Владата и земјоделските здруженија деновиве го разгледуваат моделот за договорено производство на две стратегиски култури – пченка и сончоглед. Може ли овој модел да се прошири и на други земјоделски култури, кои се неговите предности, но и евентуални недостатоци

ДОГОВОРНОТО ЗЕМЈОДЕЛСКО ПРОИЗВОДСТВО КАКО ПОВОД

Ќе се вратат ли намалените и изгубените земјоделски култури на македонските ниви со помош на моделот на таканаречено договорно земјоделско производство. Деновиве министерот за земјоделство Љупчо Николовски одржа средба со претставници на земјоделски здруженија и преработувачи, на која било дискутирано за договорно производството на пченка и сончоглед. Беше посочено дека биле продискутирани мерки за развој на производството и начинот на договарање меѓу двете страни за овие две значајни суровини, пченката како добиточна храна и сончогледот како суровина за масло за јадење.
Имајќи предвид дека изминативе години одгледувањето на овие две суровини значително е намалено, неминовно се отвора прашањето дали договорното производство ќе успее да ги врати на нивите овие значајни земјоделски култури. Токму кризата што се наметна по воениот конфликт во Украина е продолжение на кризите и проблемите што се наметнаа по пандемијата, но овој пат таа удира директно врз производството на храна, а ние како земја увозник и на основни прехранбени продукти би можеле да се соочиме со голем недостиг. Дали војната ќе биде поттик надлежните институции да се посветат на аграрна политика што најпосле ќе даде плод, односно ќе ги зголемува обработените и засадени површини, допрва ќе видиме.
Експертите укажуваат оти договорното производство може да даде плод и дека сега е крајно време да се преземат конкретни чекори за враќање не само на овие две култури туку и на повеќе други култури на нашите ниви.
– Договорното производство се применува и практикува и во пазарните економии. Сѐ е во насока на развој на земјоделството и вакви договори може да го поттикнат повторно производството. Ваквите обиди треба да се поддржат за да се зголемат површините на кои ќе бидат засадени земјоделските култури. Сметам дека вакви мерки треба да се направат секаде каде што има можности и интерес од двете страни за да се вратат на нивните сите култури, кои некогаш се одгледувале кај нас, а денес се или во намалени количества или воопшто ги нема. Сметам дека има мерки што можат да дадат плод и да се зголеми интересот за поголемо производство. Една таква мерка е и мерката за ставање на целото расположливо или слободно земјоделско земјиште во функција, но и други мерки што ќе придонесат да се зголемат приносите по хектар – вели универзитетскиот професор Драги Димитриевски од Факултетот за земјоделски науки и храна.

Димитриевски посочува дека досегашните истражувања за работата во руралните средини покажале тенденција на напуштање на селата, мигрирање, особено кај помладата популација. Сепак, Димитриевски вели дека токму моделите што ќе обезбедат подоходовно земјоделско производство може да придонесат за обратна миграција и заживување на селата.
– Мерките што ќе се применат треба да придонесат за враќање на земјоделските култури на нивите, особено оние што се со намалено производство или што целосно исчезнале. Треба исто така да се поттикне интересот за обработка на земја кај младите генерации, бидејќи основната функција на земјоделството е да обезбеди исхрана за населението – посочува Димитриевски.
Некои од инволвираните се скептични околу можностите да се остварат плановите за договорно производство поради тоа што недостигаат земјоделци што имаат и знаење и желба за работа на нива.
– Од година на година се усложнуваат проблемите во земјоделството и се намалува одгледувањето одредени култури. Сѐ помалку луѓе знаат да садат и да одгледуваат пченица или пченка. Договорното производство е нормална појава, но клучот во него лежи во откупот, или во откупната цена што се прави врз пазарна основа и врз материјалните резерви. Ако се откупува во согласност со договорот, тогаш ќе има интерес за зголемено одгледување одредени култури. Ако се почитуваат договорените цени и договорениот откуп, тогаш ќе може да ги вратиме овие култури на нивите, но и други земјоделски култури. Мана во овој план е недостигот од работници, особено млади луѓе што ќе знаат како да ги обработуваат нивите и да ги реализираат планираните активности. За жал, нема интерес, недостигаат луѓе што ќе работат. Инаку, договорното производство функционира насекаде во светот, и во соседна Србија, но и во големите земји како Франција и Германија – вели нашиот соговорник, кој сакаше да остане анонимен.
Петре Стојковски од Асоцијацијата на земјоделци вели дека веќе има активни разговори со земјоделците и преработувачите на одделни земјоделски производи, што влева надеж дека ќе почнат да се решаваат проблемите што го оттргнаа земјоделецот од нивите.

– Деновиве се разговараше за поддршката и за откупот на сончогледот и пченката и има одредени резултати. Тоа е добро, бидејќи решенијата се донесени пред почетокот на сеидбата, што ќе придонесе за засејување на поголеми површини под овие култури. За сончогледот и пченицата е предвидена дополнителна поддршка, која треба да стане практика, во обезбедување ѓубриво. Имаме ветување од преработувачите на сончоглед дека ќе го откупат целокупното производство по берзански цени, што е добар потег – вели Стојковски.
Според него, за подобрување на земјоделското производство треба да се подобри соработката меѓу земјоделците и преработувачката индустрија и нивниот однос да се темели на меѓусебна доверба. Тој укажува оти со однапред договорени откупните цени, количества, квалитет, но и ако не се прават манипулации, соработката би била од корист за двете страни.
Министерот Николовски на состанокот посочи дека веќе се работи на мерки што ќе придонесат за зголемување на површините и приносите на овие две стратегиски култури. Мерките ќе бидат насочени кон тоа што им е најважно во моментот на земјоделците, односно во делот на финансиска поддршка за набавка на вештачки ѓубрива. По средбата беше посочено дека целта е да се стават и земјоделците и преработувачите во еден систем, кој ќе гарантира сигурност на производството, што ќе придонесе за зголемување на домашното производство на овие значајни земјоделски култури.


Засеани површини

Година                             2020                       2021                 2014
Жита                               159.059                   161.441            162.754
Индустриски посеви         22.384                     21.547              26.129
Градинарски посеви         51.564                     51.906              52.598
Фуражни посеви               41.318                     42.415              36.511

(во хектари)

Извор: Државен завод за статистика