Фото: Маја Јаневска-Илиева

Пратеникот Благој Бочварски од Социјалдемократскиот сојуз на денешната Седница во Собранието на Македонија постави повеќе прашања до министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска, меѓу кои и за покачување на минималната плата на 450 евра во услови на растечки цени. Министерката одговори дека ќе обезбеди средства според договорот постигнат меѓу синдикатите и работодавачите.

Покрај за минималната плата, пратеникот Бочварски праша и за реализацијата на општинските проекти за кои се обезбедени финансиски средства, како и за средствата од ребалансот на буџетот за 2024 година.

Димитриеска Кочоска посочи дека буџетскиот дефицит е помал од претходно. Во врска со капиталните инвестиции, министерката најави дека следната година ќе има зголемување и дека ќе се разгледаат причините за досегашната ниска реализација.

– Не е точно дека буџетскиот дефицит е поголем, помал е. Во економијата бројките се егзактни. Во однос на минималната плата, како ќе кажат синдикатите и работодавците, така ќе направам, имам обврска тоа да го обезбедам. Во однос на капиталните инвестиции, ќе излезат работите на виделина и ќе видиме зошто имаме толку ниска реализација на капиталните инвестиции. Следната година ќе имаме зголемување – рече таа.

Министерката ги покани сите заинтересирани за подетални објаснувања и нагласи дека сите проекти ќе се реализираат како што било проектирано.

Таа, исто така, информираше дека тендерите за проектите на општините во износ од 100 милиони евра се распишани и реализацијата трае до 31 декември 2024 година.

– На 31.12.2024 ќе добиете точен одговор, ќе дадам податок во однос на општинските проекти, колку пари ќе бидат реализирани – дополни таа.

За следната година, таа изјави дека за овие проекти се планирани 250 милиони евра, со побрза динамика на реализација.