Фото: Принтскрин

Бројот на производи во „Новогодишната кошница“ континуирано расте и заклучно со денешниот ден достигна 1.036, но листата не е затворена. Во акцијата досега се приклучени над 90 производители и дистрибутери на производи, а производите од вчера се достапни за граѓаните во 38 синџири на маркети, информира министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.

– „Новогодишната кошница“ започна вчера и како што најавивме ќе трае до 15 јануари 2025 година. Оваа мерка е акциско намалување на цените на одделни прехранбени производи, алкохолни и безалкохолни пијалаци. Направена е на иницијатива на бизнис секторот и не произлегува од Владата. Тие понудија производи по пониски цени за граѓаните од најмалку 10 проценти. Преку оваа мерка директно помагаме за подобрување на животниот стандард на граѓаните, новогодишните празници да ги поминат во пристојни услови – рече Дурмиши на денешната прес-конференција.

Нагласи дека сите производи што се опфатени со акцијата се обележани на рафтовите на маркетите со ознаката „Се грижиме! Помалку трошоци, повеќе за тебе“.

– Иако вчера за голем дел од маркетите низ државата беше неработен ден, односно работеа маркетите само во трговските центри и во туристичките места, производите на рафтовите беа обележани, а тоа го забележа Државниот пазарен инспекторат – посочи Дурмиши.

Мониторингот на цените во мерката, како што рече, се врши во согласност со Законот за заштита на потрошувачи и Законот за трговија, односно се гледаат цените на производите кои се во „Новогодишната кошница“ и најниските цени на тие производи кои биле во последните 30 дена. На рафтовите треба да биде истакната новата намалена цена и старата цена.

– Се надевам дека во наредниот период бројот на производи на листата ќе се зголемува и сите заеднички ќе им излеземе во пресрет на граѓаните за време на новогодишните празници и ќе бидеме сите заедно општествено одговорни кон граѓаните. Апелирам до компаниите доследно да ја почитуваат акцијата која што самите ја креираа, а доколку граѓаните имаат забелешки да ги пријават до Државниот пазарен инспекторат на бесплатниот телефонски број 191 или на веб страницата www.dpi.gov.mk – потенцира Дурмиши.

На прашање колку мерката ќе придонесе за намалување на трошоците на граѓаните, Дурмиши рече дека тоа ќе се утврди откако ќе заврши годинава.

-Ќе ги видиме податоците што ќе произлезат од Државниот завод за статистика, како и од синдикатите и потоа ќе ја соопштиме бројката – истакна Дурмиши.

Во одговор на новинарско прашање директорот на Државниот пазарен инспекторат Влатко Стојкоски посочи дека формално-правно имаат механизам да ги проверат цените и пред 15 ноември, за уште плус еден месец, но можат за „Новогодишната кочница“ да контролираат само за најниската цена на производите до 15 ноември.

– Постапуваме по Законот за заштита на потрошувачи и кога е акциска продажба, односно продажба од 30 дена, како што е во случајов од 15 декември до 15 јануари, се утврдуваат цените во изминатите 30 дена – од 15 ноември до 15 декември и од тој период најниската цена во суштина ја земаме како највисока цена и на неа треба да има намалување од минимум 10 проценти. Ако претходно имало манипулирање со цените треба да се провери на што се должело тоа зголемување, зашто некаде имаме и берзански производи, а после тоа да излеземе со коментар – рече Стојкоски.

Во текот на вчерашниот ден, како што посочи, Државниот пазарен инспекторат забележал ситни пропусти како нејасно одбележување на производите, паднат флаер поради што не се гледа старата цена и новата цена со намалување од минимум 10 проценти и додаде дека има информација дека во текот на денешниот ден се отстранети.

Заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески истакна дека по првпат во мониторингот на цените се вклучени и синдикатите, Организацијата на потрошувачи и граѓаните.

– Самиот бизнис сектор за производство и продажба на прехранбени производи сакаше да го зголеми степенот на општествена одговорност и сами треба да ја почитуваат оваа нивна волја. Цело време ќе правиме контроли и за сите неправилности кои ќе бидат утврдени во однос на изигрување на цените ќе следат опомени. Доколку опомените бидат занемарени, во Законот за заштита на потрошувачи има и казнени одредби за измама на потрошувачите со цени – рече Ристески.

Ако мерката се покаже дека е добра, како што потенцира, овој принцип и формула ќе се употребува и понатаму.

– Ако се покаже дека има одредени недоследности и се прават одредени изигрувања тогаш ништо не ја спречува Владата да продуцира нови поригорозни мерки. Сметам дека бизнис секторот нема да дозволи да дојде до тоа бидејќи идејата за мерката беше нивна. Ако е успешна мерката ќе ја спроведуваме и понатаму, ако не ќе се вратиме на мерките со кои ќе има ограничување на цените за заштита на граѓаните – рече Ристески.

Нагласи дека со мерката „Училишна кошничка“ имаше заштеди од околу 2.000 денари по ученик, со „Есенската кошничка“ со која беа опфатени околу 530 производи имаше заштеди од 1.200 до 1.500 денари, а се очекува многу поголема заштеда од „Новогодишната кошница“ со која досега се опфатени 1.036 производи.

Сите информации за акцијата, листата на производи и компаниите кои се дел од „Новогдишна кошница“, односно производители, дистрибутери, маркети се објавуваат на интернет страницата www.mojakosnica.mk. Листата на производи не е затворена и сите заинтересирани можат да се пријават со свои производи на [email protected].