Премиерот Христијан Мицкоски уверува дека Македонија е целосно подготвена да се справи со последиците од растот на цените на горивата, предизвикан од кризата на Блискиот Исток.
Тој на прес-конференција во Владата истакна дека нема проблеми со снабдувањето и дека и државата и компаниите располагаат со доволни резерви. Според него, во моментов нема потреба од ограничување на купувањето гориво за странските државјани, иако постои зголемена побарувачка од соседството.
– Доколку се повикавме на прогласување кризна состојба за акцизите ќе беше недоволно и одлучивме да интервенираме директно од Буџетот и да ги намалиме цените за отприлика по 6,5 до 7 денари за литар, рече Мицкоски на новинарско прашање дали е исполнет и законскиот праг за прогласување кризна состојба за да се намали акцизита.
Владата веќе донесе одлука за намалување на ДДВ за горивата, со што цените ќе се намалат за околу 6,5 до 7 денари по литар. Со оваа мерка се компензира очекуваното поскапување кое, според пресметките, би изнесувало над 10 денари за дизелот и околу 6,5 денари за бензините.
Мицкоски посочи дека се разгледуваат и други можности, вклучително и интервенции во маржите и логистичкиот синџир, како и дополнителни договори со компании како ОКТА за намалување на цените.
Во однос на резервите, премиерот нагласи дека државата располага со количини доволни за повеќе од 60 дена, додека снабдувачите имаат резерви над законскиот минимум. Дури и во случај на прекин на снабдувањето, системот би можел да функционира без проблеми во одреден период.
Тој додаде дека електроенергетскиот сектор е стабилен, со обезбедени количини на гас до крајот на грејната сезона и доволно акумулирана енергија.
И покрај стабилната состојба, премиерот предупреди дека ризици постојат и дека Владата секојдневно ја следи ситуацијата на глобалните пазари и геополитичките случувања. Доколку дојде до нови предизвици, најави дека ќе се преземат дополнителни мерки, вклучително и евентуални ограничувања.
































