Добар дел од домашната пченица годинава, за жал, ќе заврши како сточна храна во Грција, а дел ќе „отиде“ и на нашите фарми, за храна во живинарството и свињарството. Околу 20.000 тони лебно жито, пак, според разговорите со земјоделците на терен, можно е да завршат непродадени, складирани, вели државниот советник во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), Трајан Димковски.
Димковски на денешниот брифинг со новинарите што го организира министерот за земјоделство Љупчо Николовски порача дека земјоделците мора да се посветат на количини и квалитет. Земјава секогаш ќе увезува, но ако имаме принос од четири тона, тоа ќе биде сосема доволно и не ќе има потреба да купуваме однадвор.
-Жито кај нас се увезувало и ќе се увезува. Увезуваме до 80 000 тони пченица и 40 000 тони брашно, најмногу од Србија. Но, ние повеќе пари трошиме за увоз на чоколади отколку за пченица или исто пари даваме за увоз на кафе како и за увоз на пченица. Веројатно сакаме да биде нешто атрактивно и да се продава како информација – нагласи Димковски.
Според него, по мерките за земјоделците, три денари за секој откупен килограм пченица и 100-процентно покривање на трошоците за складирање, сега се на потег мелничарите.
-Со овие мерки притисокот треба да биде кон млинарите зашто лебот остана ист, а тие набавуваат евтина пченица. Кога разговараме, тоа и го кажуваме, не може вие со 10 – 11 денари да купувате пченица, а лебот останува 33 – 35 денари – потенцира Димковски.
Тој уште еднаш напомена дека фокусот мора да биде на мерките кои ќе ги зголемат количините, приносот и квалитетот.
-На почеток имамвме добри жита, но тоа не се покажа така и кога влегоа комбајните, а пракса е дека можеме да зборуваме за приноси кога комбајните ќе влезат на нивите. Годинава житата потфрлија, со намален принос, но и со квалитет и тука е клучот што постојано го зборуваме. Кај нас житото се заштитува само од плевели, но последниве години покажаа дека мора да се заштити и од болести. Затоа се повеќе при креирањето на политиките даваме значење на тој сегмент, мора да се користи вештачко ѓубре во оптимални количини. Во одредени подрачја или површини каде е слабо користено, излезе и со 56 хектолитри квалитетот на пченицата што е послабо и од јачменот. Имавме и со 73. Јасно е дека кој колку вложил, толку и добива. На исти површини за иста класа земја има и 2,5 – 3 тона, но и 6 – 7 тона по хектар печница, зависно од домаќинството, колку вложило.