Фото: Архива/Илустрација

Според сведоштвата на граѓаните, дел од производителите, дистрибутерите и маркетите се служат со трикови и тие трикови придонесоа цените на одредени производи да се зголемат, истакна премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на прашање од пратеникот Бојан Стојановски.

Од собраниската говорница, премиерот Мицкоски нагласи дека нема да се дозволи, поединци да ги злоупотребуваат своите позиции и да заработуваат на грбот на граѓаните.

-Состојбата што ја затекнавме е алармантно катаклизмична. Има различни начини за справување со предизвиците, замрзнување на цени, замрзнување на маржите, замрзнување на дистрибутивните маржи… Тоа што ние прво го напрвивме е имплементирање на Законот за нефер трговски пракси, разговаравме со производителите и коморите се со цел да не применуваме офанзивни рестриктивни политики, туку тоа да биде со консензуален пристап и како резултат на тоа ја направивме новогодишната потрошувачка кошничка- рече Мицкоски.

Но, како што посочи, според сведоштва на граѓаните, дел од производителите, дистрибутерите и маркетите, се служат со трикови што доведе до поскапување на одредени производи, како што на пример беше цената на маслото за јадење.

– Дел од производителите тоа го правдаа со цената берзите која била зголемена, но ние проверивме и се уверивме дека тоа не е тоа така. Во целата спроведена анализа за потрошувачката кошничка воочивме дека можеби ќе треба да се прошири оваа акција, бидејќи како да ги заборавивме аптеките бидејќи со право пензионерите се незадоволни. Оваа акција ќе добие и свое второ полувреме и затоа апелирам до сопствениците на аптеки да размислат, а ќе има и трето полувреме за синџирите за бела техника. Ние пошироко ќе гледаме на оваа состојба бидејќи се влегува во потрошувачката кошничка, вклучувајќи ја и продажбата на текстил, нагласи премиерот Мицкоски.

Премиерот најави дека во периодот кој што следи Владата планира намалување на парафискалните давачки, односно како што рече, нешто што позитивно ќе влијае на намалување на цените.