Фото: Маја Јаневска-Илиева

Кампањи, мобилни апликации и сериозна поддршка за македонските земјоделци

Владините претставници најавија кампања со која ќе се зајакнува земјоделскиот сектор, ќе се јакнат производителите и ќе се подобрува поврзаноста меѓу земјоделците и купувачите. „Македонско најдобро“ по предлог на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе се обиде да го зголеми домашното производството на земјоделски култури, но и да ја издигне свеста за квалитетот и автентичноста на нашите производи. Истовремено се цели и кон полесен пристап на граѓаните до овие производи.
Како што најави министерот за земјоделство Цветан Трипуновски, веќе е изработена дигитална платформа Македонсконајдобро.мк на која сите македонски земјоделци, задруги, преработувачи и продажни центри ќе можат да се регистрираат и секој граѓанин ќе може лесно да ги пронајде и да се информира за домашните производи.
– Платформата е дизајнирана како централно место за промоција на домашното производство, овозможувајќи три основни типа на регистрација. Првата регистрација е за земјоделците, каде што ќе можат лесно да ги прикачат и промовираат своите земјоделски производи. Втората е за преработувачите, каде што ќе можат да ги претстават своите автентични македонски преработки. Третата е за продажните центри, каде што ќе ги регистрираат своите геолокации на продажни места низ нашата држава со што македонските производи ќе станат повидливи за потрошувачите – појасни Трипуновски.
Платформата ќе има и мапа преку која секој граѓанин ќе може многу лесно да најде каде да ги купи производите што му се потребни, односно преку автоматска геолокација, платформата ќе ги прикаже најблиските продажни места каде што ќе може да се набават домашните земјоделски производи.
Во скоро време се очекува да профункционира и посебна мобилна апликација, преку која граѓаните ќе може лесно да ги пронајдат и да се информираат за домашните земјоделски производи и преработки од нив.

Поддршка на домашното

„Нова Македонија“ во неколку наврати укажа дека главен фокус треба да се стави на производителите и на домашното производство на храна, што значително може ем да ги намали трошоците на граѓаните ем да понуди добри можности за заработка за земјоделците.
Земјоделските стручњаци укажуваат дека не може да се очекуваат резултати за краток период, како и дека мора да се има точен план што ќе се поддржи и кои сектори и да се има јасна стратегија како ќе се постигнат поставените цели.
– Оформувањето и спроведувањето политики што ќе водат кон успех и раст на земјоделството во Македонија е доста комплексна тематика, за која нема „магично“ стапче. Македонија како мала земја има силна конкуренција, прво во соседите, а потоа и во поголемите и поразвиени земји. Државите во нашето соседство сериозно инвестираат и ја користат предноста од природата, а еден таков пример е Албанија – вели универзитетскиот професор Драги Димитриевски од Факултетот за земјоделски науки и храна.
Димитриевски објаснува за „Нова Македонија“ дека иселувањето исто така ги влошува состојбите во земјоделството. Фактот што веќе е и очигледен, а тоа е заминувањето на жителите од руралните средини во поголемите градски средини или пак во други држави, значително влијае врз намалување на производството.
– Се напушта обработката на земјоделско земјиште, се намалува бројот на население во руралните средини и нема кој да работи. Дополнително, голем дел земјоделци се повозрасни граѓани, честопати и постари од 60 години, некои од нив се и без образование, и многупати одбиваат да прифатат новини, туку продолжуваат да работат како што го правеле тоа некогаш – укажува нашиот соговорник.

Ниски откупни цени

Од друга страна, чести беа укажувањата на земјоделците во изминативе години дека не се почитува нивниот труд и дека произведените култури им се откупуваат по цени што не ги покриваат ниту трошоците за производство.
– Не се цени трудот на земјоделците. Оризот се откупува по 30 денари, а се продава по 100 денари за килограм. Значи, 70 денари одат во џебот на трговците. Поради тоа, големите маркети остваруваат профити од 30 до 35 милиони евра и се богатат на грбот на земјоделците и на граѓаните. Се оди со високи маржи, кои за некои производи се и до 100 отсто. Државата мора да има механизми за да контролира по која цена се увезуваат, а по која се продаваат производите – вели поранешниот професор и експерт за земјоделство Илија Каров.
Од земјоделските здруженија укажуваат дека има начини да се заштитат земјоделците, а тоа мора да се направи за да не се случи целосно да зависиме од увоз кога станува збор за храната.
– Треба да се донесат законски решенија со кои ќе се утврди максималниот процент на заработувачка на трговците и на тој начин ќе се спречи грабежот на земјоделците и на граѓаните. Исто така, треба да се преземат мерки за ограничување на трговските маржи на репроматеријалите што се користат во земјоделското производство. Мора да го штитиме домашното производство и не може да се увезува сè и сешто – вели Ѓорѓи Каракашев, претседател на Националната земјоделска мрежа.

Добра вест

Министерот Трипуновски неодамна истакна дека статистичките податоци за извозот на земјоделски производи се јасен показател дека земјоделските политики се движат во вистинска насока и дека во иднина земјата не само што ќе ги задоволува домашните потреби туку и ќе го зголемува извозот.
– Споредувајќи ги првите пет месеци од 2024 година со првите пет месеци од 2025 година, во делот на извозот бележиме раст над 50 проценти. Во апсолутна бројка тоа е околу 57 милиони евра, што е сериозен раст. Овој раст значи дека успеваме домашните земјоделски производи да ги промовираме и надвор од границите на државата, што во иднина ќе значи враќање на тоа што Македонија некогаш била – да ги задоволува домашните потреби, но и да извезува – подвлече Трипуновски.
Тој посочи дека е формирана работна група што прави анализа за ефектите на субвенциите и дека првичните анализи покажуваат дека причина за падот на земјоделското производство не се само субвенциите, но дека ќе се направи мала модификација во овој дел во 2026 година за да се зголеми домашното производство.
– Првичните анализи покажуваат дека причините за падот на производството не се само во субвенциите туку, напротив, тие се момент на одржување на земјоделците, меѓутоа изминатите години бевме сведоци на тоа дека Владата и Министерството не го ставаа земјоделското производство како приоритет. Ги наследивме субвенциите што беа со сериозно задоцнување и ги исплативме, а тековно ги сервисираме сите субвенции што се по календарот на исплата, со што градиме доверба на земјоделците кон институциите, што во минатото не беше случај, поради што дел од земјоделската популација го напушташе земјоделското производство – рече Трипуновски. Е.Р.


Просечен принос на основните земјоделски култури

Единица мерка 2013 2018 2023
Пченица кг/ха 3.198 3.396 3.095
Јачмен кг/ха 2.994 3.072 3.182
Тутун кг/ха 1.453 1.541 1.591
Домати кг/ха 23.999 29.021 20.541
Јаболкa кг/стебло 26 38 20
Грозје кг/пенушка 4 3 2

Извор: Државен завод за статистика