Еднаков и праведен третман на сите граѓани и фирми и ефикасен даночен систем кој ќе биде поддршка на зелената одржлива економија, се целите кои сакаме да ги постигнеме со даночната реформа. Инклузивноста е од особено значење за целиот процес – од формирање на нацрт концепт до дефинирање на реформите, оттаму изминатите две години МФ имаше широки консултации за даночната реформа. Ова го посочи министерот за финансии, Фатмир Бесими во вчерашната дебата на емисијата „24 Анализа”.
– Поквалитетно здравство, образование и инфраструктура е крајната цел што треба да се постигне со реформата на даночниот систем. Предлогот во однос на праведното оданочување е некој што не плаќал или плаќал помалку данок по повластена стапка или бил ослободен, да се израмни со останатите, бидејќи концептот на праведност е сите во системот да бидат еднакви – вели Бесими.
Министерот посочува дека целиот процес е воден преку максимална транспарентност, како и дека и од самите дебати има произлезени соодветни идеи и решенија.
– Отворивме дебата за да ги слушнеме сите страни. Се работи за системски реформи со долгорочно влијание врз нашиот развој и економијата. Крајната цел е да се подобрат јавните услуги, бидејќи сите сакаме поквалитетно образование, поквалитетно здравство, поквалитетна инфраструктура. Околу 160 милиони евра плаќаме камати од претходните задолжувања и тоа со децении. Како економија создаваме помалку отколку што трошиме. Мора да имаме даночен систем кој ќе биде праведен и транспарентен. Праведноста опфаќа и намалување на сивата економија – вели Бесими.
Од аспект на сивата економија министерот нагласи дека едни од мерките се обезбедувањето на е-фактурите, е-фискализацијата, „trace and track“ за акцизните добра во царината, како и други мерки кои се однесуваат на намалување на сивата економија, а се согласно Акцизниот план за намалување на сивата економија за 2021-2025 година.
Дискутирајќи за соодветните решенија, министерот се осврна на Законот за добивка, за кој посочи дека целите на реформата е да се насочат средства кон зелена транзиција, дигитализација, истражување и развој, односно структурни реформи кои ќе ја направат нашата економија поразвиена и поодржлива. Тој потсети на енергетската криза со која се соочува светот и домашната економија и посочи дека мора да почнат да се преземаат системски мерки уште од сега за да се заштити економијата на долг рок.