Фото: ЕПА

Еден од водечките европски економски аналитички центри, институтот „Ифо“ од Минхен, публикува драматична анализа за германската економија

  • Економскиот пад на Германија станува драматичен по години стагнација на БДП и по неуспешните обиди за пресврт, предупреди раководителот на институтот „Ифо“ со седиште во Минхен, еден од водечките европски економски аналитички центри

Новата студија на институтот „Ифо“ – Минхен, Германија, покажува дека економските перформанси на Германија стагнираат од 2018 година. Владините трошоци за пензии, училишта и инфраструктура се зголемиле за 25 отсто од 2015 година, а корпоративните инвестиции во индустрискиот сектор паднале под нивоата од 2015 година.
Според Клеменс Фуест, претседател на институтот „Ифо“, мрачната состојба на економијата сугерира дека Германија е на работ на „italienische Verhaltnisse“: германски сликовит израз за т.н. италијански услови – термин што се користи за да се опишат хроничната економска слабост, стагнацијата и структурната неефикасност што долго време се поврзуваат со италијанската економија.
– Германија е во економски пад со години. Ситуацијата стана драматична. Помалку приватни инвестиции значат помалку раст, помалку даночни приходи…, па затоа и помалку пари за државни услуги на среден рок – изјави Клеменс Фуест, претседател на институтот „Ифо“, за реномираниот германски медиум „Билд“.
Аналитичарот кажа дека падот веќе го чувствуваат „милиони обични Германци“ преку „пад на животниот стандард“ и предупреди дека без брзи реформи земјата се соочува со 25-годишен економски пад. Клеменс Фуест, претседателот на институтот „Ифо“, ја повика владата да изработи „сеопфатен план за реформи“ во рок од шест месеци, вклучувајќи ги и пензиските реформи. Тој, исто така, повика на намалување на бирократијата за малите и средните претпријатија со укинување на правилата за документација за емисиите на јаглерод, синџирите на снабдување и минималните плати, велејќи дека тие додаваат трошоци што не се од додадена вредност. Со нивното отстранување, тврди тој, би можело да се генерираат до 146 милијарди евра (146 милијарди долари) дополнителни економски добивки секоја година.
Германската економија се намали во 2024 година по претходниот пад од 0,3 отсто во 2023 година, што е прв последователен годишен пад од почетокот на 2000-тите. Канцеларот Фридрих Мерц уште во август изјави во јавноста дека економијата е во „структурна криза“, и тоа особено во големите сектори, кои „веќе не се навистина конкурентни“.
И „Ифо“ и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) прогнозираат речиси нула раст за Германија оваа 2025 година – околу 0,2 отсто – со стагнација на целокупната економска активност. Е.Р.


Потсетување на констатацијата на германскиот канцелар Мерц поврзана со економската состојба во Германија

Германската економија е во структурна криза!

Германската економија доживува структурна криза, а не само привремена слабост, изјави неодамна германскиот канцелар Фридрих Мерц, признавајќи дека враќањето на економијата на земјата на вистинскиот пат се покажало како потешко отколку што очекувал. Канцеларот Мерц ги даде овие забелешки во јавниот говор пред членовите на својата партија Христијанско-демократска унија во градот Оснабрик во Долна Саксонија, матичната покраина на автомобилскиот гигант „Фолксваген“.
– Го кажувам ова со самокритика – оваа задача е поголема отколку што некој можеше да замисли пред една година – рече Мерц.
Големи делови од економијата на земјата „веќе не се навистина конкурентни“, со жалење призна германскиот канцелар.
Во истата пригода, германскиот канцелар Мерц го наведе падот на заработката на „Фолксваген“, која се урна за огромни 36 отсто по оданочувањето во вториот квартал од тековнава година, како само „една од многуте пораки“ за состојбата на економијата на Германија.
– Никој не треба да има илузии за длабочината и ширината на предизвиците со кои се соочуваме – рече Мерц, сепак додавајќи дека германскиот „квалитет сè уште е добар, но раководителите на компаниите препознаваат други предизвици, а основните услови во Германија едноставно не беа доволно добри во последната деценија“.
Друг германски автомобилски гигант, БМВ, исто така, објави остар пад на профитот во првата половина од годината, известувајќи за пад од 29 отсто во споредба со истиот период минатата година. Падот во автомобилскиот сектор во земјата ги поттикна стравувањата за „нарушеното здравје на најголемата економија во ЕУ“. Германија веќе претрпе блага рецесија минатата година и сега се очекува да остане непроменета оваа година, според проекциите на ММФ. Р.С.