Народната банка гарантира дека курсот на денарот ќе остане стабилен
Дел од скопските менувачници се соочуваат со недостиг на евра по зголемената побарувачка во изминатите неколку дена, поради што воведоа и делумни ограничувања на сумата што може да се размени, враќајќи ги граѓаните што се обидуваат да се снабдат со европската валута, како што забележа екипа на „Нова Македонија“ при обиколката на неколку менувачници низ главниот град. Од Народна банка апелираат до граѓаните да не се водат според шпекулациите и лажните вести, нагласувајќи ја стабилноста на денарот која се должи и на девизните резерви од околу 3,4 милијарди евра.
– Последниве три дена во попладневните часови не можам да најдам евра во менувачниците, за да купам. Сабајлево успеав во неколку менувачници, но максимум до 200 евра. Продажниот курс е шаренолик и се движи од 61,85 до 62 денари за евро. Во банка без провизија од сметката купив 200 евра за 61,8 денари – се пожали еден повозрасен скопјанец во изјава за „Нова Македонија“.
Во текот на денов посетивме и контактиравме со неколку сопственици на менувачници. Оттаму велат дека од вчера граѓаните почнале помасовно да менуваат денари во евра, односно да купуваат евра.
– Луѓето веројатно ги подигаат своите депозити од банките, па сега ги менуваат во евра. Има мал недостиг од евра, но до крајот на денот се ќе биде под контрола. Не знаеме зошто владее ваква паника меѓу граѓаните, кога денарот е стабилен – велат од менувачница која се наоѓа во центарот на Скопје.
И менувачница во населбата Аеродром го има истиот проблем. Укажуваат дека во моментот немаат евра и не можат да ги услужат граѓаните.
– Дојдете за еден час, ќе има евра. Но, ако сакате да купите до 500 евра. За повеќе нема да имаме. Почекајте до утре – додаваат оттаму.
Од Народната банка добивме одговор дека не е забележан недостиг на евра во менувачниците или зголемена побарувачка за откуп, ниту при теренската супервизија, со што сметаат дека станува збор за изолиран случај.
– Од страна на Народната банка не се забележани вакви појави, ниту при теренска супервизија, ниту преку поплаки од клиенти. Претпоставуваме дека станува збор за изолиран случај. На повеќе пати апелираме до граѓаните да не се водат по шпекулациите и лажните вести, кои овој период се присутни и да не се изложуваат самите себеси на материјални загуби. Народната банка гарантира дека курсот на денарот е стабилен и ќе остане стабилен. Зад ова тврдење стои доказ од три декади успешно одржување на курсот, вклучително и во време на неколку кризи. Капацитетот на Народната банка за одржување на стабилноста на денарот е признаен и од страна на меѓународните финансиски институции, вклучително и во последниот извештај на Меѓународниот монетарен фонд. Народната банка располага со широк инструментариум за заштита на стабилноста на курсот на денарот, од кој, секако најзначајни се девизните резерви. Според последните податоци тие изнесуваат околу 3,4 милијарди евра, што е двојно повисоко ниво во однос на 2008 година за време на глобалната финансиска криза (кога исто така беше успешно оддржан курсот на денарот). Дополнително, сега централната банка има пристап до посебна репо-линија, односно дополнителна девизна ликвидност која ни ја стави на располагање Европската централна банка во износ од 400 милиони евра – се наведува во одговорот на Народна банка.
И пред околу две недели беше забележан краткотраен недостиг на евра кога Грција ги олесни мерките за влез во државата, со што менувачниците тогаш претпоставуваа дека таквата појава се должеше на намерата на граѓаните да одат во шопинг во соседната земја. С.Н.М.