Фото: Принтскрин

Министерката за финансии Гордана Димитриеска – Кочоска тврди дека сега многу понавремено се враќа повратот на ДДВ на фирмите отколку претходно и дека нема проблем кај оние фирми кои редовно ги сервисираат обврските. Не очекува дека со воведувањето на е -фактурата целосно ќе се искоренат злоупотребите што ги прават некои компании.

– Најодговорно го тврдам тоа затоа што ако имаме поголем апсолутен износ во однос на претходната година вратен ДДВ во услови кога констатиравме сериозни даночни евазии или злоупотреби на системот од компании на коишто некогаш им било враќано ДДВ, а денес не го враќаме. Тоа значи дека ние многу повеќе и понавремено го враќаме во однос на претходниот период, но во исто време не дозволуваме да има злоупотреби на системот – изјави денеска Димитриеска-Кочоска која беше во посета на Управата за јавни приходи.

Димитриеска-Кочоска појасни дека проблемот се јавува кај фирми за кои, според индикаторите на Управата за јавни приходи, се покажува дека се ризични.

– Проблемот се јавува од моментот кога УЈП ги воведе индикаторите со помош на ММФ коишто алармираат дали една компанија е ризична
во однос на сопственоста, честата промена на сопственоста, дали е сопственикот во државава или во странство, дали некоколкупати се вртат парите во поврзани фирми итн.Таквите компании дефинитивно ќе имаат мало задоцнување, но јас верувам дека доколку компанија којашто навистина работи транспарентно, отчетно и согласно закон, после првата контрола што ќе ја има и ќе биде уредна, понатаму апсолутно нема никаков проблем – рече Димитриеска-Кочоска.

Не очекува дека со воведувањето на е-фактурата целосно ќе се искоренат злоупотребите од страна на фирмите затоа што, вели, оние што го злоупотребувале системот, сега повторно ќе бараат начини да го злоупотребат.

– Тоа се едноставно такви умови кои така се програмирани и не знаат за друго, но нашата борба е во континуитет да изнаоѓаме решение и да се бориме – подвлече Димитриеска-Кочоска.