Фото: Н.М.

Управата за јавни приходи (УЈП) ја претстави националната платформа за електронско фактурирање – Е-Фактура, која најавува суштинска трансформација на даночниот систем во Македонија. Преку овој систем, секоја безготовинска трансакција ќе биде евидентирана и контролирана во реално време, со цел зголемување на транспарентноста, дисциплината и довербата во фискалниот систем.

Како што беше соопштено на денешната промоција, Е-Фактурата е двоен документ, комерцијален и автоматизиран даночен запис со кој се заменува постоечкиот модел на месечна или тримесечна пријава на податоци кон УЈП. Новиот систем овозможува информациите од секоја фактура да пристигнуваат моментално, по нејзиното издавање.

Директорката на УЈП, Елена Петрова, нагласи дека овој проект е повеќе од техничка новина.

 

-Имплементацијата на овој проект ќе значи и создавање на целосна подзаконска и законска регулатива. Јас верувам дека компаниите се силно заинтересирани бидејќи токму тие ќе бидат директно вклучени во процесот. Во многу разумен рок ќе го објавиме стандардот и спецификацијата на задолжителните елементи на е-Фактурата, за деловниот сектор да може навремено да се подготви – рече таа.

Дополни дека овој систем значи административно и финансиско олеснување за компаниите со кое ќе нема веќе печатење, испраќање или чување хартиени фактури. Дополнително, особено за сопствениците на бизниси, ова ќе овозможи поголема контрола, сигурност и одговорност бидејќи секоја фактура ќе биде дигитално потпишана и ќе има електронска трага.

Министерката за економија, Гордана Димитриевска Кочовска, потенцираше дека овој систем е од огромно значење за борбата против сивата економија.

 

-Системот за е-Фактура ќе има значаен придонес и за приватниот и за државниот сектор. Ќе ги намали трошоците, ќе овозможи подобра контрола врз целокупното работење и ќе го олесни процесот на сузбивање на сивата економија. Со оглед на тоа што ДДВ е еден од најзначајните буџетски приходи, преку е-Фактурата ќе имаме подобар увид кој, кога и како фактурира, а со тоа е помала можноста за злоупотреби. Овој систем е алатка за спречување на појавите кои ги констатиравме во минатото- рече таа.

Премиерот Христијан Мицкоски, исто така, го потенцираше значењето на системот во борбата против финансискиот криминал.

-Со имплементацијата на е-Фактурата, драматично се намалува ризикот од појава на фантом-фирми кои исцрпуваа стотици милиони евра од Буџетот преку лажен поврат на ДДВ. Ако се применува правилно – како што верувам дека ќе биде – ваквите злоупотреби ќе станат практично невозможни- посочи Мицкоски.

Процесот на имплементација е организиран етапно и веќе од 1 јануари 2026 започнува пилот фазата со претставници од деловниот сектор. Задолжителната примена се очекува во третиот квартал од 2026 година. Компаниите кои користат постоечки алатки на УЈП нема да мора да вршат адаптации, додека за останатите ќе биде понудена техничка помош и брза API интеграција.

УЈП најави интензивни јавни кампањи, обуки и објавување на сите релевантни документи, со цел целосна подготвеност на бизнис заедницата. Реформата е позиционирана како чекор кон трајна модернизација, фер пазарна конкуренција и засилена фискална дисциплина.