Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, кој е и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, вечерва учествуваше на трибината која се одржува во општина Гевгелија на тема „Инфраструктурен бум -Ги градиме темелите на промените“. Николоски во своето обраќање се осврна на Договорот со Обединетото Кралство и посочи дека ова е нешто што прво, ќе ја трансформира Македонија, а второ Македонија со овој договор се позиционира рамо до рамо со, како што рече тој, втората светска сила во моментов.

Николоски стави акцент и на економскиот аспект и бенефитите за Македонија и за граѓаните.

-Прво е лична мотивација. Јас кога се нафатив минатата година на овој предизвик бев силно мотивиран да направиме работи кои што ќе останат позади нас, но и работи кои што ќе останат за генерациите коишто ќе не паметат и коишто ќе не споделуваат што се она се правело – рече Николоски.

Според Николоски, Македонија мора да направи голем чекор напред со цел да биде рамо до рамо со најразвиените држави во Европа.

-Ние мора да направиме гигантски чекор напред ако сакаме Македонија да ја однесеме рамо до рамо со најразвиените европски држави и имаме уникатна можност да го направиме тоа затоа што сме мала држава, но во исто време имаме вреден народ, чесен народ и со добра организација се постигнуваат овие резултати- рече Николоски и додаде дека од една страна мора да сте многу подготвен за да станете рамо до рамо со најразвиената држава во Европа и втората светска сила во моментов.

Николоски истакна дека Македонија е првата држава во Европа која има потпишано ваков договор и реферираше на Договорот со Обединетото Кралство, а додаде и дека министерот за надворешни работи денес веќе го надградил тој договор.

-Тоа според мене е значајно политички аспект,  затоа што како што кажав, втората светска сила става свој печат во Македонија и тоа се трајни работи. Затоа што кога водите битки надвор, кога се бориме за македонскиот национален идентитет, за македонскиот јазик, за македонскиот народ, кога сакаме да е почитувана македонската историја и култура, многу е полесно кога имате голема светска сила позади себе – кажа Николоски.

Николоски го спомена и економскиот аспект во контекст на Договорот со Обединетото Кралство.

-Потпишавме договор каде што Велика Британија гарантира со својот кредитен рејтинг, којшто е највисок кредитен рејтинг, којшто може да се добие за Македонија и тоа го прави во една рамка од 5 милијарди фунти односно шест милијарди евра што целосно можат да ја трансформираат Македонија – рече тој.

Николоски потенцираше дека првиот проект е веќе во фаза на реализација и веќе има понуди од 16 врвни светски банки.

-Тоа е брзата пруга, која што секако ќе поминува и низ Гевгелија, Гевгелија-Солун ќе е околу 30 минути, Гевгелија-Скопје ќе е некаде околу час, час и десет. Центар во центар. Така што тоа е нешто што целосно ќе ја трансформира Македонија – заклучи Николоски.