Фото: Министерство за животна средина

Енергетиката во фокусот

Со чинот на депонирање своерачни потписи на гасоводните цевки од сите засегнати страни во реализацијата на проектот „Гасен интерконектор“, односно претставници на Владата, меѓународните партнери и институциите вклучени во реализацијата, се означи официјалниот почеток на изградбата на гасниот интерконектор меѓу нашата држава и Грција. Настанот се одржа во близината на Неготино и Демир Капија, на локацијата на трасата од каде што започнува изградбата на македонскиот дел од интерконекторот, во организација на НОМАГАС АД Скопје, државната компанија што управува со националниот гасоводен систем.

За гасниот интерконектор

Според сите партиципиенти во проектот, почната е реализација на „стратешки енергетски проект со кој Македонија добива нов правец во обезбедувањето на сигурно, стабилно, диверзифицирано и еколошки одржливо снабдување со природен гас, што има клучно значење за енергетската иднина и на Македонија, но и на регионот“. Вредноста на проектот е 60 милиони евра. На македонска страна ќе се градат 66,6 километри гасовод. Почетниот капацитет на гасот е 1,5 милијарда кубни метри, со потенцијал да се зголеми на три милијарди кубни метри. Проектот го реализира домашната компанија „Рапид билд“ од Куманово. Споменатата компанија „Рапид билд“ достави најповолна понуда од 59,9 милиони евра, што беше за 12 милиони евра пониска од второпласираната понуда на компанија од Србија. Времето на изградба на проектот е планирано да заврши за 22 месеца, а интерконекторот да биде готов во 2027 година. Изградбата на гасоводот е капитална инвестиција за државата, но преку реализацијата на гасоводот се поврзуваме и со другите земји во регионот и Македонија станува значајна енергетска крстосница, а конкретни придобивки, освен регионот, ќе имаат и македонските граѓани и компании.

Министерката Божиновска: Ова е чекор што трајно ја менува нашата енергетска перспектива

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска го нагласи значењето на интерконекторот како најголема енергетска инвестиција во земјава во последните десет години.
– Од оваа точка, па натаму, секој метар од трасата е симбол на нашата визија: енергетска независност, економски раст, еколошка одржливост и регионална интеграција. Овој проект не е само стратешки туку клучен за иднината на нашата земја. Ова е чекор што трајно ја менува нашата енергетска перспектива. Македонија станува клучен играч во енергетската мапа на Југоисточна Европа. Не само што ја зајакнуваме нашата енергетска независност туку и придонесуваме за стабилноста на целиот регион. Овој проект е доказ за нашата одлучност да ја трансформираме Македонија во енергетски центар на Балканот – изјави министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.
Во врска со високоинтензивните активности на тимот во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, министерката Божиновска, пред сѐ, ни издвои дека она што примарно е направено и сѐ уште се прави е фундаментот.
– Прво што правиме е легислатива. Работевме на легислативата, го донесовме првиот Закон за енергетика со помош и на пратениците. Имавме 14 јавни дебати. Ги вклучивме сите, ја вклучивме јавноста, експертите, сите заинтересирани сегменти во општеството. Прифативме и од опозицијата амандмани, а сето тоа во функција на граѓаните. Сѐ што е добро за граѓаните, ние прифаќаме. Натаму, воведовме ред и во минералните суровини. Од оваа година за 100 проценти ги зголемивме сите давачки. Имаме наплата во првиот квартал двојно повеќе од минатата година. А што се однесува до проектот „Гаен интерконектор“, издвојувам за јавноста дека спроведувањето на тендерот донесе заштеда од 12 милиони евра. Имено, спроведовме тендер и добивме 12 милиони евра поевтина понуда. Фирмата е македонска. Ние сме многу среќни што ќе имаме повеќе 12 милиони евра за македонските граѓани и што ќе може да останат тука за македонска фирма – издвои за јавноста министерката Божиновска.
Таа ги препознава напорите и посветеноста на новиот тим во министерството и издвои дека некои резултати веќе се видливи, но секако дека е потребно повеќе време за целосна имплементација на промените. Министерката зборуваше и за бенефитите за граѓаните што ќе бидат овозможени.
– Цената на струјата од први јули не се зголеми. Се прават напори исто така со новиот закон да се даваат повторно инвертери. Потсетувам дека минатата година поделивме околу 6.000 инвертери, а годинава ќе продолжиме. Во борбата со т.н. енергетска сиромаштија, на граѓаните што се ранливи категории од областа на енергетските потреби ќе им излеземе во пресрет. Ние работиме на промени и се надевам дека тоа се гледа за една година, меѓутоа потребно е многу време – изјави со голема доза решителност и ентузијазам министерката Божиновска. Е.Р.


Од енергетска стабилност до силна економија

Проекти со „Казанџи груп“ димензионирани како инвестиција во енергетиката во висина од над една милијарда евра

Дека енергетиката како феномен станува една од најзабележливите точки во радарот на владините политики, доказ е и фактот што на последната владина седница е дадено зелено светло за соработка со компанија што е светски гигант од областа на енергетиката – „Казанџи груп“. Имено, деновиве на седница на македонската влада се официјализираше меморандум за соработка со компанијата „Казанџи груп“, која е заинтересирана за инвестиции во нашата држава, во вредност од една милијарда евра. На чинот на официјализирање на меморандумот со „Казанџи груп“ му претходеа голем број средби со „Казанџи холдинг“, која со своите енергетски компании работи под брендот „АКСА“. За потсетување, „Казанџи груп“ е водечка турска компанија со над 25 години искуство, оперира со инсталиран капацитет од над 3,500 MW во осум држави и е активна во 22 земји на четири континенти.
За издвојување во јавноста е информацијата дека Владата преку своето Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини го отвори патот за изградба на секундарна гасоводна мрежа, топловодна мрежа и когенеративни централи со 500 MW инсталиран капацитет, кои произведуваат 4,1 TWh електрична енергија и 720 GWh топлинска енергија на годишно ниво, а сите тие проекти се димензионирани како инвестиција во енергетиката во висина од над една милијарда евра. Кога се зборува за когенеративните централи, низа експерти нагласуваат дека во нашиот случај, тие се „единственото трајно решение за загадениот воздух“!

Премиерот Мицковски: Инвестиција со која државата ќе стане енергетски независна

Деновиве, македонскиот премиер Мицкоски во своите активност низ државава мошне фреквентно издвојува поенти и аргументи за реформите. Тој зборува за враќање на доверба во системот, за намалена инфлација, за инвестиции во инфраструктурата, здравството, образованието, но на посебен пиедестал ги става тековните и планираните инвестиции во енергетиката. Во продолжение се наброени некои од покарактеристичните инвестиции од областа на енергетскиот сектор.
– Два гасни проекта со соседна Грција и Србија, кои беа поддржани од страна на Европската комисија (ЕК), односно започнувањето со градба гасниот интерконектор со Грција во вредност од 60 милиони евра;
– Пуштен е во работа новиот 400/110 kv трансформатор во ТС „Битола 2“, кој треба да ја зајакне сигурноста на снабдувањето во Струга, Охрид, Ресен, Битола и во Прилеп, обезбедувајќи стабилна електрична енергија во зима, со што ќе се обезбеди непречено производство на електрична енергија во РЕК „Битола“;
– Обезбедена е инвестиција за ветерен парк, кој ќе се гради во Карбинци, Штип и во Радовиш, вредна 450 милиони евра. Обезбеден е инвеститор што ќе ги вложи тие средства, а државата проектира остварување на 100 милиони евра поголем приход во БДП, што треба да донесе 20 отсто од вкупното производство на електрична енергија и да ја направи земјава енергетски стабилна;
– Со донесениот нов Закон за енергетика се воспостави ред во експлоатацијата на минерални суровини, при што се зголемени таксите за 100 проценти;
– Усвоена е програмата за заштита на ранливите потрошувачи за 2025 година, со финансиска поддршка за потрошена електрична енергија. Е.Р.