека поголем ефект ќе имаат индиректните.
– Нашата трговија со САД е ограничена, главно поради географската оддалеченост. Во 2024, извозот во САД како удел во вкупниот извоз изнесуваше 1,4 отсто, што е многу мал удел. Од таа гледна точка, директните ефекти од зголемените царини ќе бидат многу мали – оценува институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“.
Сепак, ефектот од тарифите ќе го почувствуваат странските компании што работат во земјава.
– Сепак, странските фабрики во технолошко-индустриските зони (ТИРЗ) се изложени на позначаен индиректен ефект. Тие се дел од глобалните синџири на снабдување, што подразбира дека иако тие извезуваат кон својата фирма мајка, која не е во САД, понатаму фирмата мајка може да биде изложена кон американскиот пазар. Царините ќе влијаат врз вкупните трошоци на фирмата мајка, што ќе се одрази и кај нас, во негативни сценарија преку т.н. каскадни ефекти на намалено производство и работни места – истакнуваат аналитичарите.
Се проценува дека падот на германската економија ќе биде посилен од просечниот пад на ниво на Европската Унија, што секако ќе се одрази и врз македонската економија, која е високозависна од трговијата со Германија.
Најзначајните последици ќе се почувствуваат во автомобилската индустрија, особено за електричните возила (ЕВс), што е исто така значајно за земји како нашата што се вклучени во автомобилските синџири на снабдување.
И директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски слободни зони, Гоце Димовски, посочува дека големата царинска стапка што САД и администрацијата на претседателот Доналд Трамп ѝ ја воведоа на Македонија индиректно ќе ги погоди странските инвеститори.
– Директен ефект ние ќе почувствуваме, но до одредена и не толку голема мера. Но индиректен ефект ќе има кај сите извозници од Македонија чиј најголем дел од производите е наменет за ЕУ и таму се очекуваат понегативни последици по компаниите, вклучувајќи ги и компаниите од ТИРЗ, но колкав ќе биде ефектот, ќе покаже времето.
Сите се во ситуација на исчекување, секојдневно сум во контакт со нив, ќе мора да почекаме да видиме како ќе помине првата половина од 2025 година – укажа Димовски. Е.Р.