Фото: Игор Бансколиев

Зошто од бизнис-заедницата во Македонија предупредуваат дека „новите даночни прописи, вака како што се форматирани, неповолно ќе се одразат на тековните економски активности, кои сѐ уште се неповолни, и поради екстензивноста на енергетската и економската криза, кај нас и во светот“?

Бизнис-заедницата ги детектира најголемите економски предизвици за 2023 година (3)

Министерството за финансии за наредната година најави голема даночна реформа. Според нивниот план, со предвидените реформи, во буџетот треба да се слеат дополнителни 54 милиони евра. Главната цел на даночната реформа, според предлагачите, е да се воспостави „даночен систем што ќе овозможи одржлив, инклузивен и забрзан економски раст“. Во тој контекст, предлагачот како приоритетни на новата даночна стратегија ги поставил следниве принципи: правичност на даночниот систем, ефикасност, ефективност и транспарентност, како и зелен концепт на даночниот систем. Од предлагачите за новата даночна политика беше соопштено дека најавените промени се однесуваат само на делот на три даноци – данокот на личен доход, данокот на додадена вредност и данокот на добивка. За издвојување е дека во текот на подготвувањето на законските измени, предлагачот на новата даночна реформа ја напушти идејата за воведување на прогресивниот данок.

Бизнис-заедницата во своите анализи има низа забелешки на концептот на даночните реформи

Од бизнис-заедницата во Македонија веќе предупредија дека „новите даночни прописи, вака како што се форматирани, ќе се одразат неповолно на тековните економски активности, кои се уште неповолни поради екстензивноста на енергетската и економската криза кај нас и во светот“. Бизнис-заедницата истакнува дека „со предвидените реформи се укинува ослободувањето од обврската за плаќање на данокот на добивка на фирмите што остваруваат приходи на годишно ниво до три милиони денари, а доколку се усвои овој предлог-закон, категоријата што беше ослободена од данок на добивка до три милиони денари промет, сега ќе плаќа данок со влегување во категоријата на обврзници од три до шест милиони денари“. (Исто така, овие деловни субјекти, како досега, ќе избираат дали ќе плаќаат данок на добивка од 10 отсто или 1 отсто на вкупниот приход.)
Во таа категорија спаѓаат даночните микрообврзници, кои се најголем број, но истовремено се најкревки и најмали во економијата, со исклучок само на занаетчиите што ги исполнуваат условите за паушално оданочување. Професорката по финансово и даночно право Александра Максимовска од Правниот факултет смета дека поголемото даночно оптоварување на малите бизниси, кои и онака се во тешка состојба по пандемијата и енергетската криза, во практика нема да значи поголема праведност во оданочувањето.
– Можам да претпоставам сосема друго, токму тие да се обидат да прикажат поголеми расходи, за да не пријават добивка за оданочување. Тогаш измените наместо да стимулираат нови мали стопански субјекти како досега, ќе стимулираат даночна евазија. УЈП ќе има повеќе работа, а буџетот нема да се зголеми. За оние со вкупен годишен приход до три милиони денари, се плашам дека ќе се изгубат потенцијалните даночни приходи од нив – вели Максимовска.
Во атмосфера на намален тренд на отворање нови правни лица, условите што се создаваат со законските измени само ќе стават клуч на многу мали бизниси. Поради економската криза, во првите шест месеци од годинава затвориле околу 5.000 фирми, а само последниве два месеца, октомври и ноември, затвориле 707 фирми, што е 11 отсто повеќе од минатата година. Во овие два месеца се отворени 1.000 фирми помалку во споредба со минатата година.

Последиците од даночните реформи врз малите бизниси ќе се прелеат
и ќе се рефлектираат и на средните и големите даночни обврзници

Според анализата во бизнис-заедницата, со новите даночни реформи, многу деловни субјекти ќе бидат внесени во сивата зона и ќе јакне неформалната економија. Економистите и бизнисмените сметаат дека предложените даночни мерки нема да влијаат на остварување на еден од приоритетите на даночната реформа, а тоа е тој да биде еднакво праведен за сите економски учесници.
Имено, како што е познато, се предлага да се зголеми даночната база преку две основи: едната основа е намалување на сивата економија, а вториот аспект е преку намалување на таканаречените даночни трошоци или ревидирање на листата на даночни ослободувања. Буџетот ќе може да се полни од парите од хонорарците, но само доколку сакаат да си плаќаат придонеси за пензиско и здравствено. Даночењето на хонорарите би се применувало од 1 јануари 2024. Ќе треба да се направи дигитална платформа на која хонорарците ќе можат да се пријават за да им тече стаж и да имаат здравствено осигурување.
– Полнењето на буџетот ќе падне врз лицата што остваруваат сопствени приходи врз основа на фриленсерство, кои и досега плаќаат десет отсто данок, плус дополнително за здравствено осигурување. Новиот концепт на оданочување е погрешен. Никој не е луд да плаќа пензиско за систем што е во долгови, се нема пари за пензии и цело време се задолжуваат – тврдат повеќе наши соговорници економски аналитичари.
На пример, во бизнис-заедницата тврдат дека „малите бизниси се против намерата на власта да плаќаат еден отсто од годишниот промет или 10 отсто од годишната добивка“. Од Занаетчиската комора, бизнис-здружение што е најзасегнато со овие предлог-измени на Законот за данокот на добивка, велат дека со воведувањето на новата давачка се отвора простор за сива економија. Од Сојузот на стопански комори предупредуваат дека доколку бидат усвоени измените на Законот за данокот на добивка, кои предвидуваат укинување на ослободувањето на компаниите од плаќање годишна такса, во случај да немаат направено три милиони денари, во опасност да опстојат се околу 50 илјади мали и микрофирми.
– Втора клучна забелешка на истиот предлог-закон е одредбата со која се предвидува обврска за плаќање петкратен износ на данокот во случаите кога даночниот обврзник документирано не докажува дека даночното ослободување го искористил за вложувања во материјални средства и во нематеријални средства за проширување на дејноста – нагласуваат од Сојузот на стопански комори.
Исто така, бизнисмените велат дека е „проблем и тоа што овие законски измени воопшто не биле објавени на Електронскиот национален регистар на прописи“, а дополнително се револтирани што овие нови правила се носат по брза постапка, без да се остави простор на приспособување или претходно планирање на компаниите.

Ослободување од давачките заради нови вложувања во производството

Со даночната реформа планирана за следната година се предвидува и воведување еднократен данок на екстра-добивка за дел од најголемите компании со приходи над десет милиони евра. Од Министерството за финансии го најавија како нов данок за екстра-профит. Со него би се опфатиле фирмите чиј годишен приход е над десет милиони евра – но само ако е за 20 отсто поголем од просекот што го остварувале во последните четири години. Ова значи компаниите што годинава ќе завршат со 10 милиони евра добивка, а просекот што го имале четири години наназад е осум милиони евра – ќе плаќаат дополнителен данок за екстра заработените два милиони евра. Ова даночење, според најавите, би било еднократно и би важело само за 2023 година.
Од здруженијата на стопанските организации напоменуваат дека новите даночни оптоварувања ќе ги намалат финансиските потенцијали на фирмите за вложување во нови производствени програми и опрема. Покрај воведувањето на даноците на добивката и на екстра-приходот, со даночната реформа се предвидува и враќање на повластената стапка на ДДВ од 5 отсто на 10 отсто, кај повеќе прехранбени и други производи, кои не се сметаат за основни. Истата стапка ќе важи и за струјата… Иако даночната реформа беше најавена уште пред еден месец, а новините треба да стапат од 1 јануари, деталите сѐ уште не се објавени. Дискусијата што се води сега со коморите е во однос на посебен, нов вонреден данок, а тоа е данок на дополнителна екстра-добивка, што значи по примерот на другите земји, како Велика Британија, Италија, Унгарија, Хрватска.
За граѓаните останува иста даночната стапка кај данокот на личен доход, која беше и ќе остане 10 отсто. Кај доходот од добивките од игри на среќа, данокот ќе се плаќа по стапка од 15 отсто. Втора ставка што останува иста е неоданочувањето на каматите на орочените депозити, до влезот во ЕУ. Ова е добро, а претпоставувам е во договор со банкарскиот сектор и во интерес на финансиската стабилност. Трето, ќе се оданочуваат капиталните добивки од продажба на хартии од вредност и удели од инвестициски фондови, а кои ќе се отуѓат во рок до две години од стекнувањето. М.Ј.